Анализи

Владини возила: комфорот извесен, исплатливоста и не баш

Нема цврсти докази дека оперативниот лизинг за автомобили е економски оправдан

За да избегне „непредвидено“, владата „предвидено“, на секои три години троши по околу 1,8 милиони евра за позајмување возила за министрите и за другите функционери. Ова е заклучокот што произлезе од одговорите што ги добивме од владината Служба за општи и заеднички работи во врска со набавките на автомобили преку оперативен лизинг на три години (користење и враќање), за што се плаќа речиси еднаква сума колку што би чинело да се купат.

Овие набавки се практикуваат уште од 2012 година, од пет последователни влади предводени од двете најголеми, инаку ривалски партии, кои се чини се на иста линија за ова прашање кога се на власт, иако од опозиција им се случувало да го искритикуваат „луксузирањето“ на другиот.

Оправдувањата што досега доаѓале од владиниот кабинет во врска со тригодишните договори за оперативен лизинг, и во 2018 и во 2021 година, биле дека на овој начин се штеди, односно дека тој бил поисплатлив од купувањето. Затоа побаравме детални податоци и објаснувања на кој начин се пресметува и колкави се заштедите.

Наместо со податоци што прецизно би докажале дека со овој финансиски инструмент се заштедува и дека тој е поволен за буџетот, власта го оправдува оперативниот лизинг со избегнување на ризикот од „неизразени во бројка, непредвидливи, но во исто време сигурно постоечки трошоци“.

Исплатливоста ќе ја испитува и  Антикорупциската комисија, која отвори предмет и се очекува во април да извести за наодите.

„Тука има значително трошење буџетски средства и затоа е потребно да се направи анализа дали навистина тој модел е поповолен од купувањето“, вели претседателката Билјана Ивановска.

Оперативниот лизинг дефинитивно има поволности, како што е на пример тоа што функционерите постојано имаат нови возила од високата класа на располагање, но цената не е една од нив. Подеталниот преглед низ трошоците и претпоставените заштеди покажува дека исплатливоста на позајмувањето возила е во најмала рака дискутабилна.

Колку се штеди од каско и од зимски гуми

Владините „шкоди“ паркирани зад зградата на министерствата, поранешна Нова Македонија | Фото: БИРН

Да почнеме од тоа колку се плаќа по возило. Со последниот договор за оперативен лизинг од јули 2021 година, меѓу СОЗР и компанијата „Порше лизинг“, обезбедени се 45 автомобили „шкода суперб“, турбодизел, со погон на четири тркала, по цена од 39.035 евра по возило. Продажната цена на овој модел изнесува 41.290 евра, односно 2.255 евра повеќе.

Само по себе, тие над 2.000 евра не се заштеда, бидејќи со купувањето, возилото би останало во сопственост на државата, а со лизингот тоа се враќа. Освен тоа, со оглед на обемот на набавката, на тендер за купување би можела да се добие и помала цена од редовната наведена во каталозите, ни кажа Сабина Факиќ, програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации, организација што со години ги следи јавните набавки во многу области.

Според Факиќ, нема никаква економска оправданост за тригодишно користење возила да се плаќа речиси иста сума како да се купат, но, вели, тоа е последица од немањето конкуренција, бидејќи во моментов само една компанија ја нуди таа услуга.

„Во услови кога нема натпревар меѓу понудувачите, сосема е очекуван ризикот цените да бидат повисоки од реалните“, додава Факиќ.

Друг аргумент на владата е дека со лизингот обврските на државата завршуваат со плаќањето на договорената сума и дека три години таа треба да се грижи само за да наполни гориво, а сѐ друго покрива фирмата. Така, во одговорот што го добивме од СОЗР, се вели дека се штеди на каско осигурување, автоодговорност, трошоци за технички преглед и за регистрација, зелен картон, набавка на зимски гуми, промена на зимски и летни гуми со складирање, трошоци за обработка на документацијата итн. Оваа заштеда, според пазарните цени на тие стоки и услуги, изнесува по околу 3.000 евра од возило.

Понатаму, СОЗР вели дека се заштедува на сервисирање и на пренос на возилата до сервис ако се расипат, како и дека во периодот додека се поправаат фирмата, мора да обезбеди заменско возило со исти карактеристики, па државата никогаш не останува без автомобили.

Но, со оглед дека станува збор за нови автомобили од висока класа, дефектите кај нив се ретки, дури и инцидентни. Според податоците од Службата, во претходниот циклус оперативен лизинг, од 2018 до 2021 година, вкупно шестпати се случило некој од 45-те функционерски автомобили (тогаш од марката „фолксваген пасат“) да се повлече поради сервисирање и да се употреби заменски.

Освен тоа, со оглед дека новите возила имаат барем две години гаранција, владата ќе имала уште помалку причини да се грижи за трошоците за сервис ако ги купела возилата наместо да ги позајми.

Сѐ на сѐ, ако се собере разликата во цената за лизинг и за купување, како и редовните трошоци, излегува дека за околу 5.000 евра повеќе по возило, државата по три години не би останала без функционерски возен парк, туку би имала 45 автомобили што би ги користела и во следните години.

„Не знам зошто би било страшно да се возат возила и кога ќе бидат постари од 3 години. Станува збор за скапи возила, кои сигурно можат да се возат и повеќе од 10 години. Впрочем, сметам дека е злоупотреба на доверената моќ кога функционерите за себе прибавуваат нешто што не можат да си го дозволат граѓаните што ги избрале“, истакнува Факиќ.

Трипати платени за да се избегне „непредвидливото“

Пред „шкодите“, министрите се возеа во „пасати“ | Фото: БИРН

Како би изгледале пресметките на подолг период за тоа дали нов лизинг на секои три години е поисплатлив од купување? Лесно е да се претпостави дека ако наместо да ги врати, државата ги задржи истите возила уште шест-седум години, со текот на времето на нив почесто ќе им биде потребно сервисирање, со што ќе се зголемат трошоците за нивното одржување и користење.

Но, дали тие би надминале 80.000 евра по возило, колку што чинат два циклуса оперативен лизинг за да се покрие истиот период? Ова е прашање за кое државата сѐ уште нема прецизен одговор.

Дури и ако е целта постојано да има нови возила за функционерите – подобри, побезбедни и поопремени од претходните модели, оперативниот лизинг не е единственото решение. Едноставно, тие може да се продаваат по три години и со собраните пари да се покрие значителен дел од трошокот.

Фактот што, според податоците од СОЗР, ниту едно вратено возило од претходниот лизинг во 2018 до 2021 година, не го надминало лимитот од поминати 120.000 километри, ги прави автомобилите поатрактивни за продажба. На огласниците може да се најдат и послаби модели на „шкода суперб“ и „фолксваген пасат“, стари три до четири години, со повеќе изминати километри, како се нудат за суми од околу 20.000 евра.

Всушност, еден од овластените дистрибутери на Шкода и на Фолксваген, Делукс Ауто од Куманово (фирма за која БИРН пишуваше во минатото), во својата понуда на половни возила има „пасат“ произведен во 2018 година, со исти карактеристики како претходните владини автомобили – турбодизел, мотор од 2.000 кубни сантиметри и 190 коњски сили. Има 112 илјади поминати километри и се продава за 23.900 евра.

Огласот е објавен на 20 октомври 2021 година, неколку месеци откако владата склучи нов договор за лизинг и ги врати „пасатите“ позајмени во 2018.

Ако ваквите возила ги достигнуваат тие цени по тригодишно користење, значи дека државата би можела да покрие речиси половина од трошокот за набавка на нови возила, наместо на секои три години да ја плаќа речиси целосната сума по возило преку нов договор за оперативен лизинг.

Но, тоа би значело дека целото администрирање на тие процеси – купувањето, регистрирањето, менувањето гуми, инцидентното сервисирање, продажбата и новото купување, би требало да го менаџира некој од 200-те административни службеници на СОЗР, на кои тоа им е всушност работа.

„Улогата на СОЗР е да го систематизира и да го организира начинот на управување со службените возила на владата“, вели Факиќ.