Четвртите парламентарни избори во Бугарија одржани во последнава година и пол го пресликаа истото расположение на бугарските граѓани, како и во претходните три циклуси – крајно поделено меѓу сосема спротивставените политички опции, проевропски и проруски, концентрирани околу Бојко Борисов и собрани против него.
Ваквата постизборна слика ја намалува можноста за формирање стабилна влада, нешто што се случуваше и по претходните избори.
Апатијата на гласачите се потврди и со најниската излезност од 1990-тите години досега.
Првите изјави на тамошните политичари, уште синоќа ја навестија комплицираната постизборна математика што ја донесоа резултатите. Можеби затоа многумина од нив, во првите часови по изборите, решија да молчат.
Меѓу нив е и Борисов, кој освои најмногу гласови, што, според првичните проценки, му носат 67 пратеници. Тие се далеку од потребните 121 за да има мнозинство во бугарскиот парламент.
Политичарот, кој во живо често се вклучува на Фејсбук за да сподели како вози џип или разговара со свои поддржувачи, по изборната вечер излезе само со краток пишан коментар – „им благодарам на сите што нѐ поддржаа“ и не ги навести можните идни чекори.
Силните и жестоки противници на Борисов, кои како партија произлегоа од протестите против владеењето на ГЕРБ, уште синоќа му ја препуштија играта на својот политички опонент. Кирил Петков, чија „Продолжуваме со промените“ освои 54 пратеници, кажа дека ГЕРБ треба да формираат влада и дека одговорноста е нивна.
Во истиот кампус партии што одбиваат какви било преговори за коалицирање со Борисов e и Бугарската социјалистичка партија, која има 25 пратеници.
Мали се шансите и за „Демократска Бугарија“, која освои 20 места, за коалицирање со Борисов, иако тој за неа вели дека е „посакуван партнер“. Тоа е партијата што беше во владата на Петков.
Демократска Бугарија веќе постави три услови за некој да ја добие нивната поддршка – борба против корупцијата, која, според нив, е наследена од управувањето на ГЕРБ, реформи во судството и придржувањето до јасен став против руската агресија врз Украина.
Движењето за прави и слободи, чиј главен електорат се бугарските Турци, доби 35 места. Нивни партиски член е и Дељан Пеевски, еден од симболите за корумпираност во бугарското општество, моќник за кого Соединетите Американски Држави воведоа економски санкции.
Токму затоа ДПС се смета за не многу посакуван партнер за владите во Софија, кои декларативно сите се борат против големата корупција во една од најсиромашните земји-членки на Европската Унија. И самиот Борисов, два месеца пред изборите најави дека ако победи, ќе се обиде да формира влада, но ја исклучи можноста за сојуз со ДПС.
Искусниот Борисов, кој првата функција на избори ја доби во 2005 година, кога беше избран за градоначалник на Софија, досега во трите влади секогаш имал коалициски партнер од таканаречениот патриотски блок. Но, сега, за да формира влада, ќе треба да најде и заеднички идеолошки јазик со проруски ориентираните Преродба на Костадин Костадинов и Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев.
Борисов никогаш јавно не декларирал поинаква определба, освен евроатланската, за разлика од Костадинов, кој во своите јавни настапи застапува теза дека Бугарија треба да репреговара за правилата за членство во Европската Унија или да излезе од сојузот, а дека НАТО треба да се напушти оти е закана за бугарската безбедност.
Борисов сега остана и без своите стари владини партнери, ВМРО на Красимир Карачанов. Таа партија и на овие избори, како и на минатите, не успеа да го помине потребниот изборен цензус од четири отсто гласови. Каракачанов, заедно со својот сопартиец, европратеникот Ангел Џамбаски, важеа за едни од најжестоките противници на деблокадата за Македонија од страна на владата на Борисов.
Во овој парламент, по сѐ изгледа, нема да влезе и уште еден бугарски политичар, кој гласно извикуваше: „Македонија“. Слави Трифонов, лидерот на „Има таков народ“, чека да се избројат гласовите од дијаспората за да види дали ќе се надмине потребниот цензус.
Неуспехот на бугарските партии што заземаат жестоки позиции кон македонското прашања можеби е една од причините зошто оптоварените односи со Македонија овојпат не беа една од главните теми во предизборната дебата.
Телевизиските студија за овие избори беа резервирани за расправии на тема набавка на гас, позиционирање на Бугарија меѓу САД, НАТО и Украина и Русија, инфлацијата, тешката зима што следи…