Изборот на обвинители како невкусна шега

Коментар на Васко Маглешов

Беше ноември 2017, кога членовите на Советот на јавни обвинители расправаа кој да биде идниот државен обвинител. Во записникот од седницата, тогашни и актуелни членови ги опишуваа кандидатите: за еден рекоа дека „се рекламирал себе на телевизија“, дека е „негативен“, трет дека е „дрзок“, четврти дека е „безобразен“…

Дискусија за професионалнaта работа на кандидатите (особено за број и сложеност на предмети, претставки…) речиси и да немало, а разговорите биле саде лични впечатоци.

Четири години подоцна, со мали промени во составот, Советот избираше обвинители што треба да гонат организиран криминал или да бидат унапредени во скопското Вишо јавно обвинителство.

Секој што ја изгледа последната седница на обвинителскиот совет, лесно ќе заклучи дека посодржинска дискусија има при избор на куќен совет, отколку кога се избираат или се унапредуваат обвинители во Македонија.

Беа избрани и унапредени по пет обвинители, а расправа за професионалните квалитети на кандидатите немаше, всушност немаше никаква расправа и изгледаше како ептен под принуда да е тргната завесата од некој настан пост фестум, па публиката имаше можност да види само како се раскренува сцената со уморни и преглумени актери.

Советот на јавни обвинители неодамна доби „шлаканица“ од американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнс, која на денот на правосудството, 31 март, го искритикува ова тело дека не пуштила новинарска екипа на една од јавните седници, па првиот човек на Советот мораше да се правда дека станува збор за недоразбирање.

По оваа критика, Советот (во правосудството кое нели е отворено како пупка), кој постојано се правда дека нема услови за јавноста да биде присутна (мала сала, немање доволно човечки ресурси), најде начин изборот на обвинители да биде јавен, онака како што впрочем налага Законот за Советот на јавните обвинители.

Ова е, всушност, првпат јавноста да види како (не) треба да се избираат обвинители: како на лента во производствен фабрички погон, без дискусија и со необразложени одлуки. Какви ли се другите седници на Советот кога нема јавност?

Здодевно беше да се слуша како првиот човек на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, како на аукција ги собира и ги пребојува гласовите од колегите, затоа што речиси целата седница беше потрошена за јавноста да слуша репетитивно само два збора: „за“, „против“, „за“, „против“, „за“, „против“…

Чувме дека сите пријавени добиле високи оценки, но не слушнавме образложенија за ниту еден од кандидатите. Ниеден член на обвинителскиот совет не се јави да каже макар една реченица и да образложи зошто некој кандидат треба да гони организиран криминал.

Дури и да не е спорно што обвинителката Ленче Ристоска од згаснатото СЈО (прв обвинител за врски со Македонија во Единицата за судска соработка на ЕУ) доби само четири гласа или што членовите на Советот биле убедени оти скопскиот обвинител Дарко Јакимовски не треба да добие ниеден глас и да биде унапреден во Вишото јавно обвинителство, неприфатливо и срамно e што не слушнавме ниту збор зошто е тоа така. Така би се увериле дека гласовите не се гаѓање во пикадо, туку аргументиран став.

Ова е речиси исто како критиките дека во парламентот, без никаква дискусија, само со стискање копче се донесуваат закони и се избираат носители на функции.

Дека ова повеќе наликува на непристојна шега отколку на „случаен“ избор, најмногу говори и тоа што истите членови на Советот, за еден кандидат еднаш гласаа „против“ (за избор во Обвинителството за организиран криминал), а другпат гласаа „за“ (за Вишото јавно обвинителство).

Дали тоа значи дека кандидатот е добар за едно, а не чини за друго обвинителство? Дури и да е така, мора да има аргументација зошто. Правото на јавноста да знае, не значи само да чуе „за“ или „против“, туку и да знае – зошто.

Му верувам на претседателот на Советот кога кажува дека на него и на членовите не им бил вршен партиски притисок. Па, се разбира дека не им е вршен притисок, затоа што „усогласувањата“ доаѓаат нежно – замотани во свилена салфетка.

Јасно е дека партиите преку Собранието директно номинираат четворица членови во 11-члениот Совет, а државниот обвинител доаѓа на предлог на Владата. Нашиот политички хазард редовно фрла луѓе кои утре ќе треба (без притисок) само „да се усогласат“. Секако, не мора ништо да образлагаат. И во ерата на Михајло Маневски и Марко Зврлевски никој јавно не се жалеше на притисоци.

Потврда за тоа е што имињата на новоизбраните обвинители јавноста веќе ги знаеше претходно. Конечниот избор само ја потврди листата што медиумите ја објавија неколку часа пред седницата, без запирка, без забелешка и без изненадување.

Исто како и со Судскиот совет, изгледа дека и овде некои седници се за јавност, а веројатно има и некои други каде што јавноста не е присутна. Вторите ќе да се за „пеглање“ на разликите.

Во едно друго, не така одамна, минато време, слушавме како имињата на тие што треба да се избираат за судии и обвинители се договараат по телефон. Дали сега разликата е во само тоа што тоа сè уште не сме го чуле?!

Огласот што заврши, покажа уште нешто – дека од речиси 180 обвинители, само 14 сакаат да гонат организиран криминал во државата, што самото по себе е доволна индикација за анализа. Да, порано имало и уште помалку, ама прашањето е зошто обвинителите „со тешко срце“ одлучуваат да гонат криминал на белите јаки, а попрестижно им е да бидат во „кроткото“ Вишо обвинителство (пријавени беа двојно повеќе 32).

Обвинители ќе се избираат и во иднина. На ред е изборот на шеф на Скопското обвинителство (името веќе ѝ е познато на редакцијата), а наскоро и на двајца републички обвинители, за кои, исто така, веќе се вртат имиња во јавноста. Останува само да го дочекаме датумот на избор.