Извештај

За изградбата на коридорите на „Бехтел и Енка“ ќе се менуваат девет закони

Измените се на седница на Собранието в понеделник по скратена постапка

Измени на девет закони поврзани со автопатиштата што треба да ги гради „Бехтел и Енка“ се ставени на дневен ред на собраниска седница закажана за в понеделник. Сите измени се по предлог на група пратеници од владејачкото мнозинство и ќе се носат по скратена постапка. Во сите случаи со исто објаснување – „не се работи за обемен и сложен закон“.

Ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење. А ќе се менува и самиот закон што овозможи без тендер да му се даде на американско-турскиот конзорциум да ги гради коридорите 8 и 10Д.  

Според измените, нема да се плаќа данок на додадена вредност за изградбата на коридорите. Поточно, „прометот на добра и/или услуги извршен кон“ државата од „Бехтел и Енка“, а наменети за изградбата на двата коридори „е ослободен од данок на додадена вредност со право на добивка на претходен данок“. Државата, пак, како инвеститор е ослободена од плаќање ДДВ за услугите што ќе ги добие од „Бехтел и Енка“.

Во истите измени се предвидува и на американско-турскиот конзорциум да му се враќа акцизата на енергенти, а „увозот на добра извршен од страна на стратешкиот партнер е ослободен од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила за набавка на „pick-up“ возила“.

Една од измените во Законот за ескпропријација, пак, предвидува на стратешкиот партнер, односно во овој случај на „Бехтел и Енка“ да му се даде во владение експроприраниот имот „веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.“ Досега таквите одлуки не се спроведуваа сѐ до правосилност, која може да се чека со години доколку се жали сопственикот на имотот.

За да нема тешкотии и одложувања ако при работата дојде до наоѓање археолошко наоѓалиште или предмети од археолошко значење се менува и Законот за заштита на културното наследство. Па, така со измените се олеснува начинот на пријавување и ако се дојде до археолошки важно откритие треба да се пријави до надзорниот инженер, а не до „надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи“, како што предвидува законот во други случаи, ако не се работи за стратешки инвеститор за каков што е прогласен „Бехтел и Енка“.

Законот за урбанистичко планирање, пак, се менува, како што наведуваат предлагачите, за да се овозможи забрзана реализација и „повисок степен на флексибилност во однос на содржината на урбанистичките проекти“. Поради „ефикасна изградба“ се менува и Законот за градење.

Измените предвидуваат дека кога се работи за градбите од стратешки интерес, нема да се применуваат тековните законски одредби што се однесуваат на постапките за одобрување идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за почнување со изградба и слично.

Поради „долгите постапки“, измените на Законот за шуми предвидуваат  пренамената на шумата и шумското земјиште да се смета за завршена и погодна за запис во катастарот на недвижности, без потреба инвеститорот да спроведува дополнителни процедури „или да добие каква било согласност, одобрение или која било друга одлука или документ од кој било орган“. 

Бирото за вештачење ќе ја утврдува висина на надоместот за дрвната маса кога ќе се користи шумско или градежно неизградено земјиште на приватни сопственици, а надоместокот ќе биде платен веднаш, но не подоцна од шест месеци по извршената проценка. Трошоците за сеча и чистење на шумската вегетација, инвеститорот на градбата од стратешки интерес ќе ги компензира со дрвната маса што ќе се добие од сечата.

„Концесијата за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститор заради изградба на европски патни коридори од стратешки интерес“, предвидуваат измените на Законот за минерални суровини. Се продолжува и периодот за кој се доделува концесијата, кој досега изнесуваше три месеци од крајниот рок за градба на државниот или општинскиот пат или хидротехничкиот објект. Измените предвидуваат периодот на концесија да трае шест месеци. 

Во Законот за работни односи, пак, со измените се дозволува прекувремената работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно.

За ова писмена согласност претходно ќе мора да даде работникот. Дополнително се воведува можноста за работа во недела.

Пратениците бараат промена и на Законот за земјоделско земјиште. Во образложението стои дека „владата утврдила дека треба да се менува постапката за пренамена на земјоделско земјиште и да се олесни кога се работи за градбите од стратешки интерес“.

Така во законот се додава член за „Воспоставување право на службеност на земјоделско земјиште во државна сопственост за градбите од стратешки интерес“, а веќе постоечки одредби нема да важат за овие проекти.

Во сите измени се наведува или дека се прават поради конкретните два коридора, или, пак, за проекти од стратешки и национален интерес.

Законот со кој изградбата на коридорите 8 и 10Д му се даде на американско-турскиот конзорциум без тендер и без почитување на Законот за јавни набавки беше изгласан на 15 јули 2021 година. И тогаш предлагачи беа пратеници и беше донесен по скратена постапка.

Годинава беше потпишан и договорот за надзор на автопатиштата со италијанскиот конзорциум ИРД, но по серијата новинарски истражувања што ја почна БИРН се открија спорни прашања поврзани со фирмите што се дел од конзорциумот. Минатиот месец, јавното обвинителство соопшти дека отвора предистражна постапката за надзорот.

Неделава, пак, се одржа свеченоста на која со откривањето на таблата се означи изградбата на Коридорот 8.