Регион

Вуковар сонува за подобра иднина, а не за разорното воено минато

Граѓаните на Вуковар, по дваесет и една година од повторната негова реинтеграција во Хрватска, се презаситени од сликата на нивниот град уништен во војната, но и од ‘воениот туризам’, иако одвреме-навреме доаѓа до етнички тензии, а сегрегацијата во училиштата и натаму е присутна

Неколку уништени или оштетени објекти потсетуваат на военото минато на градот, кое за време на конфликтот во Хрватска стана воено жарите – со месеци беше под опсада на Југословенската народна армија и српските паравоени формации, сѐ до неговиот пад во ноември 1991 година.

Сепак, бројот на објекти на кои сѐ уште се видливи оштетувања од гранати и муниција од лесно оружје, со годините се намали, и тоа се промени што жителите ги прави среќни.

Од друга страна, туристите сѐ уште често се интересираат за големата водена кула, оштетена од гранатирањето во војната, која стана симбол на опсадата во 1991 година, но и за спомен-гробиштата, каде што се закопани жртвите на војната.

На посетителите им се нуди и „тура за југословенската граѓанска војна”, минијатурни реплики на оштетената водена кула или маички со воени теми, кои се продаваат како сувенири.

Вуковар беше реинтегриран во Хрватска во јануари 1998 година. Подрачјето на источна Славонија, каде се наоѓа овој градот, за време на војната беше окупирано и управувано од страна на српските бунтовници, а по конфликтот, областа беше ставена под контрола на Обединетите нации, за во следните две години да биде мирно реинтегрирана.

Но, жителите на Вуковар тврдат дека нивниот град сѐ уште е предмет на старите предрасуди кои се однесуваат на воениот период.

„Кога во 2009 година се запишав на Факултетот за политички науки во Загреб, моето запознавање со колегите, бруцоши, беше многу интересно”, вели Билјана Гаќа, жителка на овој град.

„’Ох, од Вуковар, па како сега стојат работите таму?’- буквално (се прашуваа) дали сѐ уште трае опсадната состојба и дали имаме струја. Од оваа перспектива, смешно ми е, но во 2009 година беше шокантно. Не можев да разберам како луѓето можат да имаат такво погрешно сфаќање, таква лоша слика за Вуковар”, додава таа.

Медиумите имаат претходно формиран план?

 

 

Вуковар, за време на тромесечната опсада, во која загинаа повеќе од 3.000 војници и цивили, од кои 86 деца, стана симбол на хрватските страдања.

Граѓаните денес се обидуваат да нагласат дека ситуацијата се сменила – но секоја година, на годишнината од падот на Вуковар, на 18 ноември, новинарите се собираат во градот, за да известуваат за годишната комеморација, организирана од страна на државата.

Националните медиуми можеби имаат тесна агенда, вели Горан Јелениќ, од ПРОНИ Центарот за социјална едукација, невладина организација која работи со младите луѓе: „Кога ќе дојдат, тие доаѓаат со цел, со причина, за годишнината”, додава Јелениќ.

Во градот во кој мнозинството се Хрвати, а српското малцинство сочинува 30 отсто од населението, националните медиуми се најмногу заинтересирани за тоа како Хрватите и Србите коегзистираат во практика, и покрај заедничкото наследство од конфликтот.

Но соработничката на Јелениќ, Каролина Шош Живановиќ, истакнува дека новинарите понекогаш доаѓаат со претходно готови идеи за приказна. На пример, прашуваат дали постои мешовит пар што би можеле да го интервјуираат.

„Она што нѐ навреди е што (еден медиум) ни се обрати на овој начин: ‘Можете ли да ни најдете Хрват и Србин кои ќе дојдат во 16 часот во градот да зборуваат за нешто“, вели Шош Живановиќ.

„Тогаш се пошегувавме (меѓу себе): ‘Да, ги држиме во плакари, и доколку е потребно, можете да изберете дали сакате црвенокоси или руси”, додава таа.

Сепак, на одредено ниво, сѐ уште се појавуваат етнички тензии – во 2013 и 2014 година во Вуковар се одржаа протести предводени од бранителите, бидејќи српскиот јазик и неговото кирилско писмо, беа воведени во службена употреба во локалните институции, поради големиот процент на српското малцинство во градот.

Вуковар неодамна повторно се најде во хрватскиот печат, кога во средината на јануари беше нападнат ученик од српска националност, од трета година, од средното техничко училиште „Никола Тесла”.

Членовите на хрватската Самостојна демократска српска партија (СДСП), соопштија дека нападот се случил само два дена откако градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, ги обвини српските учениците од ова училиште, дека не се патриоти во доволна мера и дека ја игнорираат хрватската химна.

Пенава дури постави и видеоснимка од фудбалски натпревар на интернет страницата на општина Вуковар, каде што се гледа како за време на интонирањето на хрватската химна, учениците не стануваат, туку остануваат да седат. Еден од овие ученици, беше и жртвата на нападот.

Пенава изјави оти неговиот чин, не предизвикал насилство, и дека во Хрватска има „притаена големосрпска агресија”, со „епицентар во Вуковар”.

Сепак, Зоран Коњевиќ, кој предава во техничкото училиште „Никола Тесла”, вели дека иако нападот предизвикал политички спор, се работело само за изолиран инцидент и дека останатите 370 ученици и десетици наставници од ова училиште продолжуваат да работат во мир, како и учениците и наставниците во другите делови на Хрватска.

Хрватските и српските деца посетуваат различна настава во училиштата

‘Интеркултурното училиште’ во Вуковар. Фото: Ања Владисављевиќ

По нападот, во интервју за емисијата „Во недела во 2“ што се емитува на јавниот сервис ХРТ, средношколката од Вуковар, Мартина Галиќ, изјави дека не постои омраза меѓу учениците во училиштето.

„Политичарите ќе направат хаос и ќе заминат, а нам ни го оставаат тој хаос”, изјави таа.

Некои експерти тврдат дека најголем „хаос” во Вуковар е токму образовниот систем.

Националните малцинства во Хрватска се образуваат според три модели. Според првиот, учениците припадници на националните малцинства се образуваат исклучиво на својот, а не на хрватски јазик; вториот модел вклучува изучување на само некои предмети на мајчиниот јазик на малцинството, додека третиот нуди изучување на предметите мајчин јазик, литература, историја, географија и уметност, на јазикот на малцинството, до пет училишни часови неделно.

Првиот модел се користи во Вуковар, така што учениците од српската националност учат само на српски јазик и ја користат кирилицата, додека учениците од хрватската националност учат на хрватски јазик.

„А тоа значи дека децата посетуваат настава или на српски јазик, или на хрватски, што значи дека се одвоени”, вели, Лана Мајер, од локалната невладина организација, Европска куќа Вуковар.

„Во основните училишта, за жал, децата одат во различни смени. Значи, наутро, настава имаат учениците од хрватска националност, а попладне учениците од српска националност“, објаснува Мајер.

Ова значи дека учениците од српска и од хрватска националност, во основните училишта во Вуковар, воопшто не се гледаат.

Во Вуковар постои и „интеркултурно училиште”, со многу модерна опрема, во кое може да учат сите ученици без разлика на националноста. Меѓутоа, бидејќи во него нема запишани деца, се смета дека овој проект не успеал.

„Во суштина, поради ова прашање и овој проблем, станав политички активна”, вели Билјана Гаќа, чија теза на магистерскиот труд биле токму моделите на образование за „националните малцинства” во Хрватска.

„Уште кога бев дете, на 14 години, ми беше сосема неверојатно дека во град во кој постои интеркултурна историја и традиција, децата се физички одвоени на часовите”, вели Гаќа.

Мајер додава дека во овој случај, кога децата се физички одвоени, речиси и нема комуникација меѓу нив.

„Од она што го гледам – ​​конкретно, од случајот на моето дете и училиштето во кое оди – нема комуникација и не може да ја има, кога немаат заеднички активности”, изјави Мајер, додавајќи дека надвор од училиштата деца комуницираат, кога се собираат околу заеднички проекти.

Сепак, одреден напредок, кога се работи за етничката интеграција, постои во средните училишта, бидејќи некои од нив, како во техничкото училиште „Никола Тесла”, нема „српски” и „хрватски” смени, така што децата се среќаваат барем во ходниците.

„Овде (ставовите) се менуваат, бидејќи е факт дека тие гледаат оти работите не се такви какви што изгледаат на телевизија”, вели Коњевиќ.

„Овие работи се менуваат, тие почнуваат да се дружат меѓусебе. Би рекол дека може да се постигне уште повеќе, атмосферата во училиштето не е атмосфера што дели, туку што спојува“, додаде тој.

Тој потсетува дека неодамна ученици од хрватска и од српска националност, заминале заедно на екскурзии, на пример, на саеми на книгата во Загреб и во Белград.

Заминувањето на луѓето се заканува да го преполови населението

 

Центарот на Вуковар. Фото: Ања Владисављевиќ

Жителите на Вуковар, секому кој ќе праша, ќе му одговорат дека луѓето во овој град имаат исти проблеми, како и другите хрватски граѓани – пред сè, невработеноста и финансиската нестабилност.

„Ова е проблем во цела Хрватска … Младите луѓе, но, исто така, и постарите, преземаат радикални чекори и ја напуштат земјата”, вели Дејан Гемери, 24-годишен физичар, кој предава во основното училиште во Вуковар и во техничкото училиште „Никола Тесла”.

И Гемери себеси си во иднина се гледа во странство, бидејќи смета дека Вуковар, нему, како научник, не може да му понуди соодветна работа, а тој не планира долгорочно да работи како наставник.

Ова не е изолиран случај; населението во градот се намали од околу 45.000 пред војната, на 27.000, според пописот од 2011 година, иако вистинската бројка денес е веројатно и помала, поради заминувањето на луѓето.

Фабриките што за време на Југославија обезбедуваа сигурна работа, се затворени. „Вуковар имаше огромни погони – фабриката Борово вработуваше 23.000 работници”, вели Гаќа.

Сепак, многу локални жители веруваат дека Вуковар има уште многу што да понуди.

„Вуковар отсекогаш бил град полн со дух, полн со вредни луѓе. И денес е, иако војната остави свои последици“, додава Коњевиќ.

Градот е добро обновен, додава тој, но подобрувањата во инфраструктурата не можат да го сокријат недостатокот на работни места.

Туризмот им е приоритет на локалните власти; градот лежи на Дунав и претставува пресвртна точка за патниците кои крстарат по оваа река.

„Имаме голем потенцијал за туризам, на годишно ниво имаме околу 300 речни бродови што застануваат во Вуковар”, нагласува Гаќа.

Но, Мајер смета дека на туристите пречесто им се прикажуваат „страдањата и тие (воени) споменици”, наместо позитивните работи што ги нуди градот.

Гаќа признава дека можеби ќе побара работа и надвор од Вуковар, но сепак се надева дека граѓаните ќе продолжат да се борат за подобра иднина.

„Јас сум по карактер оптимист и верувам во карактерот на луѓето во Вуковар, во (неговата) сила”, вели таа. „Сите ќе се бориме заедно”.