Регион

Врски помеѓу српските четници и воените злосторници и екстремисти

Документите од судовите во Босна и Херцеговина, откриваат дека истакнати членови на српските националистички четнички здруженија, се обвинети за воени злосторства

“Повторно ќе биде пекол и крвава Дрина, еве идат четниците од српските планини“, пееше, Рајко Лечиќ, на собирот на српските националисти во БиХ, во март 2019 година.

Додека Лечиќ пееше, некои од членовите на таканаречените равногорски четнички здруженија, кои, облечени во црно, присуствуваа на собирот во Вишеград, град на реката Дрина, го снимаа со своите мобилни телефони, додека други ѝ се придружија на неговата воинствена песна.

Вишеград, за време на војната 1992-1995 година, беше местото на брутално етничко чистење, кое го извршија силите на босанските Срби. Бошњаците беа убивани, затварани или протерувани.

Министерството за безбедност на БиХ, предупреди дека собирите на српските националисти, кои себеси се идентификуваат како четници, предизвикуваат страв кај Бошњаците, повратници во местата од кои биле протерани, како што е Вишеград.

Но, во услови кога меѓуетничките односи и натаму се многу кревки, членовите на четничките здруженија од БиХ и од Србија, кои учествуваат во ваквите настани, сѐ до минатата година, не се соочија со никакви последици, врзано за организирањето на нивните прослави и пеењето на националистички песни, кои, се чини, се закануваат на крвопролевање.

Анализирајќи стотици страници документи од официјалните судски регистрации на сите 16 здруженија во Босна и Херцеговина, чии имиња ги содржат термините „равногорски“ или „четник“, БИРН откри дека дел од нив имаат силни врски со некои воени злосторници.

Документите откриваат оти некои членови на овие здруженија, во БиХ и во Србија, се или веќе осудени или во моментов им се суди за воени злосторства. Повеќето од нив се поранешни припадници на Војската на Република Српска (ВРС). Истакнат четник, во Србија е осуден за убиство.

БИРН, исто така, откри дека Државната агенција за истраги и заштита на БиХ, ги надгледува здруженијата чии имиња ги содржат термините „четник“ и „равногорски“, поради постоење на сомнение дека пропагираат екстремистички идеи.

И други екстремистички врски негувани од четничките здруженија беа откриени, кога на еден босански државјанин му се судеше поради заминување во борба на страната на проруските сепаратистички сили во регионот Донбас, источна Украина. На неговото судење пред Судот на Босна и Херцеговина, можеше да се слушне дека равногорско движење од Србија, финансира српски доброволци да заминат во зоната на конфликт во Украина.

Воени злосторства и четнички „војводи“

Изворните четници беа слабо структурирано движење, кое, за време на Втората светска војна, ги обединуваше српските националистички и ројалистички сили во окупирана Југославија и кое соработуваше со нацистичките окупациони сили на Оската.

Тие беа познати и како Равногорско движење, бидејќи организацијата е основана во Равна гора, висорамнина во Србија, во 1941 година.

Во повоена, комунистичка Југославија, движењето беше забрането, а нивниот водач, Драгољуб Дража Михајловиќ, беше погубен во 1946 година, заради велепредавство и соработка со нацистите.

Повторното појавување на ова движење се должи на подемот на српскиот национализам, откако Слободан Милошевиќ дојде на власт во Југославија во 1989 година и кога самопрогласените четнички единици учествуваа во војните во БиХ и во Хрватска, што се водеа во 90-тите години. Најистакнат „четнички војвода“ кој учествуваше во организирањето на паравоените единици, беше крајно десничарскиот водач на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој подоцна беше осуден од судот на ООН во Хаг, за злосторства против човештвото.

Во статутите на денешните равногорски здруженија, се вели дека тие ја поддржуваат традицијата на српските сили од војните во 90-тите години, како и од Втората светска војна, кои тие ги нарекуваат „ослободителни војни“, како и дека ја промовираат „вистината“ за Дража Михајловиќ. Тие секоја година, облечени во црни униформи, се собираат на Равна гора, во чест на четничкиот водач од Втората светска војна, кого белградски суд, во 2015 година, го рехабилитира.

„Јас, како член на ВРС и неколку години војување, имам право да ги негувам традициите на ветераните“, објаснува Горан Љепојевиќ, кој се опишува себеси како претставник на една од четничките организации во босанскиот ентитет, Република Српска (РС).

„Јас ја негувам и традицијата на четниците и на југословенската војска во татковината, под команда на Драгоjуб Дража Михајловиќ“, вели Љепојевиќ.

И здружението, Четничко равногорско движење, кое е регистрирано во Бања Лука, одржува односи со ветераните на ВРС.

Сепак, Љепојевиќ смета дека воените злосторници треба да бидат гонети: „Јас секогаш сум за осуда и на четниците, и на војската, оваа или онаа, кои имаат извршено воени злосторства, сите до еден“, нагласува тој.

Но, документите што БИРН ги анализираше, сугерираат дека некои од најважните почесни позиции во војводскиот совет на кровното Обединето равногорско движење на татковината Српска, кое го вклучува и движењето чиј претседател во минатото бил Љепојевиќ, ги држат луѓе обвинетите за воени злосторства.

Според документ од судот во Бања Лука, за движењето, Обединето равногорско движење на татковината Српска, во 2013 и 2014 година, со регионалниот војводски совет на здруженијата, раководел Јован Јоја Тинтор, во војната во БиХ претседател на Кризниот штаб на српската општина Вогошќа, кој, исто така, бил и советник на Радован Караџиќ.

Во 2019 година, Тинтор беше осуден на десет години затвор за незаконско приведување и малтретирање на бошњачки и на хрватски затвореници, во Вогошќа, за време на војната. Тој, во Србија, во 2015 година, беше осуден и за убиство без предумисла.

Милета Павичевиќ, претседател на Обединетото равногорско движење на Црна Гора и член на војводскиот совет, вели дека Тинтор, кој издржува затворска казна, е „неправедно уапсен“.

Рајко Кушиќ, уште еден член на советот, исто така, се соочува со судење за наводни воени злосторства. Обвинението, кое го товари Кушиќ за злосторства извршени врз цивили во градот Рогатица, БиХ, од Сараево му беше препратено на судот за воени злосторства во Србија, бидејќи тој живее во Белград.

Кушиќ и другите членови на советот, имаат титула „војвода“ – највисок ранг во четничката и во равногорската хиерархија.

На Вељко Папиќ, еден од основачите и потпретседател на Равногорско-романиското движење од Соколац, му се суди пред Кантоналниот суд во Сараево за воени злосторства. Обвинението го товари овој поранешен припадник на ВРС, за малтретирање на цивили во Сараево, за нивно заплашување и принудување да извршуваат тешки физички задачи. Папиќ одби да разговара со БИРН.

Српскиот историчар, Миливој Бешлин, истакнува дека равногорските здруженија се екстремистички по својата природа.

„Говорејќи за природата на сите овие четнички организации, тие не се само што се претставници на најекстремниот тип на национализам, неофашизам, тие всушност треба да бидат прогласени за терористички организации во секоја правно уредена држава, бидејќи тоа е она што тие навистина се“, објаснува Бешлин.

„Вие имате паравоени групи кои се некако костимирани, очигледно имаат и некакво оружје, кои се закануваат со предизвикување на војна“, додава тој.

Но, Љепојевиќ посочува дека четничките здруженија не се воени организации и дека тие имаат право да постојат, затоа што „ние сме законски признати со судски одлуки“.

Украински бунтовници и мртовечки глави

Братислав Живковиќ, самопрогласен четнички командант, кој наводно се борел за сецесионистичките сили во Украина. Фото: Разузнавачката служба на Романија.

На судењето на Гаврил Стевиќ, кој, од Судот на Босна и Херцеговина, беше ослободен од обвиненијата за војување во Украина, се слушна дека Братислав Живковиќ, од Равногорското движење од Србија, учествувал во организирањето на заминувањето на српски воени доброволци од БиХ, на источниот украински фронт, каде бунтовниците поддржани од Москва се борат против владините сили.

„Финансирањето беше преку четничкото движење“, вели за БИРН Живковиќ, кој себеси се опишува како четнички командант.

„Ни помогнаа (руските националистички) козачки организации, со кои имам силни врски таму. Тие платија, ние испративме пари, купивме билети и луѓето дојдоа под моја команда во Луганск“, додава тој.

На Живковиќ му е забранет влез во БиХ, затоа што, како што рече, бил обележан како закана за националната безбедност. Тој разговараше со БИРН преку Фејсбук од Украина, каде и денес живее.

Но, пред забраната, тој редовно присуствувал на собирите на членовите на равногорското движење во Вишеград. Живковиќ истакна дека за време на војната, во БиХ дошол како доброволец, но дека неговите соборци не го пуштале на фронтот, затоа што во тоа време имал само 16 години.

Во годишната информација за криминалот и безбедносните закани на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, документ базиран на разузнавачки и полициски информации, од 2017 година, се предупредува на четничките здруженија, при што се нагласува дека „податоците на ОСА (Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ) укажуваат дека во Босна и Херцеговина, е јасно присутен етничкиот/националниот екстремизам, со негативно влијание врз безбедносниот амбиент“.

Четничките здруженија се посветени на „агресивното негирање на легитимноста на државата Босна и Херцеговина и на попречувањето на евроатлантските интеграции на Босна и Херцеговина“, наведува Министерството за безбедност. За српските националисти, БиХ е нелегитимна држава и тие сакаат РС да се отцепи од неа и да се припои кон Србија.

Актуелен претседател на Обединетото равногорско движење на татковината Српска и член на таканаречениот војводски совет, е Слободан Мариќ. Мариќ е поранешен припадник на Министерството за внатрешни работи (МВР) на РС. Тој одби да разговара со нас.

Од МВР на РС не ни одговорија на прашањето, како на претседател на здружение, кое Министерството за безбедност го означило како безбедносен ризик, му било дозволено да работи како полицаец.

И покрај загриженоста што ја изрази Министерството за безбедност, некои општини во РС и натаму им даваат директна или индиректна поддршка на равногорските здруженија. Власта во градот Угљевик, на пример, од 2016 до 2019 година, им доделила вкупно 18.700 конвертибилни марки (околу 9.600 евра) на локалните ограноци на Равногорското движење и Равногорското движење на српските земји.

Зоран Лукиќ, претседател на Равногорското движење на српските земји, вели дека финансиите на здружението се водат законски и оти новинарите не треба да бидат заинтересирани за тоа, како и дека здружението го прави само она што е наведено во статутот, одобрен од судот: „Негување на традицијата што е поврзана со патот на нашето здружение. Одбележување одредени датуми, посети на споменици“.

Членовите на Равногорското движење на српските земји Угљевик, на Фејсбук објавија неколку фотографии од нивните собири. На нив се гледа црно знаме на кое има мртовечка глава и натписот „Со верба во Бога, слобода или смрт“.

Ова обележје го користат и други равногорски здруженија.

Како што покажаа фотографиите објавени во весникот „Дневни аваз“, мртовечка глава стоела и на пликот испратен на 6 ноември 2019 година до Парламентот на БиХ. Во пликот имаше куршум завиткан во вата.

Фотографиите, исто така, покажаа дека пликот, што беше видливо од печатот, е испратен од Србија, но Обвинителството на БиХ никогаш не го објави резултатот од истрагата за потеклото на пликот.

Додека Живковиќ разговараше со нас преку Фејсбук, зад него беше истакнато црно знаме со мртовечка глава. „Кога некому испраќате еден куршум, тоа значи дека тој е осуден на смрт“, вели тој.

Но, тој негираше дека неговата група учествувала во испраќањето на заканувачкото писмо до Парламентот. „Тие само ги користат нашите симболи и нашите ознаки, за сопствена ситна пропаганда. Тие се обидуваат да ме вовлечат мене и мојот одред во секакви глупости“, нагласи тој.

„Нивната цел е обновување на Голема Србија“

Четнички собир во март 2019 година. Фото: fokus.ba.

По долги години неактивност, Обвинителството на БиХ, минатата година, поднесе обвинение против тројца членови на Равногорското движење, за поттикнување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, на собирот во Вишеград, во март 2019 година.

Во обвинението против Душан Сладојевиќ, Славко Алексиќ и Ристо Лечиќ, се наведува дека осомничените „предизвикале вознемиреност и страв кај населението во Босна и Херцеговина, особено кај повратниците и граѓаните на Вишеград и околните места“.

Според документите анализирани од БИРН, Сладојевиќ е претседател на Равногорското движење на татковината Српска. Не можевме да го контактираме, за да добиеме коментар од него во врска со обвинението.

Во претходната изјава што ја даде за БИРН, Сладојевиќ истакна дека омразата и нетолеранцијата не се содржани во статутот на неговото движење.

„Имаме една чесна идеја – да ја исправиме погрешната историја“, рече тогаш Сладојевиќ.

Нејра Вељан, од организацијата, Атлантска иницијатива, од Сараево, коавтор на истражувачкиот труд „Историја, идеологија и структура на современото четничко движење“, посочува дека четничките здруженија не можат да се одделат од концептот за создавање на „Голема Србија“, што било и воена цел на власта на босанските Срби во 90-тите години, што доведе до етничко чистење и масовни убиства.

„Никогаш нема да стават во статутите дека целта им е обновување на ‘Голема Србија’, туку ќе спакуваат нешто убаво. Фокусот треба повеќе да биде ставен на активностите што ги спроведуваат, а не на она што е напишано во нив“, нагласува Вељан.

Една од најсеопфатните пресуди на Хашкиот трибунал која досега е изречена, е онаа на Радован Караџиќ, во која неколку пати се спомнува дека за време на етничкото чистење на Бошњаците и на Хрватите, затворениците понекогаш биле принудувани да пеат четнички песни и дека некои од злосторствата биле извршени од луѓе кои се нарекувале четници.

Вељан вели дека помладите четнички регрути не разбираат оти тие се дел од движење кое извршило сериозни злосторства за време на Втората светска војна и на војната во БиХ во 90-тите години.

„Тие го учат спротивното, дека четниците се нивни спасители. Тоа може да биде проблематично за иднината на државата и за меѓуетничките односи “, нагласува таа.

Вељан објаснува дека нејзиното истражување покажало оти од 2015 година па наваму, активностите на равногорските движења се зголемени и дека нивните собири не се само безопасни униформирани паради.

„Овде веќе не се во прашање кокардите, брадите и момоците облечени во црно, туку станува збор за момчиња и жени кои носат маици со ликовите на Ратко Младиќ, Радован Караџиќ и кои го величаат тоа движење, затоа што тие, и покрај тоа што ја величаат Втората светска војна, ги величаат и настаните од војната 1992-1995“, заклучува таа.