И по една седмица од почетокот на пријавувањето за вакцинација против ковид-19, постојат дилеми и нејаснотии за тоа како ќе тече целиот процес.
Последната информација, која вчера ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, е дека повеќе од 85.000 луѓе изразиле интерес да се вакцинираат, и тоа го сториле на два начина, онлајн преку сајтот vakcinacija.mk или нивните матични лекари ги прашале.
И додека на сајтот vakcinacija.mk може да се пријавуваат буквално сите заинтересирани, засега матичните ги анкетираат само лицата што имаат повеќе од 70 години зашто тие имаат приоритет за вакцинирање како една од најризичните категории граѓани во однос на ковид-19.
Вкупно околу 38.000 граѓани постари од 70 години, преку двата система, се изјасниле дека сакаат да бидат вакцинирани.
Жаклина Чагароска од Управата за електронско здравство, институција што го администрира Мој термин, за БИРН вели дека еднаш во денот ги земаат податоците од vakcinacija.mk и ги внесуваат во системот Мој термин.
Потоа матичните лекари можат да видат кој од нивните пациенти се пријавил, да не мора дополнително да го анкетираат.
Официјалните податоци се дека во државава има околу 170.000 граѓани со повеќе од 70 години, а матични лекари има околу 1.500. Просечно, секој матичен во овој процес би требало да администрира околу 110 свои пациенти.
Матичната лекарка Рубина Андоновска од Скопје објасни дека на електронска пошта ѝ стигнала листа со сите нејзини пациенти што имаат над 70 години. Таа ги проверила во својот систем и заклучила дека податоците се совпаѓаат. Имало некои што во меѓувреме починале, но ја прочистиле листата.
Таа и колегите, за неколку дена им се јавиле на сите 350 пациенти постари од 70 години и ги прашале дали сакаат да се вакцинираат.
„Зборувавме со сите и по половина час. Со некои и се убедувавме. Ние и онака имаме премногу работа и сега плус ова треба да го извршуваме, ама мислам дека нема подобар начин. Ние им ја знаеме историјата на нашите пациенти и можеме заедно со нив да донесеме одлука дали да се вакцинираат, ако во случај имаат некои ризици.“
„Дополнително, кај нас обично се лечат цели фамилии, па така ние најлесно можеме да ги пронајдеме и да ги контактираме луѓето постари од 70 години, а кои поради некој случај не сме можеле да ги исконтактираме од прв обид. Дали смениле телефон, адреса или слично. Преку членовите од нивните фамилии ги наоѓавме и тие луѓе“, вели лекарката.
Оваа матична докторка вели дека не се водела според податоците од vakcinacija.mk, туку решила сите 350 пациенти постари од 70 години да ги контактира.
Како што вели таа, во следниот период очекува да добие прочистен список од овие луѓе, да бидат извадени тие што не сакаат да се вакцинираат и со тој список да добие точна информација – кој пациент, кога и каде треба да се вакцинира.
И потоа повторно матичните ќе стапат на сцена, ќе треба да им се јават на луѓето од списокот и да ги информираат за тоа кога и каде треба да одат.
„Колку што разбрав, ќе им праќаат и СМС на луѓево, ама ние на тоа не се надеваме многу, постариве и не знаат баш да ракуваат со телефони. Повторно ќе им се јавуваме“, вели Андоновска.
Преголем товар за матичните
Претседателката на здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова предлага целиот процес на администрација на луѓето што сакаат да се вакцинираат да го прават посебни кол-центри, бидејќи матичните лекари имаат премногу работа.
„Во текот на работниот ден, ние немаме слободно време дополнително да им се јавуваме на луѓето. На секој пациент што ќе дојде кај нас треба да му посветиме време, минимум 20 минути. А, по работата и ние имаме свој живот, не можеме да се јавуваме.“
„Некои од лекарите се на боледување. Кој ќе ги замени нив? Немаме резервни матични“, додава Чолакова-Дервишова.
При пријавувањето на vakcinacija.mk, луѓето не добиваат повратен имејл со кој се потврдува дека се регистрирале и нема како да увидат дали евентуално згрешиле при некој податок. Доколку некој смета дека згрешил со внесувањето податоци, повторно може да се регистрира преку сајтот, вели Чагароска од Мој термин.
„Важно е да е точен матичниот број, имејлот и телефонот не се толку битни. Матичните лекари знаат како да контактираат со своите пациенти“, вели таа.
Постои и опција, граѓаните да го контактираат матичниот и тој во системот може да провери дали успешно „изразиле желба“ за вакцинација, како што се именува регистрирањето преку интернет.
Системот засега не предвидел што со оние што немаат матични лекари, а сакаат да се вакцинираат и се пријавиле преку сајтот, меѓутоа Чагаровска од Мој термин вели дека во оваа фаза, кога се контактираат луѓето над 70 години, мала е веројатноста некој од нив да нема матичен лекар.
Претпоставката е дека граѓаните на таа возраст речиси редовно посетуваат лекар.
На нашето прашање што доколку матичниот лекар не е ажурен или, пак, едноставно не сака да ги анкетира луѓето, како што имаше некои најави, Чагаровска вели дека тоа не би требало да се случува, бидејќи тоа е наложено со одлука на владата.
„Ако не сакаат некои матични, нивните пациенти може да ги пријават во Инспекторат“, додава таа.
Понатамошниот процес ќе зависи и од бројот на вакцини што ги има во државава. Според тоа ќе се прават и натамошни детални планови.