Дали премиерот Христијан Мицкоски има назначено внатрешни и надворешни соработници и кои се тие? Овa едноставно прашање го испративме на официјалниот владин имејл за комуникација со новинари на 29 јули.
Владата веќе два месеца нема портпарол, така што можност за комуникација со лице што официјално ја претставува институцијата не постои. На 12-те владини седници досега се именуваа стотина луѓе на директорски позиции и во управни одбори на претпријатија, за кои многу граѓани и не чуле дека постојат. Но, не и лице во чиј опис на работното место ќе стои да одговора на новинарски прашања.
Поради тоа, нашите обиди за добивање информација одеа преку партискиот портпарол Наум Стоилковски, кој и самиот се понуди да биде посредник сè додека не се назначи владин портпарол.
Но, три недели подоцна, одговор сè уште нема.
Комуникацијата со Стоилковски траеше исто толку денови. Преку телефонски разговори и СМС пораки. Забораваше што сме го прашале, ветуваше податоци за следниот ден, забораваше каде сме го испратиле имејлот, па имаше ветување „утре ќе ви најдам одговор“, за по десетина дена да ни пише – „ собирам податоци“. И толку. Сега нема одговор ниту на прашањето – кога може да очекуваме одговор.
А советници, за кои и се однесуваше нашето прашање, според објавите на социјалните мрежи, премиерот веќе избрал. Па, додека ги чекаме податоците од Владата, некои од нив веќе сами почнаа да се промовираат на социјалните мрежи.
На пример Столе Пандов, синот на директорот на затворската управа Александар Пандов, споделува фотографии од владата, проследени со информации за средби од позиција советник за млади во канцеларијата на премиерот. Ја промовира и својата колешка Ангела Ѓошевска, која оди со него на средби од позиција на советничка на премиерот за правни работи.
Досега имињата на советниците на премиерот беа објавувани на владината интернет-страница сосе точната област на советување и надоместокот што го земаат за таа позиција. Но, сега таму сè уште стојат имињата на советниците на поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Кој го советува премиерот, пак, е важно да се знае од неколку причини, меѓу кои каков профил луѓе го советуваат и дали се стручни и компетентни за областите за кои ги ангажирал. Некогаш е важно и каква заднина имаат и дали имаат лични интереси кога го советуваат за државни прашања. Освен тоа, особено ако се суди според тоа за што реагираше ВМРО-ДПМНЕ во минатото, важно е и кој и колку пари добива од државниот буџет.
Досегашната влада, која не се прослави со владеењето во многу сфери, направи напредок барем во една – во транспарентноста.
Уште во август 2017 година, кога беа објавени првите советници на тогаш новиот премиер Зоран Заев предизвикаа реакции. ВМРО-ДПМНЕ, со денови ги прелистуваше биографиите на Зоран Башановиќ, Исмет Рамадани или Мерсел Биљаљи и ги броеше парите што ги земаат од државниот буџет. Листата советници растеше од година во година, па стигна до 36, што ВМРО-ДПМНЕ пресмета дека ја чини државата околу 400.000 евра.
Во тој период се отвори и базата Отворени финансии, на која во кое било време секој граѓанин можеше да ги види исплатите од државните институции. Сега последно базата е ажурирана пред повеќе од два месеца – на 17 јуни, што значи ниту еднаш од кога е избрана новата влада.
Деновиве е укината и можноста, тендерите систематизирано и лесно да се следат на агрегатот Тајм.мк. Иако сервисот постоеше од 2012 година, дванаесет години подоцна, Бирото за јавни набавки оцени дека тоа го оптоварувало сајтот.
Затоа не е изненадување што веднаш ваквите чекори се перцепираат како удар врз транспарентноста, а не како обични технички зафати. Тоа е поради минатото поведение што го имаше оваа партија за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Во тоа време, реткост беше да се добие одговор на прашање што не ѝ одговара на власта, портпарол да крене телефон ако му ѕвони новинар, кој во партиските кругови е етикетиран дека „не е од нашите“, додека институциите беа завиени во ѕид од тишина. Во тоа време, незамисливо беше и да се дознае на пример списокот на советници на тогашниот премиер Груевски.
Тие се дознаа дури кога власта ја презеде СДСМ, па токму затоа и се третираше како ударна вест со денови. Подоцна СДСМ не можеше да отстапи од тој минимум информации, оти ќе беа исти како оние што со години ги критикуваа.
Токму тоа ѝ одговараше на сегашната власт, кога беа во опозиција. Тие постојано ги користеа тие алатки за транспарентност за да ја критикуваат власта. И ветуваа поголема отчетност кога ќе дојдат на власт.
Така е запишано и на владината интернет-страница, каде што меѓу седумте приоритети во владеењето од 2024 до 2028 година е наведена „обврзувачка транспарентност“.
Ветувањата не изостануваат ниту во владината програма. И во неа уште еднаш ветуваат дека „транспарентноста на владата ќе биде врвен приоритет во функционирањето“.
Но, од стоте дена владеење помина повеќе од половина. Од владеењето на американскиот претседател Франклин Рузвелт во триесеттите години на минатиот век е воведено неформалното правило за првите сто дена владеење. Додека во македонското општество, овој период се сфаќа, пред сè, како ослободен од критики, а во светот посебно се анализираат тие денови за да се видат приоритетите и способноста на оние што дошле на власт. Тоа е период во кој владата растоварена од заканата од изборен пораз може да преземе и чекори што не се популарни, но се добри за државата.
Ако се следи тој концепт за првите сто дена, изгледите за владината транспарентност се загрижувачки. Оти денот по утрото се познава.
Засега владата не ја исполни ниту законската обврска – да го објави списокот на ангажирани лица. А немате ни кого да прашате, немаат портпарол.
Транспарентност, во најмала рака, е и да се одговори на тешките и незгодни прашања, но и да се отвораат информации за јавноста. И се мери исклучиво по тоа.
Оти не е транспарентност тоа што премиерот и министрите одат на секоја телевизија и зборуваат колку е лоша претходната влада, најавуваат истраги за доскорашните функционери, или по којзнае кој пат зборуваат за реформите што ќе ги прават, а потоа имејл-сандачињата и вибер-групите се бомбардираат со пораките што ги испратиле. Тоа е маркетинг и пропаганда.