Регион

Поранешните команданти на ОВК тврдат дека обвинителството ја попречува нивната одбрана

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хашим Тачи дава изјава по сослушувањето. Фото: Принтскрин

Адвокатите на поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и на другите тројца поранешни команданти на ОВК, истакнаа дека Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) во Хаг, ги попречува нивните напори да ја подготват својата одбрана, со неправилно откривање на доказите.

Тачи и обвинетите, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, кои ги извршиле како високи припадници на ОВК, кон крајот на 90-тите години. Сите се изјаснија за невини.

На денешната статусна конференција пред Специјализираните совети на Косово (ССК), адвокатот на Тачи, Дејвид Хупер, посочи дека обвинителството спомнало 124 лица, кои ќе сведочат под псевдоними, но не открило за што ќе зборуваат тие сведоци или како се поврзани со доказите.

Адвокатот на Весели, Бен Емерсон, истакна дека „истрагата е тешка“, поради „неорганизираниот и хаотичен начин“ на откривање на доказите на обвинителството.

Емерсон додаде дека имало 34 различни локации „каде што, како што тврди обвинителството, биле извршени злосторства, а никаде не е наведено дека неговиот клиент, Кадри Весели, бил на некое од нив“.

Но, обвинителот, Џек Смит, нагласи дека постои можност сведоците да бидат загрозени, доколку „временската разлика помеѓу објавувањето на сите документи и датумот на судење, биде голема“.

„Воведени се заштитни мерки, направени се промени (на документите за заштита на идентитетот на сведоците), ризикот е намален, но, не е целосно елиминиран“, нагласи Смит.

Заштитата на сведоците е клучно прашање за таканаречениот Специјален суд, бидејќи во претходните судски постапки против поранешните припадници на ОВК, сведоците беа заплашувани.

Во обвинението се тврди дека сите четворица биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел преземање на контролата над цело Косово, со користење на средства како „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.

Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.