Одржување на првата политичка меѓувладина конференција во Брисел како прв чин од процесот за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ тешко дека ќе го намали јазот во јавното мислење создаден во последниве неполни два месеци.
Целиот процес на прифаќањето на францускиот предлог, од неговото официјално одбивање до неговото повторно промовирање како изменет, па протестите на кои се донесе и гилотина, се до собраниската “вувузела процедура” која најмалку може да се нарече дебата, го оставија општеството сериозно поделено.
Опозициските пратеници на своите колеги од власта им лепеа силни епитети како „однароден изрод“, или „бугарски мрсник“.
„Не е тоа само реторика, туку се создаваат и предуслови за физичкото насилство да биде легитимно“, вели во разговор за БИРН политикологот Љупчо Петковски.
Заборавена тежина на зборовите
Подгревањето на општествена поделеност од политичарите со изедначување дека секој што не мисли како нив работи е предавник, или пак работи за некои странски и туѓи интереси може да се смета за понова традиција која почна да се воспоставува како реалност во јавниот дискурс од 2015 година, кога опозицијата предводена од СДСМ почна да ги објавува таканаречените бомби.
Тогашниот премиер Никола Груевски тоа го препиша на „странски служби кои не можат да прелажат народ“, а најавуваше и дека ако продолжеле така немало да може да ја држи ситуацијата под контрола оти народот вриел и “во еден момент може да му дојде преку глава и да влезе во нова фаза“.
Една година по ваквиот говор на сегашниот азилант во Унгарија се случија собраниски настани познати како упадот на 27 април. Тогаш дел од луѓето кои протестираа против да му се даде мандат за состав на нова влада на Зоран Заев влегоа во собранието и го предизвикаа крвавиот инцидент.
Подзаборавената тежина на зборовите кои доведоа до раскрвавените глави сега изгледа како никој да не ја памети. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од жестокиот говор кој е и една од причините за упадот, а премиерот Димитар Ковачевски се обидува да ги отфрли сите обвинувања со фразата која наликува на онаа на Груевски, дека секој што е против нив работи за странски нарачки.
Македонското општество поделено не само по партиска, туку и по етничка линија несомнено е подложно и на она што се заклучува во странските студии правени по насилниот упад од поддржувачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Капитол Хил.
Во нив се посочува дека политичарите ги продлабочуваат постојните поделби кога користат запалив јазик и говорот на омраза, а тоа пак ја зголемува веројатноста во општествата да се случи политичко насилство и тероризам.
Можеше ли поинаку?
Поделеноста во однос на позициите кон македонско-бугарскиот спор не дојде од небо и не е непосредно поврзана со францускиот предлог. Тлееше веќе две години од моментот кога Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција, а власта беше упатени на преговори.
Во поттикнување на таквите поделби помогнаа и некои бугарски политичари. Често од таму се слушаа навреди кон Македонците со тврдења дека не постојат како народ, или пак дека немаат сопствен јазик. Овие софиски гласови придонесоа за создавање на перцепција дека секој што преговара со Бугарија е предавник.
Влог во оваа ситуација има и власта. Таа често во процесот на преговори не беше транспарента со што создаде плодна почва за сомнежи во однос на нејзините намери.
Според Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, власта е онаа која што ја пропуштила можноста да ја деполаризира состојбата поради „лошо водената постапка“ и „двосмислените изјави“ дека се одбива францускиот предлог и дека ќе има широки јавни консултации, а потоа вели „во брзање се усвои се“.
Петковски пак вели дека сега, по обелоденувањето и на третиот документ од пакетот, протоколот кој го потпишаа македонското и бугарското министерство за надворешни работи, ситуацијата „ќе издиши“.
Тој како рецепт за стивнување на страстите ги споменува објаснувања од власта за решението и јавни дебати во кои ќе учествуваат и поддржувачи и критичари на решението. Смета дека до поголеми инциденти нема да дојде.
„Може да има спорадични инциденти, но не мислам дека може да се повтори нешто што наликува на случувањата на 27 април 2017 година“, вели Петковски.
Тој додава дека една од причините зошто нема капацитет да се повторат крвавите сценарија од пред пет години е тоа што сега СДСМ е на власт и има контрола врз ситуацијата.
И Кржаловски не верува дека може да дојде до понатамошни ескалации и насилства, а како сојузник на смирување на ситуација го споменува периодот на летни одмори. Сепак, додава дека во земјава функционира принципот заборави и продолжи, што според него на подолг рок може да не е добро.
„Тоа тлеење на незадоволството може да ескалира и по декади и затоа е подобро да се соочиме со сите фрустрации сега“, вели тој.