(На Тања Б. Ефтимоска, на Ненад Георгиевски и на сиот тој џез)
– Tрајко, ај те молам подај ми ја табличката SK 700NC!
– Готова е таа, спремна за издавање. Зошто ти е?
– Абе, не туку прашувај, подај ми ја…
– Пак ли ја бендиса сопственичката па ќе ѝ ставаш некој нишан? – се насмеа Трајко шеретски, подавајќи му ја бараната регистaрска табличка на својот колега.
– Попушти, попушти радиото! – викна Стојан како спопалавен.
– Аман веќе со овој џез! Како ти се слуша ова? Музика ли е ова!? – рече Трајко и со раката сепак ја попушти музиката, иако многу повеќе сакаше да ја смени станицата, дури и да го исклучи радиото.
– Ми ја фати око сопственичката на SK 700 NC, да, да… Си има годинки, ама има и други работи – си се смешкаше Стојан под мустаќ додека впишуваше речиси невидливо срценце на регистарската табличка.
Сите во малата приватна фирма која изработуваше регистарски таблички за возила и табли со имињата на улиците во Скопје, знаеја за малите престапи на Стојан, да става разни нишанчиња на табличките и таблите, за атер на убавите жени или некои други свои слабости. Понекогаш исцртуваше срценце, понекогаш детелинка,.. правеше најобична гребнатинка или ставаше неколку точки во боја. Го радуваше кога по одредено време ќе забележеше некој автомобил со табличка од „неговите“, кога ќе препознаеше обележана табла на одредена куќа или зграда. Во истиот миг ја засакуваше таа улица и одвреме-навреме намерно, без никаква потреба, поминуваше низ неа. Но, Стојан имаше направено и еден голем престап за кој никој не знаеше.
Осумдесеттите години ги помина во Белград. Неговите сакаа да студира на машински факултет, да биде инженер, тој сакаше да студира музика без да знае да свири инструмент, само да слуша, да слуша, да слуша… Помеѓу сакањето и незнаењето изврвеа доста години и протече доста џез низ него. Беше добар човек. И кога замина и кога се врати во родното Скопје беше со исто формално образование – средно електро-техничко. Со неколку убавки спомени, со неколку грдички душевни лузни, со мала нелагодност и голема помирливост… за работа во мала приватна фирма која изработува регистарски таблички за возила и табли со имињата на улиците. Среќа во вакви земји како нашата, имињата на улиците се менуваат често, луѓето забораваат навреме да си ги регистрираат возилата, па често им се прават нови регистарски таблички (некои дури и ги губат!), па работа имаше постојано, а и платите не беа ниски. Стојан мислеше дека треба да биде задоволен. Од монотонијата се бранеше со џезот и со речиси секојдневните мали престапи и едниот голем, кој како и сите големи престапи, започна од љубов.
2014 година „Град Скопје, врз основа на Законот на локалната самоуправа и Законот за определување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, со повеќе одлуки на Советот“, ги финализираше определувањето и промената на имињата на 73 улици и булевари, 9 плоштади и 9 моста. Тоа за фирмата на Стојан значеше многу и редовна работа, висока плата, дури и бонуси, награди, прекувремени исплати. Иако и регистарските таблички никогаш не беа престанале да се прават (и губат!), сепак, главна дејност беа таблите со имињата на улиците. Особено стана напнато на крајот од проектот (законски, бездруго!), кога одеднаш мораше да се сменат толку многу стари со нови табли; стари со нови имиња. Огромни купишта табли чекаа да бидат обработени (машински испишани), проверени, исчистени и предадени на општинските служби за поставување. Забуната за да биде уште поголема, а искушението за престап уште поголемо, имаше стари табли кои едноставно требаше да се препишат на нови сосе имињата кои иако одвај, сепак убаво се читаа. „За да се унифицира сигналитиката во градот.“ Стојан и Трајко работеа сѐ повеќе, се шегуваа сѐ помалку. Стојан одамна не беше втиснал ни срце, не беше ставил ни точки… Радио одвај некогаш ќе пуштеа, на која било станица. „Нека ломоти нешто, не можам веќе сам и во тишина со табливе, да ти ебам табливе!“
– Стојане, оваа улица треба да остане иста, ниту знам кај е, ниту кој е овој според кого е именувана. Дури и не знам кој е тој чиешто име не се менува на вакво лудо прекрстување на сѐ и сешто!
– Дај да видам… Воин Драшковиќ – ја прочита старата табла на глас. – Кој е бе овој Воин Драшковиќ? Кај е оваа улица?
Трајко, задлабочен во некои стуткани списоци со прст бараше низ редовите. – Хром, општина Ѓорче Петров… Но, Стојан не го слушаше. Втренчено гледаше во таблата, а во умот му свиреше контрабас, море цела Белградска филхармонија. „Со промена на само една буква и со бришење на само уште една, овој Драшковиќ кого не го знам, може да стане Драшкоци кого што го обожавам! В треба да го направам Ц и потоа само уште да го фрлам Ќ и големиот контрабасист на Белградската филхармонија Воин Драшкоци-Малиша може да си добие своја улица. Хром, Хром, општина Ѓорче Петров, што има врска“, си размислуваше средовечниот Стојан заробен во сопствената љубов кон џезот како во кафез од разни искушенија за престап. „Прекарот Малиша, нема да го впишам, тоа ќе ги збуни луѓето кои живеат на улицата. Ама промената на Драшковиќ во Драшкоци нема ни да ја забележат, а и да ја забележат, сигурно ќе си помислат дека некој Албанец во општината ги провоцира со албанизација на српските презимиња. Ха-ха-ха-ха.“
– Зошто се смееш, Стојане? – се зачуди Трајко.
– Се смеам!? Ти се присторило, Трајко. Ми се плаче уште колку работа имаме, не ми се смее! – се снајде Стојан, иако истиот миг сфати дека ако Трајко ја чул неговата смеа, можеби ја чул и целата мисла. Се потсмири, стивна… и наредниот час внимателно го набљудуваше Трајко. „Не, не слушнал ништо, сепак, зашто Трајко, да чул, не ќе молчел.“
Стојан остана и по завршувањето на работното време… Го направи својот голем престап. Самиот преименува една улица. За атер на џезот. Од чиста љубов. В-то стана Ц, Ќ-то исчезна… и извесниот Воин Драшковиќ стана саканиот и толку многу слушан Воин Драшкоци. Мислата на Стојан за Белград и за времето на неговото џез страствување сето време се извиваше околу буквите како бршлен.
Поминаа месеци и месеци, години и години од 2014, никој ништо ни кажа, ни напиша, веројатно не ја ни забележа новата табла на старата улица. И потоа, сосем случајно, од нигде никаде, извесен Ненад Георгиевски на 19 април на Фејсбук ја објави таблата со „Воин Драшкоци“ , радувајќи се што, ете, макар и во Скопје, некој се сетил на големиот контрабасист. Веднаш се фати на јадицата и Васил Хаџиманов, славниот син на славниот Зафир Хаџиманов кој, иако потпрашува и се сомнева (Ali da li si siguran da je to Malisa? Neverovatno mi deluje), сепак е одушевен (Ali ako jeste…to je fantasticno). Стојан користеше Фејсбук таман толку колку да го забележи ова… Тој Ненад Георгиевски бил пријател на негова пријателка која самата коментирала нешто и така… Но, тоа не е ни важно. Неговата љубов за џезот беше препознаена, забележана, фотографирана! Стојан се радуваше. По првпат во својот скопски, центарски живот, го запали автомобилот и тргна во Хром. Сакаше со свои очи да ги види и улицата на којашто сам ѝ го промени името и таблата.
Веднаш ја најде црвената куќа од фотографијата на Фејсбук. Излезе од автомобилот и додека ја заклучуваше вратата, забележа дека на регистарската табличка на автомобилот до неговиот, имаше впишано срце. „О, па, еве и во улицата на џезот некоја од моите таблички! Чија ли беше оваа табличка… Според големината на срцето, сопственичката била нешто посебно…“ Во тој миг очите им се сретнаа со една жена која си седеше во паркираниот автомобил. Преубава! Го отвори прозорецот, веројатно Стојан ѝ се видел сомнителен што се џари во нејзината регистарска табличка и го праша:
– Господине, барате нешто?
Заедно со нејзиниот глас, од автомобилот излезе и My Romance во изведба на Рон Картер триото.
– Не, не благодарам, извинете…
– Не сакате да ми кажете уште нешто?
– Сакам. Слушате прекрасна музика, госпоѓо. И, попуштете го радиото, џез се слуша гласно.