„Зарем не сакаш да одиш? Да научиш да се браниш?“
Ова прашање го довело 41-годишниот Максим Роска од Молдавија на Балканот, каде што руски инструктори го обучувале во паравоени кампови скриени во шумите на Србија и Босна и Херцеговина.
Роска бил уапсен во октомври 2024 година, заедно со група лица за кои молдавското обвинителство тврди дека се подготвувале за предизвикување масовни немири пред, за време и по претседателските избори во оваа земја, на кои проевропската претседателка Маја Санду освои уште еден мандат, победувајќи го Александр Стојаногло, поддржан од проруските струи.
По изборите, Европската комисија соопшти дека руското мешање во изборниот процес било „без преседан“.
Роска сега е сведок во процес што се води во Молдавија против неколку учесници и организатори на обуки во камповите што се одржувале на Балканот. За случајот е отворен и предмет во Обвинителството на Босна и Херцеговина, дознава БИРН.
Молдавското обвинителство наведува дека обуките биле одржани во Србија и БиХ од август до октомври 2024 година, а дека инструктори биле лица поврзани со руската платеничка група Вагнер и неколкумина под санкции од Европската Унија.
Молдавија започнала да ја истражува оваа група во септември 2024 година, откако нивната безбедносна агенција SIS добила дојава. Роска бил уапсен на 11 октомври, а шест дена подоцна, медиумите во Србија објавиле дека БИА, во соработка со полицијата, „спречила нелегални активности на еден селски посед кај Кучево“.
Речиси сите провладини медиуми објавиле дека при претресот биле пронајдени четири дрона со дополнителна опрема, виртуелни очила, опрема за „фаќање“ дронови, Starlink сателитска комуникациска опрема, радио станици, импровизирани батерии, како и фосфор и други запаливи течности и часовници што најверојатно се користеле за активирање на запаливи материи.
Регрутација и обука во кампови во Србија и БиХ

Максим Рошка бил во тренинг камп во шума близу Бања Лука | Фото: CU SENS
Роска се согласил двапати да разговара со новинарите на CU SENS, откривајќи колку и како биле платени учесниците, кој го регрутирал и што учеле во камповите.
На обуките во БиХ и Србија заминал по покана од деловен соработник на неговата сопруга – Анатолиј Призенко.
Призенко во меѓувреме бил уапсен. Обвинителот од Молдавија, Виталиј Киска, вели дека Призенко имал клучна улога во организирање на тренинзите во БиХ и Србија, и дека идентификувал и регрутирал нови членови кои потоа патувале надвор од Молдавија.
Според полицијата, Призенко организирал пеинтбол турнири и за време на нив идентификувал лица кои потоа биле праќани на обуки на Балканот.
Тој од декември минатата година е под санкции на ЕУ поради улогата во исцртување на Давидова ѕвезда во Париз во октомври 2023. Јавно изјавил дека платил на молдавски државјани да ја нацртаат ѕвездата во акција за која медиумите пишуваа дека била организирана од руската разузнавачка служба ГРУ, со цел продлабочување на тензии во Франција.
Неговиот адвокат одби да разговара со новинарите на CU SENS.
Роска, по поканата на Призенко, патувал со авион или автомобил низ Србија и БиХ.
Според обвинителството на Молдавија, Молдавците дошле на Балканот двапати – првпат помеѓу 1 и 16 август, а потоа од 22 август до 11 октомври 2024 година. Роска патувал со двете групи.
На учесниците во камповите им ги одземале телефоните и пасошите, кои им ги враќале само еднаш или двапати кога им било дозволено да одат во град.
Во камповите учеле управување со дронови и борбени вештини. Роска вели дека ги подучувале и на „работи како спорт и психологија“.
На прашање како им го објасниле мотивот за ваквите обуки, Роска вели дека во почетокот инструкторите не давале објаснувања.
„Потоа рекоа: ‘ве тренираме затоа што’… како да кажам? ‘За да нема војна, моравте да ги завршите тие и тие задачи’“, објаснува тој.
За десет дена поминати во кампот, според Роска, учесниците биле информирани дека ќе бидат платени помеѓу 300 и 500 долари. Тој вели дека бил платен во криптовалута.
Кампови во шумите на БиХ и Србија

Локацијата на кампот во Србија | Фото: БИРН
Првпат кога патувал на Балкан, Роска преку Турција стигнал во Бања Лука. По капењето и оброкот, групата, како што рекол составена од девет Молдавци и тројца Руси продолжила кон кампот во шумата.
На едно од судењата во Молдавија, како приближна локација на тренинг во БиХ се спомнува село Гламочани, северно од Бања Лука, близу поранешниот воен аеродром Залужани.
Вториот пат, Роска со уште двајца Молдавци патувал со автомобил во Србија, а потоа со автобус биле префрлени во БиХ, во истиот камп.
Ги оставил во кампот и се вратил по една недела, кога им било речено дека мораат да се префрлат во Србија, заедно со опремата и уште еден учесник. Локацијата на кампот, според Роска, била селото Раденка во Србија, блиску до границата со Романија.
Кампот во Раденка морале да го напуштат во октомври поради студеното време, но и поради предупредување преку Телеграм дека ќе бидат уапсени.
Екипа на БИРН во февруари 2025 година, во заборавеното село Раденка, пронајде изгорени парчиња хартија, остатоци од пластична церада и гареж на земја на локацијата каде што доцна минатото лето биле поставени шатори – видливи на видеа од молдавската полиција и на фотографии на српската БИА од октомври 2024.
БИРН, преку анализа на видеа и фотографии, ја геолокализира локацијата и потврди дека се работи за ливада на околу десет минути од населениот дел на Раденка.
Кои се обвинетите?

Алиона Готко, Владимир Харчевников и Људмила Костенко во судницата |Фото: CU SENS
Во акцијата на молдавското обвинителство во која беше уапсен Роска, вкупно беа приведени осум лица, а судскиот процес се води против најмалку четворица. Судењето на групата се одвива пред Окружниот суд во Кишињев, главниот град на Молдавија.
Поголемиот дел од обвинетите пред судијата молчеа или ги негираа обвинувањата за учество во камповите, а патувањата во Босна и Херцеговина и Србија ги објаснуваа со туристички причини.
Меѓу обвинетите се Владимир Харчевников, Алиона Готко и Људмила Костенко.
Харчевников, 37-годишник кој претходно бил осуден за убиство, пред новинарите во судницата во Кишињев одбра да се брани со молчење – вклучително и на прашањето што научил за време на неговиот престој во Босна и Херцеговина.
Готко, која потекнува од сепаратистичкиот молдавски регион Приднестровие и поседува и руско државјанство, испрати писмо на неколку страници до новинарите на CU SENS, тврдејќи дека постапката против неа е политички мотивирана. Не одговори на дополнителните прашања од новинарите.
Костенко, 53-годишна жена родена во Руската Федерација, поголемиот дел од животот го поминала во Молдавија. На новинарите им рече дека била на Балканот на одмор со нејзиниот син.
„Нема докази дека сум учествувала во немири или организирала протести. Бев на одмор со малолетниот син. Немам никаква врска со она што се споменува во вестите“, изјави Костенко пред да влезе во судницата.
Таа потврди дека фотографиите што ги поседуваат новинарите се автентични и дека биле направени кај водопадот Кравица во БиХ и на српскиот брег на Дунав, на границата со Романија. Една од фотографиите прикажува манастир во близина на селото Раденка, во источна Србија.
Кои се организаторите на паравоените кампови во БиХ и Србија?

Анатолиј Призенко е уапсен во февруари 2025 година поради регрутирање учесници за камповите | Фото: CU SENS
Молдавската тајна служба во октомври 2024 година објави список со имиња на 13 лица кои се сомничат дека организирале и учествувале во спроведување на обуки во БиХ и Србија.
Како координатори на обуките се наведени Потепкин Михаил и Константин Голоскоков.
Михаил е под санкции од Европската Унија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави поради поврзаност со злогласната руска воена формација „Вагнер“, која учествува во војната во Украина и со компании кои го загрозувале мирот во Судан.
Голоскоков, според пишувањата на „Фајненшл тајмс“ од 2009 година, бил еден од учесниците во кибер-нападите врз Естонија во 2007 година.
Новинарите на БИРН го контактираа Потепкин преку неговиот VKontakte профил. На прашањето дали тој е личноста што се поврзува со обвинувањата за камповите во БиХ и Србија, како и со меѓународните санкции, тој одговори потврдно, но по неколку дена престана да одговара на барањата за разговор. Контакт со Голоскоков не беше воспоставен.
На списокот на молдавската тајна служба се наоѓа и Александар Волхонски, означен како еден од инструкторите. Истражувачкиот центар „Досие“ го поврза Волхонски со фирмите на „Вагнер“ во Централноафриканската Република и со убиствата на руските новинари кои ги истражувале нивните активности во 2018 година.
Обвинителите и експертите во Молдавија се убедени дека операциите во БиХ и Србија биле координирани од Илан Шор, проруски бегалец кој моментално живее во Русија.
Руската амбасада во БиХ во јули 2025 година на Фејсбук објави дека за обвинувањата кон Москва е виновна западната пропаганда.
Соработници на истражувањето: Малвина Коџокари (CU SENS) и Гордана Андриќ (БИРН).
CU SENS е независен истражувачки медиум од Молдавија.