Вести

За српскиот премиер Вучиќ новинарите кои критикуваат се лажговци

За односот на Вучиќ кон новинарите на БИРН реагираа и Европската комисија и Независната асоцијација на новинари на Србија, кои овие напади ги оценија како загрозување на слободата на медиумите.

Насловната фотографија на истражувањето на БИРН објавено во четвртокот

Насловната фотографија на истражувањето на БИРН објавено во четвртокот

Премиерот на Србија Александар Вучиќ ги нарече новинарите на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) „лажговци“, откако БИРН објави афера за државната компанија „Електропривреда Србија“.

За односот на Вучиќ кон новинарите на БИРН реагираа и Европската комисија и Независната асоцијација на новинари на Србија, кои овие напади ги оценија како загрозување на слободата на медиумите.

БИРН во четвртокот објави истражување за тоа како државната компанија „Електропривреда Србија“, ЕПС, склучила договор за реновирање на рудникот Тамнава со конзорциум кој немал никакво искуство во таа област, што значително ги зголемило трошоците.

Рудникот Тамнава беше зафатен од поплавите во мај минатата година, а конзорциумот предводен од српската компанија „Енерготехника – Јужна Бачка“ бил најмен за да ја испумпува водата од јамата. Истражувањето на БИРН покажало дека конзорциумот е поврзан со Никола Петровиќ, директор на друга државна компанија „Електромреже Србија“ и близок соработник на премиерот Вучиќ.

Веднаш потоа, српскиот премиер ги прогласи новинарите на БИРН за „лажговци“.

Не им е првпат на овие лажговци да шират лаги“, рече Вучиќ за новинарите на БИРН | Фото: vlada.rs

Не им е првпат на овие лажговци да шират лаги“, рече Вучиќ за новинарите на БИРН | Фото: vlada.rs

„Важно е луѓето да знаат дека тие добиваат пари од господинот Мајкл Давенпорт, шефот на делегацијата на ЕУ во Белград и од ЕУ, за да пишуваат против Српската влада. Не им е првпат на овие лажговци да шират лаги“, рече Вучиќ.

Европската комисија ги отфрли тврдењата од српскиот премиер дека БИРН е финансиран од Брисел за да шири лаги со цел да ја дестабилизира администрацијата.

Маја Кочијаниќ, портпарол на Европската комисија, изјави дека Брисел „е сериозно изненаден од тврдењата на Вучиќ дека ЕУ плаќа индивидуални организации за да шират кампањи против Српската влада“.

„Во целост ги негираме ваквите неосновани тврдења. ЕУ стои зад назависното новинарство и слободата на говорот, која е базичен принцип на демократијата“, рече Кочијаниќ.

Вучиќ веднаш се јави со писмено соопштение упатено до Кочијаниќ.

„Шокиран сум од фактот што Кочијаниќ во име на ЕУ се обидува да ме замолчи, да не одговарам на новинарски прашања.“

Тој рече дека „БИРН лобирал странски анонимни компании да го добијат тендерот за реновирање на најважниот рудник во Србија“.

„Оние што ги добиваат грантовите на ЕУ пробуваа да ја принудат Српската влада да ја прифати понудата од една западна компанија, која беше за 23 милиони евра поскапа од понудата на српската компанија“, рече Вучиќ.

Слободан Георгиев од БИРН-Србија за Радио Слободна Европа изјави дека во целост стојат зад објавеното истражување и дека никогаш не објавуваат стории без конкретни докази.

Истражувачката сторија на БИРН за Електропривреда Србија

Истражувачката сторија на БИРН за Електропривреда Србија

Гордана Игриќ, регионален директор на БИРН, за „Балкан инсајт“ вели дека ваквото таргетирање на медиумите од страна на властите ја потсетува на режимот на Слободан Милошевиќ.

„Овој вид пропаганда против независните и критички медиуми ме потсетува на деведесеттите години“, рече Игриќ.

За случајот реагираше и Независната асоцијација на новинари на Србија НУНС, која ги оцени обвинувањата на Вучиќ како вршење притисок на БИРН и на слободата на медиумите во целост.

Ова не е првпат премиерот Вучиќ жестоко да реагира на текстови објавени во БИРН.

„Објавеното е лага“, изјави Вучиќ на прес-конференција одржана специјално по повод објавен текст на БИРН во август минатата година.

БИРН тогаш објави истражување поткрепено со документи кое покажа дека Србија се обврзала да плати повеќекратно поголем износ од оној што го уплатувала партнерската фирма, за да остане формално мнозински сопственик во новоформираната компанија за авиосообраќај „Ер Србија“. Само во 2013 година, според податоците од договорите што ги објави БИРН, Србија се обврзала да плати 90 милиони долари додека партнерот од Обединетите Арапски Емирати со 49 отсто удел уплатил 40 милиони долари како заем. На државата останало да ги плати сите долгови кои биле проценети на над 230 милиони долари, стоеше во договорите што тогаш ги објави БИРН.