Легализација на дивото градење

Коментар на Гоце Трпковски

„Ако не пројде сега, ќе пројде со следниот закон“. Ова е пораката што Законодавниот дом им ја испрати на граѓаните со натпартиското изгласување на новиот закон за легализација на дивоградбите, донесен по скратена постапка со 72 гласа „за“ и од власта и од опозицијата.

Со продолжувањето на рокот за пријавување и за траење на постапките, како и со отстапувањата што се вметнаа во него во однос на претходниот закон (како можноста правен статус да добијат и објекти во заштитени подрачја и во заштитени зони со извори на вода) се премина линијата со која оваа постапка се продаваше како решавање на еден историски проблем за многу голем дел од населението.

Веќе не станува збор за легализирање дивоградби, туку за легализација на дивото градење како принцип и како начин на кој функционираат работите.

И во сегашниот закон има задршки, како на пример дека охридскиот регион е исклучен од него поради УНЕСКО, дека нема да се однесува на станбени згради, дека времените и монтажни објекти нема да може да добијат правен статус итн. Исто така е предвидено дека оние што сега ќе почнат постапки нема да поминат со едно евро од квадрат како со претходната легализација, туку со целосно платени комуналии и камата од 50 отсто.

Но, какво значење има тоа, кога веќе се воспостави принципот дека секогаш може да се донесе нов закон, а пратениците и партиите секогаш ќе бидат заинтересирани да добијат некој глас повеќе од оние на кои им е потребна легализација? Задршките денес може да станат отстапки утре.

Масовно легализирање беше потребно како некое нужно зло, со оглед на тоа како се развиваше државата во изминатите 50-60 или повеќе години. Во 2011, кога се донесе првиот закон, беше направена проценка дека во земјава има околу 300 илјади дивоградби. Ако го споредиме тоа со бројот на станбени единици од пописот во 2002, кој изнесува околу 700 илјади, излегува дека најмалку една третина од населението живеело во градби со нерешен правен статус. Јасно е дека да се урнат сите тие никогаш не беше опција.

Добро е познато и како настана тој историски проблем. Масовната индустријализација во Македонија во 1950-тите, 1960-тите и во 1970-тите целосно ја смени демографската структура, привлекувајќи го руралното население во градовите. Но, урбанизацијата не можеше да го следи овој прилив на работна сила. За некои доселеници имаше државни станови или земјишта во плански населби, другите мораа да се снаоѓаат со градење на периферијата на градовите, во нивите, на своја рака и без никаков план.

Но, обидот (или можеби изговорот) да се реши правниот статус на сите овие луѓе се претвори во поле за злоупотреба на разни опортунисти, кои што не изградиле куќа „од немај каде“ пред 50 години за да се преселат во градот и да работат во фабриката, не изградиле втор кат пред 20 години зашто немаат пари на децата да им купат нов стан итн., туку граделе на диво и покрај тоа што имале и услови и можности да градат легално.

Разни викендички, хациенди, базени, стопански објекти, угостителски објекти и многу други на овој начин си го наоѓаат патот кон добивањето легален статус. Со тоа целосно се загуби смислата дека легализацијата решава социјален проблем, а дивото градење се претвори од историски инцидент во пракса за сегашноста и за иднината.

Принципот дека е подобро, а и политички опортуно, да се избираат полесните начини за да се реши некој проблем (со едно гласање и потпис) наместо правилните (со воведување стандарди и регулација) е издигнат на ниво на државна политика

Самото носење на новиот закон открива најмалку три неуспеха на државата. Прво – таа не успеа да го спроведе стариот закон и да го реши проблемот што требаше да го реши. Според последните податоци од Катастарот, легализирани се 263 илјади дивоградби изградени до 3 март 2011 (до носењето на стариот закон), што значи дека многу од нив сѐ уште останале. Доволно е да се види примерот со Арачиново и со неговите нула денари наплатен данок на имот за 2017, 2018 и за 2019 година. Има над 800 куќи. Се гледаат и од вселената, преку Гугл Мапс. Но не се гледаат во катастарските податоци. Нема ниту 200 што се уредно регистрирани како недвижности.

Тоа значи дека за добар дел од населението сѐ уште не претставува никаков проблем да се живее во беправно изграден објект, и дека легализацијата беше понудена не како обврска, туку само како поволност, за ако некој сака да ја внесе својата куќа во правниот промет (да ја продава, издава, стави под хипотека итн.) дека може да ја трансформира во легална, а инаку не мора.

Второ – не запре дивото градење. Зошто инаку новиот рок за пријавување се однесува на објекти што ќе бидат изградени заклучно со стапувањето на законот во сила, односно осмиот ден откако тој ќе биде објавен во Службениот весник? Затоа што не запрело градењето надвор од законот на 3 март 2011, туку продолжило непречено и во овие 10 години.

Трето – залудно е да се носат закони за да се воведе ред, ако не се вложува во капацитетите за нивното спроведување. Идејата беше дека откако ќе се озакони тоа што е досега направено, градењето ќе продолжи само со закон, ред и урбанистички планови, а обидите за диво градење ќе се спречуваат во корен, за воопшто да не дојде до завршен објект, за кој потоа би се барала легализација.

Кој требаше да го постигне тоа? Општините. Слаби, без пари, без ресурси, луѓе и материјали, подложни на влијанија, раководени од луѓе со сомнителни капацитети и со уште посомнителни мотиви… Ниту имаа силни инспекции за да воспостават контрола, ниту капацитети за доволно брзо да подготвуваат планови со кои градењето ќе може да продолжи, но според стандардите за квалитетно живеење. Кога една Општина Центар се мачеше четири години со ревидирањето на ДУП-овите, што останува за помалите и периферни локални самоуправи?

Затоа ништо не укажува и дека сега ќе се стави крај на проблемот со дивото градење. Нема да биде изненадување ако за десетина години повторно се заговара нова легализација. Градењето секако ќе продолжи, а без силни институции тоа не може да продолжи на правилен начин. Принципот дека е подобро, а и политички опортуно, да се избираат полесните начини за да се реши некој проблем (со едно гласање и потпис) наместо правилните (со воведување стандарди и регулација) е издигнат на ниво на државна политика. Но и тоа има граници, и само прашање на време е кога ќе ни се удри од глава.