Откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) деновиве откри дека штетно отпадно масло што е забрането во Европската Унија се увезувало во земјава како мазут и се користело во големи индустриски капацитети и во јавни објекти, повторно се отвори прашањето кој колку го загадува воздухот во нашите градови, колкав е уделот на секоја група загадувачи и кој треба да понесе најголема одговорност за лошата состојба што се провлекува со години.
Тезата што редовно добива многу внимание и поддршка кога се зборува за индустриското загадување или за согорувањето отпадни материи е дека тоа е убедливо најголемиот извор на штетните материи во воздухот што го дишеме, додека домаќинствата и нивното греење се користат како алиби-извор за да се скријат моќниците што дебело профитираат од тоа. Па така, изјавите на сегашни и на поранешни високи функционери дека „домаќинствата се виновни за воздухот“ се споредуваат со наодите за увезени и согорени штетни, дури и забранети материјали.
Сепак, работите не се ни од далеку толку црно-бели.
Треба да имаме предвид дека студијата од која произлезе дека домаќинствата се најголемиот извор на ПМ-10 честички, објавена пред пет години, е направена од сериозни институции, како Финскиот институт за метеорологија и Австриската агенција за животна средина, кои со поддршка на Европската Унија, Министерството за животна средина и на Град Скопје дојдоа до тие резултати со лабораториски испитувања. Го утврдија составот на ПМ-10 честичките и заклучија дека изворот на 32 отсто од нив се домаќинствата, 20 отсто сообраќајот, 19 отсто прашината и нечистотијата (во што удел има и масовното градење), 18 отсто индустријата, и остатокот од помали извори.
Не е направена нова студија, ниту овие податоци се научно оспорени, па така тезата дека домашното греење не загадува или дека неговиот удел е минимален, а се истакнуваат само „за да се скрие некој“, можеме да ја покриеме со црн чад. Каква било студија да се направи, нема да го намали уделот на домашното греење, особено ако се знае дека според податоците од Заводот за статистика, дури 62 проценти од луѓето во земјава се греат на дрва. Или поточно – имаат домашни ложишта во кои најчесто горат дрва, а повремено и понекоја иверка или друг отпаден материјал.
И тука треба да заврши секакво посочување на домаќинствата како дежурен, главен или единствен виновник за загадувањето.
Затоа што, прво, доколку на нив отпаѓаат 30 проценти од ПМ-10 честичките, има уште два-три дела за да бидат 100 проценти. Тука влегуваат индустријата, сообраќајот, нечистотијата итн. Разликите меѓу нивниот ПМ-10 придонес се доволно мали (десет отсто) за да не може да стане збор дека еден извор е виновен, а друг не е. Дури и индустријата како најмал од четирите основни извори на загадување има огромна петтина на својот грб.
Второ, едно е да се каже дека 30 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, а сосема друго е дека „домаќинствата се виновни“ за овој процент загадување. Како може да бидат виновни? Што да прават, да не се греат? Се обидувале да заштедат, користеле несоодветни горива… Од кога е незамисливо во една „земја на изобилството“ како нашата дека некој сака да заштеди?
Трето, кога државните функционери премногу инсистираат на половината што ја опфаќаат домаќинствата, сообраќајот и други индивидуални извори, како да се оградуваат од одговорноста што ја имаат. Тоа е повторно нивни пропуст, нивни неуспех. Државата е одговорна за да овозможи поволни услови за енергетска транзиција, за да обезбеди транспортни алтернативи, да води политики за охрабрување на доброто и обесхрабрување на лошото, за да ја постигне целта – почист воздух. Сѐ уште ја чекаме.
Најмалку десет години, аерозагадувањето е една од главните теми што ја преокупираат јавноста. Во меѓувреме ги губиме шумите поради дивата сеча што институциите не можат да ја спречат и со тие дрва го загадуваме воздухот поради недостигот од поповолни алтернативи. Многу алтернативи, како проширување на мрежата за парно греење во Скопје, обезбедување парно за други градови и општини и други, завршувале на ниво на физибилити студии. Па, барем да им ги дадеме на домаќинствата испечатените физибилити студии да ги изгорат, така ќе имаме поголема корист и за енергетскиот биланс и за животната средина.
Четврто, со одржувањето на истите начини на греење кај домаќинствата, тие ќе останат голем загадувач, кој секогаш ќе создава поволен простор за некои опортунистички „претприемачи“ да „изгорат некое ѓубренце“ за некоја паричка, зашто во толку чад, никој нема да забележи дека тие испуштиле уште малку. Не треба да заборавиме дека намерното загадување, со цел да се оствари фамозната „противправна имотна корист“ е кривично дело, дури и ако тоа учествува со 0,0000001 отсто во вкупниот биланс на ПМ-10 честички на годишно ниво. Така што, ако некој користи нелегални горива, не смее да помине како аргумент дека „неговото загадување е минорно“.
Загадувањето нема да се реши со магично стапче. Голема е желбата кај многумина да се фатат тие 10-20 луѓе и фирми што загадуваат и да им се истегнат ушите за да престанат, но тоа нема да се случи. Дури и да престанат, воздухот ќе остане загаден.
Но, проблемот уште помалку ќе се реши со постојаните констатации дека е „комплексен“, дека е „резултат на енергетска сиромаштија за која се потребни години залагање“, дека „јавната свест треба да се подобри“ итн. Или дека „луѓето се виновни“. Ниедни граѓани не избрале свои претставници во власта за постојано да им кажуваат колку самите се виновни за проблемите што ги мачат. Ги избрале за да најдат решенија.