Возење со ЈСП – искуство под секое достоинство

Коментар на Владо Апостолов

ЈСП треба да воведе нов слоган:  „Секој ден нова авантура“. И нема да згрешат. Само што таа авантура не подразбира ништо возбудливо, туку е вознемирувачка и фрустрирачка. Урнисани планови за доаѓање на работа, за собирање дете или за завршување какви било обврски што вклучуваат јавен превоз неизбежно предвидува нервоза, чувства на бес и немоќ.

Сѐ почесто, користењето на јавниот превоз во Скопје е искуство под секое достоинство.

Автобуси има сè помалку, а оние што сè уште се тркалаат по скопските улици, се дотраени. За безбедноста доволно говорат честите објави за повреди на патници. Информациите за возниот ред, пак, слободно може да ги сместиме под рубриката дезинформации.

Резултатот е илјадници изневерени скопјани, дополнително измалтретирани од гужвите и од неподносливите услови во автобусите. Да биде полошо, решение нема на повидок. Политичарите со моќ за промени упорно калкулираат со проблемот и не го решаваат.

Секое возење ново „доживување“

Како некој што дневно поминува помеѓу два и три часа во скопскиот јавен превоз, слободно можам да кажам дека сè поретко се случува патувањето да помине без некаква драма.

Последното од многуте лични непријатни епизоди се случи минатата недела. Тоа утро на автобуската близу мојот дом имаше невообичаено многу луѓе, кои се пожалија дека веќе чекаат половина час. На моја голема среќа, или барем така ми се чинеше во тој момент, по пет минути се појави автобус.

И додека се сместував на вториот кат и ги местев слушалките, по извозени неколку станици, возачот сопре и сите нѐ избрка надвор со инструкција да го почекаме следниот автобус –  веднаш ќе пристигнел.  Следниот вистина бргу дојде, меѓутоа се создаде метеж и повеќе патници не успеавме да се качиме.

Среќата ми се насмевна, или барем така ми се чинеше во тој момент, кога за кратко време пристигна автобусот што сообраќа на другата линија.

Се качив,  ги наместив слушалките, неколку минути внимателно одбирав музика и додека да сфатам дека сме поминале неколку станици, возачот повторно нѐ „истовари“.

Овојпат се расипа возилото.

Во рок од половина час, двапати ме симнаа од автобус и задоцнив на работа,  јас и веројатно уште стотина други што ги користиме двете линии. Моево искуство не е ниту невообичаено, ниту единствено.

Очајот преовладува на постојките. Таму ќе чуете од клетви и пцовки до предлози дека подобро е ЈСП да се распадне. Така барем ќе знаеме на што сме. Истиот сентимент се прелева и на социјалните мрежи и особено во коментарите каде што корисниците го оценуваат работењето на ЈСП на нивната фејсбук-страница.

Распад-систем

Се чини дека автобусите и целиот систем околу Јавното сообраќајно претпријатие се во постојан распад.

Повеќето од автобусите се дотраени, впрочем неодамна неисправна „двојка“ излета од булеварот пред Мавровка и заврши врз жардиниера, повредувајќи неколку патници. Зачестија и инциденти со запалени возила, имаше дури два во последниов месец.

„Недостигаат меѓу 40 и 50 автобуси за ЈСП да го почитува летниот возен ред“, информираше минатиот месец директорот на јавниот превозник, Душко Кушовски.

Затоа и возниот ред практично веќе не постои. Од три автобуси, еден речиси сигурно не се појавува, и покрај тоа што се најавува на дотраените дигитални табли на постојките.

Сè почесто предолго се чека автобус, по 45 минути или по цел час сред ден и на високи температури, на кои освен водата од вашето тело, испарува и надежта дека некогаш ќе се вратите дома.

А, кога долго нема автобус, гужвите под жешкиот автобуски покрив се неизбежни.

Покрај гужвите во автобусите се бориме и со температурните амплитуди.

Наутро не се вклучува климата, иако уште во 8 часот, температурата наближува до 30-от степен. А, кога работи, климата е пуштена на најјако и студено е како во мртовечница. Некој одамна ги искршил пластичните регулатори за вентилација и никој не се потрудил да ги замени.

Да биде бељата поголема, автобусите со вклучена клима одвај лазат по скопските улици, бидејќи дотраените мотори не можат да влечат.

Во двокатниците вистински предизвик е разминувањето на патниците, дури и кога се полупразни. Со оглед дека е напорно, а честопати и опасно да се качувате по скалите на вториот кат додека автобусот вози или ненадејно тргнува од постојката, луѓето што патуваат неколку станици се збиваат во долниот дел од автобусот.

Затоа и кога возилото не е преполно, патниците ги пропуштаат автобусите – бидејќи не можат да влезат.

Посебна приказна се билетарниците. Одамна билет не може да се купи во автобус, а повеќе билетарници или воопшто не работат или ја укинале втората смена. Често се случува и тие што се колку-толку функционални, цел ден да не отворат без објаснување.

Алтернатива е плаќањето со телефон или преку мобилна апликација, меѓутоа и тој систем не е идеален. Плаќањето преку мобилен е поскапо и трае подолго, но се случува и наплатните сервери да паднат.

Кога дневниот хороскоп ќе ви искомбинира затворена билетарница со паднат сервер, принудени сте да се „шверцувате“.

Политикантство скарано со логиката

Градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ победија на локалните избори со понудата за нови 250 автобуси и бесплатен превоз, наспроти автобуското метро што го „туркаше“ ексградоначалникот Петре Шилегов.

Три години подоцна, и по кавгата меѓу Мицкоски и Арсовска нема ни нови автобуси, ни автобуското метро.

Единствената трошка надеж дека нешто ќе се промени беше убиена неодамна со соопштението од Град Скопје дека повеќе од две години советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои го имаат мнозинството, не ја гласаат одлуката за набавка на нови автобуси.

„По 21. пат е доставена предлог-одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Нема оправдување за блокадата на ВМРО-ДПМНЕ врз градот, тоа е само калкулација на партијата да си обезбеди што подобра позиција за следната градоначалничка трка во 2025 година и да ја засили перцепцијата во јавноста дека Арсовска не е кадарна да го води градот.

По парламентарните избори, нивната политика на кочење веќе нема никаква логика, особено откако жителите на Скопје јасно покажаа што мислат за партијата на Арсовска, која освои само 1.500 гласа во главниот град. Исто како што на сите паталци во градскиот превоз им е јасна играта во Советот на Град Скопје.