Чуму тајни хонорарци?

Коментар на Тамара Чаусидис

  „Активната транспарентност е најсилниот непријател на лажните вести и дезинформациите“

Зоран Заев, 2019

Речиси и да не е никаков предизвик да се наредат изјави и фалби на актуелните ни министри и уште поактуелниот премиер за тоа колку се тие транспарентни и отчетни кога станува збор за трошење на буџетските пари, па да се констатира степенот на несогласување со реалноста, разочараност, цинизам и малодушност што тие ги предизвикуваат на дневна основа.  

Но, една од професиите што не смее да биде победена од малодушност е и новинарството. И тогаш кога се чини залудно, прашањата мора да се постават, одговорноста мора да се бара. И одбивањето да се даде одговор, и лошо прикриената нервоза се своевидни одговори. Или како што вели мојот колега „лакмус“ што ја покажува вистинската состојба.

Зошто обичен смртник што добил 40 денари од викенд без ДДВ би бил објавен од Министерството за финансии, а не и авторот на владините соопштенија платен 33 илјади?

Иако транспарентноста ја има во изобилие во политичките изјави на владините првенци – за сето она каде што таа е неопходна, за сите незгодни прашања и откритија, таа е ретка ѕверка, каква што секогаш и била. Последен таков случај е истрагата за патентот на Рашковски, со именувањата на директори и функционери, а таков е случајот и со платите на анонимните хонорарци на Владата.

Се разбира дека нема ништо спорно доколку владата ангажира експерти и луѓе за дополнителна работа. Веројатно и нема влада во светот, која хонорарно не ангажира експерти или екстра соработници. Она што е спорно и не смее да се третира за нормално е што тие луѓе се кријат, што се анонимни.

Тврдењето на Владата дека се „раководи според препораките на Греко“, напросто не се точни. Препораката во извештајот по петтиот круг на евалуација е дека имињата, како и бенефициите (плати, надоместоци и слично) на советниците и ад хок ангажирани трети лица (во кои по дефиниција спаѓаат оние хонорарно ангажирани) треба да бидат објавени и лесно достапни.

И навистина, според кој критериум, според чиjа оценка, приватноста на сите  луѓе вработени во генералниот секретаријат и оние вработени во кабинетот на Заев може да биде изложена на увид на секој што е заинтересиран, заедно со висината на примањата, описот на нивната работа и електронската адреса, а тие што се хонорарно ангажирани се заштитени?

Тврдењето на Владата дека се „раководи според препораките на Греко“, напросто не се точни. 

Зошто, на пример, извесен српски експерт Владимир Цветковиќ, додека е советник на Заев, е наведен со име и презиме и хонорар на страната на отворени финансии, но откако во јавноста се дебатираше околу „српските советници“, го нема со име и презиме, па можеме само да претпоставиме, но не можеме да тврдиме, дека станува збор за истиот човек, врз основа на  функцијата „претседател на ИКТ советот“ што се најде меѓу хонорарните соработници исплатени во декември. Колку поранешни советници се кријат меѓу анонимните хонорарци?

За пропагандната машинерија на владата е веќе пишувано. И нејзината (не)ефикасност е веќе пословична.

Практично, пола од пи-арџиите („на“ Заев и „за“ Заев) се хонорарци. И тоа е така практично од првиот мандат. Еве да речеме дека шестмина вработени за медиумско следење, анализа и истражување не се доволни, па мора да се ангажираат дополнително уште двајца, ама какво ќе беше тоа соопштение, кога за негово пишување, покрај редовно вработените, на испомош се викаат хонорарни експерти? Каков е тој „квантум на информации што се објавуваат на дневна база“ за кој е потребно двојно поголема работна сила? И зошто тогаш таа сила не е редовно вработена? 

На крајот на краиштата, зошто обичен смртник што добил 40 денари од викенд без ДДВ би бил објавен од Министерството за финансии, а не и авторот на владините соопштенија платен 33 илјади? Дали можеби истиот автор е наведен во импресум на некоја редакција како „независен и објективен“ новинар, колумнист, уредник?

Ова се разбира се шпекулации, но тие се раѓаат секогаш кога недостасуваат точни и прецизни податоци. А без нив, транспарентноста е можна само во празни политички флоскули, на кои никој повеќе не им верува, дури ни хонорарните поддржувачи.