„Тоа беше жесток напад врз Горажде од левата страна на реката Дрина. Беше гранатирано, наоколу сѐ беше чад“, вели за БИРН, Мирсада Чаушевиќ, сеќавајќи се на артилерискиот напад на Горажде, град во источна Босна, во кој, на 14 април 1994 година, загинал нејзиниот осумгодишен син, Харис.
„Народот бегаше кон десната страна на реката. Се криевме и бегавме, а потоа одеднаш настапи тишина и гранатирањето престана“, раскажува Чаушевиќ.
Бидејќи се чинело оти нападот е готов, нејзиниот син излегол да се игра пред куќата, заедно со деветгодишниот, Елдин Башиќ, и осумгодишниот, Ервин Ушановиќ.
„Во 12.05 падна граната. Ги уби сите тројца. Мојот син беше погоден со парче од гранатата во срцевата артерија. А другите две момченца беа сосема искасапени“, раскажува таа.
„Соседката ми рече дека видела како Харис ја довикува мајка си на помош. Веројатно додека уште малку срцето му чукало“, додава Мирсада.
Горажде било под опсада на Војската на Република Српска (ВРС) 1.336 дена и во тој период, според здруженијата на жртвите, биле убиени околу 2.000 цивили, од кои 148 деца.
Нападите на Горажде биле особено изразени во април 1994 година, во текот на операцијата на ВРС наречена „Ѕвезда 94”, кога за помалку од еден месец биле убиени 20 деца. Меѓу нив и Харис Чаушевиќ и неговите две другарчиња.
За гранатирањето за време на опсадата на Горажде никој не е обвинет, ниту пред судовите во БиХ, ниту од страна на Хашкиот трибунал. Единствениот случај во кој беше споменато гранатирањето, беше случајот против Слободан Милошевиќ, кој почина во 2006 година, пред да заврши судскиот процес.
Во моментов, за два предмета се водат судски процеси против Бошњаци, за воени злосторства во Горажде. На поранешните полицајци, Ибро Меркез, Предраг Богуниќ и Eшеф Хуриќ, им се суди за незаконско затворање, убиства и нехуман третман на Срби во Горажде во 1992 и 1993, додека командантот на Армијата на Босна и Херцеговина, Ахмет Сејдиќ, е обвинет за злосторства над српски цивили и воени затвореници, вклучувајќи и за нелегално затворање и мачење, во општините Рудо, Вишеград и Горажде, во 1992 и во 1993 година.
Обвинителството на БиХ, минатиот месец, поднесе обвинение против поранешниот припадник на територијалната одбрана на Српско Горажде, Лазар Мутлак, за силување и сексуално малтретирање на жена од бошњачка националност, во Горажде, во 1992 година.
Ферида Смајовиќ, претседателка на Здружението на цивилни жртви на војната во Горажде, вели дека нападите врз овој град започнале во мај 1992 година.
„Првата граната на Горажде падна на 4 мај, кога останавме без електрична енергија, вода, храна …”, вели таа.
„Во април 1994 година беше спроведена голема офанзива во која беа убиени многу цивили и најголем број на деца. За жал, за 25 години никој не е процесиран за толку многу злосторства, убиени деца, за опсадата која траеше 1.336 дена“, додава Смајловиќ.
За страдањата на децата, за време на опсадата на Горажде во војната, Муамер Џанановиќ, виш стручен соработник во Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународното право, при Универзитетот во Сараево, објави книга под наслов „Злосторства врз децата од Горажде, за време на опсадата 1992-1995”.
Во книгата, која е истражувачки труд на авторот, се вели дека во Горажде, кое имало статус на безбедносна зона на ООН, биле убивани деца.
Според Џанановиќ, до прогласувањето на Горажде за безбедносна зона со Резолуцијата 824 на Советот за безбедност на ООН, биле убиени најмалку 56, а ранети најмалку 225 деца.
По добивањето на статусот безбедносна зона, најмалку 64 деца биле убиени, а најмалку 203 биле ранети.
Во книгата се додава оти биле убиени деца од сите возрасти, 40 отсто од предучилишна возраст, додека 98 отсто од убиените, биле деца од бошњачка националност.