Анализи

Владината соработка со невладините на тенок мраз

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество не функционира со месеци

Претставниците на граѓанските организации во Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја бојкотираат работата на ова тело од март годинава. Сепак, и покрај одлуката за бојкот, одржaле вонредна седница на шести октомври, но само за да изградат заеднички став што ќе се прави понатаму.

Дали бојкотот ќе прекине, зависи од подготвеноста на власта да се сретне и да најде заеднички јазик со членовите на Советот. Тие  побараа средба со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците – Артан Груби, потпретседателот на Владата задолжен за европски интеграции – Бојан Маричиќ, министерот за финансии – Фатмир Бесими и со генералниот секретар – Методија Димовски, на која очекуваат да се направи напор да се надминат недоразбирањата. 

А до нив дојде, како што велат, не поради владината одлука мандатот за распределбата на буџетските пари за невладиниот сектор да го префрли во Министерството со кое раководи Груби, туку поради тоа што нема пари во Генералниот секретаријат, но и начинот на кој тоа е направено.

Досега парите наменети за граѓанскиот сектор што се однесуваат на приоритетите на Владата ги распределуваше Генералниот секретаријат врз основа на претходно усвоена програма што ја подготвуваше Советот, односно заедно владините претставници и граѓанскиот сектор.

„Проблемот со одлуката донесена на владината седница од 27 септември 2022 година е што таа не е консултирана со Советот“, вели за БИРН претседателката на Советот, Фани Каранфиловска-Пановска.

Неусогласеност и во владините тела

На тој начин, владата ја укина заеднички донесената одлука во 2019 година, која „беше изготвена и се донесе во консултација со членовите на Советот и со широк круг на други граѓански организации“, со која се утврдуваше начинот за распределба на средствата за поддршка на проекти поврзани со процесот на европска интеграција, владеење на правото, борбата со корупцијата, економскиот и одржлив развој.

„Со последната одлука, таквата можност веќе не постои и со тоа се дерогира институционалната поставеност и улога на Одделението за соработка со невладини организации при Генералниот секретаријат“, вели Пановска.

Како што се дефинирани работите сега, проектите ќе бидат оценувани од комисија формирана од Министерството за политички систем, а во неа ќе членуваат вработени од тоа Министерство, вработени во други државни органи, членови на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор и експерти што ќе ги определи Груби.

Дека постои неусогласеност и внатре во владините тела може да се прочита од записникот од октомвриската седница. Калинка Габер, која присуствувала во својство на државен советник во Кабинетот на генералниот секретар на Владата, навела дека „легитимната функција за распределба на финансиски средства за граѓански организации е во Генералниот секретаријат“, но и дека треба да се утврди зошто двете програми се интегрирани во една.

Од Владата не одговараат конкретно на прашањата на БИРН врз основа на која анализа ја донеле одлуката со овие пари да раководи Министерството за политички систем.

„Ви укажуваме дека oдлуката е донесена со цел рационално искористување финансиски средства, кои веќе биле предвидени кај друг буџетски корисник“, e скромниот владин одговор.

Проблемите меѓу претставниците на граѓанските организации се навестуваат и претходно, кога во буџетот за 2022 година што бил испратен на собраниска расправа, забележале дека парите наменети за невладините организации ги нема.

Но, потоа  во владина процедура се појавиле во дополнителен предлог-буџет, но биле наменети само за Црвен крст. И таа одлука, тврдат од Советот, била донесена без консултации со нив. 

На седницата на Советот одржана во февруари, членовите барале парите наменети исклучиво за Црвен крст, да бидат пренаменети за граѓанските организации, но им било одговорено дека тоа не е можно. Прецизен одговор добиле и од Министерството за финансии во март. Тогаш била одбиена нивната предлог-програма за финансирање невладини организации зашто, како што се наведува, „средствата во висина од 15.000.000 денари ќе бидат наменети за потребите на Црвен крст“.

Загрозена улогата на Советот

По многу години тензии меѓу невладините организации и Владата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, владата предводена од СДСМ се обиде да го стави во функција Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Тој совет, меѓу другото, одлучуваше и за програмите за финансирање на владата на невладиниот сектор. Почна да функционира во 2018 година и изгледаше како работата да одеше добро, сѐ до пролетва. 

Во Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество има вкупно 31 членови. Петнаесет се вработени во администрацијата, а шеснаесет се од невладиниот сектор.

Улогата на Советот досега беше оценувана како позитивна во европските извештаи. Во последниот извештај за напредокот на Македонија објавен месецов, пак, се нотира бојкотот на невладините организации, нагласувајќи дека „властите не ги вратија стандардните распределби за државно финансирање во годишната програма за соработка со граѓанскиот сектор во додатокот на државниот буџет за 2022 година“.

Доколку состанокот што го бараат членовите не резултира со надминување на проблемите, најавата е дека тие би можеле да донесат и „порадикална одлука во контекст на нивното членство и учество во работата на Советот“.

„Таа апсолутно никому не би му била од полза во ситуација кога дијалогот меѓу Владата и граѓанското општество е неопходно како никогаш досега да се интензивира и да станува сѐ посуштински, за што очекувањата се поткренати и дома, но и во Брисел“, ни кажа Каранфиловска-Пановска.