Меморијалниот проект на американската уметница со потекло од Босна и Херцеговина, Аида Шеховиќ, „Зошто те нема“, за прв пат следната недела ќе биде поставен во Меморијалниот центар Поточари, во близина на Сребреница, на одбележувањето на 25-годишнината од масакрот извршен во јули 1995 година.
Шеховиќ го започна овој проект во 2006 година во Сараево, кога беа донирани 923 филџани, од кои беше направена спомен-поставка.
Секоја година, бројот на филџани, на настаните што таа ги организира по повод годишнината од геноцидот во Сребреница во повеќе градови низ светот (како пред седиштето на ООН во Њујорк, потоа во Истанбул, Женева, Торонто и Тузла) се зголемува, па така, на минатогодишното Биенале на Венеција имаше 7.714 филџани.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, каде што проектот, „Зошто те нема“, исто така беше поставен, утврди дека бројот на убиени во и околу Сребреница, во јули 1995 година, е околу 8.000, иако официјалните лица на Бошњаците и здруженијата на воени жртви, велат дека тој број е поголем.
Во Меморијалниот центар во Поточари има 8.372 гробови, а досега се идентификувани и закопани 6.610 жртви. Уште неколку идентификувани жртви ќе бидат погребани следната недела.
Инсталацијата на спомен-поставката, е организирана во соработка со Центарот за постконфликтни истражувања.
„Кога започнав во 2006 година, ова беше замислено како еднократен настан, нешто што ќе се случи само еднаш. Поставката во Сараево, исто така, не беше интерактивна, затоа што јас бев единствената што ставаше кафе во филџаните“, изјави преку телефон Шеховиќ за БИРН, од Сребреница.
„Сè некако дојде на своето место и кругот се затвори. Бројот на филџани сега е близу до бројот на жртви и јас бев поканета да дојдам во Сребреница, на одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот“, истакна таа.
Семејството Шеховиќ ја напушти Бања Лука, град во западна БиХ, за време на војната, кога таа имаше 15 години. Денес, оваа уметница живее во Њујорк.