Транспарентноста на ЕСМ како еднонасочна струја

Коментар на Гоце Трпковски

Националниот електропроизводител Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), со години го носи епитетот златна кокошка во македонската економија, особено во оној дел што е под државна капа. Спроведувајќи годишни планови за јавни набавки вредни од 200 до 300 милиони евра (според извештаите објавени од компанијата до 2020 година), таа врти суми што ретко која институција, јавно претпријатие или државна компанија може да ги замисли.

Освен што има толку голем удел во економијата, ЕСМ е и од врвно стратешко значење за државата – ја обезбедува струјата што ни е неопходна за нормално да функционираме.

Може цел ден да се редат причините зошто ЕСМ е важна и зошто е потребно со големо внимание да се следи нејзината работа, да се внимава на евентуални неправилности, сомнителни зделки, коруптивни пракси, како и скриени политички или бизнис-влијанија врз нејзините активности. Сето тоа носи силни економски, безбедносни и други ризици.

Сепак, кога се во прашање ЕСМ и набавките, веќе се навикнавме да ја гледаме компанијата како одржува тесни врски со моќен бизнис-клуб што за неа ископува јаглен од рудниците околу РЕК Битола, најголемиот комбинат за производство на струја во земјава. Овој клуб по потреба се „надградува и проширува“, во зависност од тоа која политичка гарнитура е на власт.

Слушнавме како премиер му наредува на директорот да организира „сите да бидат задоволни“, кога се одлучува чии багери да црпат од тоа богатство, видовме како бизнисмен оди во затвор поради тоа, најдовме како нов играч што го нарекува братот на поранешниот премиер „пријател“ влегува во бизнисот по промената на власта, а откривме и како софтверот што требало да ја контролира работата на овој клуб, за тој да не наплатува повеќе отколку што сработил, бил изигруван и на крајот напуштен.

Затоа, кога компанија со таква историја ќе реши да ангажира две тазе формирани микрокомпании со сомнителна сопственичка структура за да ѝ носат јаглен од Албанија и од Грција, притоа давајќи им договори вредни девет милиони евра, се отвораат сериозни прашања.

Меѓу нив се секако прашањата како успеале луѓе без искуство во енергетиката да победат? Каква конкуренција имале? Кој гарантира за нив? Дали е случајно што еден ист човек се појавува како косопственик во двете фирми?

Одговори на овие прашања засега нема, освен уверувања од челниците на компанијата дека сѐ е законски и сѐ е во ред, договорите се регуларни и обврските се исполнуваат. Овие објаснувања се придружени со фалби дека компанијата во сегашните набавки на јаглен е и потранспарентна отколку што треба да биде, затоа што, иако според Законот за јавни набавки може да купува јаглен, мазут и други енергенси со договори во четири очи, таа, сепак, објавува огласи што секој може да ги види и на кои секој има право да достави понуда, ако ги исполни пропишаните услови.

Е баш ви фала. Тоа е доволно да не забележиме дека оваа транспарентност на ЕСМ е како еднонасочна струја. Тече само од компанијата кон јавноста, кога компанијата ќе одлучи. Наизменичната транспарентност потешко функционира, па кога граѓани, граѓански организации, новинари или други ќе се обидат да ја променат насоката, односно да побараат и да добијат информации, лесно може барањето да не им се исполни.

Така беше во случајот со двете микрокомпании, основани откако веќе бил распишан тендерот што го добиле, со регистрирани седишта во Скопје, но без канцеларии, без податоци за контакт, без луѓе во сопственичката или во управувачката структура што имаат видливо искуство со енергетиката, а, сепак, ангажирани да ѝ помогнат да ја извлече земјава од последиците на светската енергетска криза.

БИРН ги побара договорите со овие и придружната тендерска документација, како документи од јавен карактер, но „транспарентната“ електропроизводствена компанија никако да фрли малку светло врз нив. Ниту во законскиот рок од 20 дена за да достави одговори, ниту 20 дена подоцна. Кога е оваа транспарентност во прашање, мрежата, едноставно, е во прекин.

Тоа не е проблем само со БИРН. Еден мал преглед врз податоците обезбедени од Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер покажува дека ЕСМ имала пракса или да ги премолчува барањата, или при одговарањето да користи разни „отпорници“.

Слично како отпорниците во вистинската електроенергетска мрежа што предизвикуваат пад на напонот на струјата меѓу приклучоците (неопходно за да може енергијата да се користи во домаќинствата, на пример), кај транспарентноста отпорниците предизвикуваат пад на количеството податоци што протекуваат од ЕСМ кон барателите.

Од видот на „отпорникот“ што ќе се употреби – „деловна тајна“, „тест на штетност“, „заштита на приватноста“ и други, зависи и колку податоци ќе протечат, а според жалбите што ги поднесувале разни баратели, тоа количество се движело од нешто минимално до нула.

Во отсуство на „електричар за транспарентност“, на барателите што нема да добијат информација им останува само една опција – да ја тужат установата пред Управниот суд. Сепак, искуствата покажуваат дека тие судски постапки траат и по две години, време во кое бараната информација може да загуби на важност.

Како што струјата се произведува за веднаш да се дистрибуира и да се користи, така и податоците имаат најголема вредност кога се актуелни, а не кога ќе се извадат од некоја правлива архива.