Оваа недела се одбележува 30-годишнината од трагичните настани во националниот парк „Плитвички езера“, каде припадници на хрватската полиција и на вооружените сили на бунтовничките Срби, се судрија на католички Велигден, во 1991 година.
Според хронолошкиот наратив за војната, ова е прв судир со жртви на обете страни. Овој настан значително го зголеми меѓунационалното непријателство и го отвори патот за ескалација на конфликтот, до која дојде во следните неколку месеци.
Во последните три децении, војната остана формативен фактор не само во животот на помладите генерации израснати по неа, туку и во консолидацијата на државните институции и воспоставувањето на геополитичката позиција на Хрватска, додека нејзиното наследство продолжува да ја надвиснува земјата во сегашноста.
Хрватска, од 1991 година, оди по долг и нерамномерен пат на развојот, кој започна со повоена реконструкција, повторна изградба на државните институции кои ќе функционираат во мирнодопски услови и со создавање на услови за враќање на бегалците во нивните домови, кои беа оштетени во војната.
Денес, Хрватска е најмладата членка на Европската унија и се етаблираше како една од најпопуларните туристички дестинации во Европа. Нејзините културни специфичности, спортски sвезди и млади луѓе, кои постојано ги надминуваат границите на иновациите во бизнисот и во технологијата, се нејзиниот најпрепознатлив знак за напредокот.
Од друга страна, многу од оние родени непосредно пред и за време на војната, ја напуштија земјата. Иако Хрватска се етаблираше како туристички рај и со изобилството на природни ресурси привлекува посетители и инвеститори, таа, сепак, изгуби голем број млади и способни припадници на оваа воена генерација, кои се клучни за нејзината демографска виталност.
Според резултатите од едно истражување спроведено во 2018 година, губењето на довербата во демократските процеси и во владеењето на правото, како и климата што толерира корупција, националистички ексклузивитет и верска нетолеранција, се меѓу главните причини за напуштање на земјата.
Овие причини укажуваат на големи недостатоци во управувањето со државата и обликувањето на нејзиниот социјален, економски и политички пејзаж. Голем дел од нив се неразделно поврзани со начините на кои државното раководство го третира наследството од Татковинската војна (како што ја нарекуваат во Хрватска); одлучувачки момент во нејзината историја.
Во 2000 година, хрватскиот парламент ја усвои „Декларацијата за Татковинската војна“, во која се наведува дека нејзиното наследство е недвосмислено прифатено од сите граѓани на земјата, не оставајќи простор за преиспитување на перспективата на победникот – прилично изненадувачки потег за една демократска земја.
Наративот за победата останува доминантен
Денес, и покрај тоа што поминаа три децении од почетокот на војната, се чини дека таа, во хрватскиот јавен дискурс, е пожива од кога и да е, и дека е постојан извор на инспирација за создавање на уметнички и културни дела.
Така, снимени се бројни филмови посветени на наследството од војната – најновиот е „Генералот“ на Антун Врдољак, кој говори за Анте Готовина, кој беше ослободен од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија од обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, и издадени се многу книги, одржани изложби и создадени други културни и уметнички дела.
Во голема мера, официјалното внимание е свртено и кон зачувување на сеќавањата. Така, од државниот буџет се потрошени големи суми на пари за комеморации за жртвите на војната и ветераните.
Децата на училиште учат за Татковинската војна, а оние што имаат 14 години дури имаат можност да го посетат и Вуковар, градот во кој се одигра една од најтешките и одлучувачки битки. Сепак, учениците кои ги посетуваат овие места немаат можност да слушнат за жртвите од војната кои не биле Хрвати, што е само еден од индикаторите дека постои поголем, проблематичен процес на справување со минатото.
Справувањето со минатото, преку признавање на алтернативните наративи и воените злосторства извршени од двете страни, е бавен и на многу начини несоодветен процес.
Во време кога претседател на државата беше Иво Јосиповиќ (2010-2015), беа преземени важни чекори за отворање на дијалог и признавање на жртвите од другата страна, но кога на оваа позиција дојде Колинда Грабар Китаровиќ (2015-2020), имаше далеку помалку иницијативи за помирување, а жестоката расправа со српската Влада продолжи.
Владата и институциите поддржани од државата, обично не соработуваат со невладините организации, како што се Документа – Центар за справување со минатото или Коалицијата за РЕКОМ, иницијатива за формирање регионална комисија за утврдување на фактите за конфликтите во 90-тите. Ова го пролонгира и онака тешкиот пат за напредок.
За ваквите потешкотии, придонесува и бавноста на правдата, бидејќи многу семејства во Хрватска и Србија, сè уште немаат информации за нивните најблиски, не само затоа што сторителите молчат, туку и поради недостигот на соработка и бавната размена на документи меѓу хрватските и српските правосудства. Многумина, исто така, веруваат дека долгите судења, пред, сега веќе затворениот, Хашки трибунал, резултирале со преблаги казни за бројни сторители.
Покрај тоа, поддршката што хрватските лидери им ја даваат на многу лица обвинети за воени злосторства над Србите и Бошњаците, го спречува процесот на здраво помирување и создава чувство на несигурност и вознемиреност кај припадниците на српското малцинство во Хрватска.
Се проценува дека околу 300.000 Срби ја напуштиле Хрватска за време на војната. Иако хрватскиот закон за национални малцинства формално охрабрува враќање и реинтеграција на бегалците, досега се вратиле само околу 130.000 Срби, бидејќи тие беа обесхрабрени од различните правни бариери, бирократските проблеми и од дискриминаторската реторика.
По поразот во Втората светска војна, Германците се соочија со крајно тешка задача да продолжат напред и тоа го сторија преку прецизни историски истражувања, како и преку болни и јавни морални соочувања. Во текот на 60-тите и 70-тите години, иницијативите за препознавање на алтернативните наративи, доаѓаа и од Владата и од јавноста, како што се студентските протести, и преку популарната култура.
Спротивно на тоа, во Хрватска, денес, доминантниот наратив за победата во војната е широко прифатен од политичките елити, но, исто така, и во доменот на популарната култура, сфери кои се клучни за создавање дијалог и дискурсни платформи за наследството на војната.
Сепак, минатогодишниот говор за помирување на претседателот, Зоран Милановиќ, во Книн, на прославата на годишнината од операцијата „Бура“, понуди надеж за подобри денови и нормализирање на односите со Србија.
Тогаш кога државните институции ќе покажат поголема подготвеност и ќе започнат да трасираат конкретни патишта кон поздраво и попродуктивно справување со 90-тите години, што вклучува и соработка со невладините организации, наследството на војната ќе започне да служи како инспирација за иднината, наместо постојано да се фокусира на селективно толкување на минатото.