Каменица
Една по една, Бојан Стаменковиќ, внимателно ја изговара секоја буква од зборот ‘јаболко’ (molle) на албански јазик. Тој зборува течно и прецизно, па е тешко да се забележи дека тој не го зборува својот мајчин јазик.
Во едно ладно попладне, во јануари, ден среда, Стаменковиќ го одржа својот прва час на албански јазик. Групата на којашто тој ѝ предава има 37 ученици, на различна возраст и од различни националности, иако повеќето од нив се од српска националност.
Предавањата не се единствената работа на Стаменковиќ. Тој е, истовремено, и заменик градоначалник на етнички мешаниот град Каменица.
„Додека не почнавме, не забележував дека има голем интерес кај Србите кои живеат овде, за изучување на албанскиот јазик. Првично, имавме 20 учесници. Денес имаме уште повеќе, а има и други кои сакаат да дојдат”, вели тој за БИРН.
Каменица, Мамуша, Драгаш, Северна Митровица и Јужна Митровица, се пет косовски општини кои имаа придобивки од проектот на Меѓународната организација за миграции, поддржан од Британската амбасада во Косово, во рамките на кој се даваат бесплатни курсеви на албански и на српски јазик.
Курсевите се одржуваат секој ден, во две смени, во салата на општинското собрание, а организаторите испечатија и книги, кои пружаат основно познавање на албанскиот и на српскиот јазик.
35-годишниот Стаменковиќ, е роден во Гњилане, град кој се наоѓа 45 километри источно од Приштина. Тој смета дека по 20 години замрзнати односи меѓу двете главни заедници, меѓунационалните непријателства во овој крај бледнеат.
„Луѓето треба да комуницираат и тие сфаќаат дека учењето на јазикот на другиот, им помага на двете страни. И надвор од овој курс, тие (Србите) насекаде ќе бидат опкружени со Албанци, што ќе им овозможи да научат повеќе“, објаснува тој.
Според законот, албанскиот и српскиот јазик се официјални јазици на Косово. Другите јазици, како што се турскиот и ромскиот се во службена употреба во општините каде што најмалку пет проценти од граѓаните го зборуваат тој јазик.
Стаменковиќ нагласува дека не е задоволен само со тоа што законот се спроведува соодветно, или со квалитетот на српскиот превод што го пружаат институциите, туку предлага и отворање на катедра за српски јазик на Универзитетот во Приштина.
„Во Белград, веќе подолго време има катедра за албански јазик. Се разбира, истото треба да се направи и на Универзитетот во Приштина, бидејќи тоа ќе помогне да се добијат професионални преведувачи“, нагласува тој.
Стаменковиќ дипломирал економија и 14 години работел како косовски цариник, кога градоначалникот на Каменица, Ќадрон Кастрати, кога победил на изборите за градоначалник во 2017 година, му понудил да стане негов заменик.
Двајцата млади општински лидери не чекаа многу за да ги изразат своите намери за соживот.
Во април 2018 година, Кастрати и Стаменковиќ испратија заедничко писмо до странските амбасади и до канцеларијата на ЕУ во Косово, барајќи средства за изградба на заедничко училиште за албанските и српските деца.
„За изградба на вистински меѓуетнички односи, многу е важно да се фокусираме на нашата младост. Императив е младите луѓе од сите заедници, без исклучок, секојдневно да живеат заедно, во заедничка средина за учење и рекреација“, напишаа Кастрати и Стаменковиќ.
Седејќи во импровизирана училница во собраниската сала, Стаменковиќ нагласува дека тоа што луѓето го учат јазикот на своите соседи, ќе им помогне меѓусебно да станат поблиски.
„Концептот на соживот и меѓуетничка комуникација овде е подобар и поопиплив отколку во другите општини во Косово”, рече тој.
Стаменковиќ вели дека верува оти е можно да се намали јазот во меѓуетничките односи меѓу Србите и Албанците, доколку луѓето полесно комуницираат. „Клучот е во комуникацијата без предрасуди. Сега е време да почнеме послободно, поотворено да комуницираме“, додава тој.
Поделени образовни системи
Образовниот систем во Косово беше поделен на национална основа пред околу три децении, паралелно со зголемувањето на тензиите во тогашната југословенска покраина. Косовските Албанци организираа паралелен образовен систем, додека српските ученици ја следеа програмата на Србија. Двете заедници го отстранија јазикот на другата, од нивните образовни програми.
Стаменковиќ, сепак, нагласува дека Србите и Албанците долго време коегзистираат во Косово.
„Ние отсекогаш сме живееле заедно и ќе продолжиме да живееме заедно”, нагласува тој.
Но, сепак, тој смета дека сè уште е „премногу рано” да се зборува за какво било помирување меѓу Албанците и Србите.
„На прво место е преживувањето на луѓето, па воените злосторства (судењата), а потоа другите работи”, вели тој, посочувајќи дека обичните луѓе се повеќе фокусирани на високата стапка на невработеност и на недостигот на економска перспектива во Косово, отколку на политичките прашања.
Вук Веселиновиќ се надева дека учењето на албанскиот јазик, ќе му помогне да најде работа. Има 33 години и сѐ уште е невработен.
„Ние живееме во мал град и треба да комуницираме. Не можеме да го сториме тоа на друг начин“, вели Веселиновиќ.
И покрај интересот на Албанците и на Србите во Каменица да го научат јазикот што го зборува другата заедница, вели Стаменковиќ, сѐ уште е „тешко да се замисли” дека Србите и Албанците би го вклучиле јазикот на другата заедница во наставните програми.
„Наставните програми во Косово се поделени и потребно е време за работа со учебниците. Очекувам тоа да биде долг процес“, истакна тој.
„Неопходно е комуникацијата да се рестартира”
Во меѓувреме, и Теута Кастрати ѝ предава на својата прва група, Албанци, кои сакаат да научат српски или да го подобрат своето знаење на овој јазик.
За разлика од групата на Бојан, повеќето ученици на Теута се општински службеници, но има и други.
„Верувам дека курсот ќе биде успешен. Учебниците се многу добро направени и нема ништо што би поттикнало лоши чувства кај едната или кај другата заедница, ниту, пак тие допираат чувствителни национални прашања“, потенцира Кастрати за БИРН.
Кастрати нагласува дека таа верува оти жителите од нејзината општина послободно комуницираат, бидејќи Каменица била „помалку погодена од војната”.
„Помалку има непријателства тука. Луѓето живеат на исто место, имаме заеднички пазар на кој Албанците и Србите купуваат производи едни од други, така што ја одржавме комуникацијата“, објаснува таа.
Кастрати е, исто така, вработена во општина Каменица. Работи во службата за враќање и заедници. Дипломирала економија и течно зборува српски, благодарение на нејзината мајка, Босанка, која е од босанскиот град Бјелина. Нејзиниот татко е Албанец од Каменица.
„Општина Каменица е добар пример за почитување на двојазичноста. Но, тоа не е доволно за меѓусебна комуникација на локалното население. Сега тие сфаќаат дека е неопходно комуникацијата да се рестартира“, потенцира таа.
Кастрати додава дека меѓуетничките односи се подобруваат, но дека тоа оди премногу бавно.
„Југославија беше посебна креација, па и последиците од нејзиното распаѓање беа посебни. Очигледно е дека се вложувало во омраза, повеќе отколку што мислевме“, вели таа.
„Очекувано е комуникацијата да биде тешка за целата генерација којашто страдаше во војната. Ова ќе продолжи сѐ додека Србија не ги прифати своите злосторства од минатото и сѐ додека не се смени“, истакна таа.
Сепак, она што се случува во овој мал град во Косово, може да биде позитивен пример.
„Помирувањето е можно”, заклучува Кастрати.