Кале – срам покриен со згради

Коментар на Гоце Трпковски

„Ќе нѐ снема, ќе се обезличиме, ќе останеме без историја, ќе се распродаде сѐ што е македонско“… Јавниот простор во земјава е преплавен со апокалиптични сценарија за губење на идентитетот на македонскиот народ. Се сретнуваат насекаде, од политичките врвови, сѐ до масовно посетените групи на социјалните мрежи.

И додека трае целата паника (а трае веќе 30 години, со посебно жесток интензитет во последниве две-три), цело време ги вртиме главите настрана од уништувањето на темелите на тој идентитет – културното наследство.

Не само што не ја решивме негрижата за старите цркви во напуштените села, изложеноста на манастирите на пожари и дивото копање археолошки наоѓалишта далеку од населените места, туку веќе стигнавме да зборуваме за запуштање и распаѓање на монументална тврдина во центарот на главниот град.

Калето е симбол на Скопје, го има на грбот на градот, застапено е во секоја туристичка брошура или реклама. Но, секој што го посетил во изминативе пет години видел дека е далеку од репрезентативен објект што сведочи за милениумската историја на тоа подрачје. Недовршен проект, со купчиња градежни материјали и несигурни ѕидови, скелиња и метални шипки, полуразурнати објекти, оставени да сведочат за тепачка од скорешната историја – тоа може да се види на ридот над Вардар.

Без никаков отпор се дозволи од овој чувствителен простор од големо значење за градот, државата, историјата, да се создаде сива зона. Во која нештата не се баш легални, ама не се ниту нелегални. Во која градбите не треба да постојат, ама има начини како да продолжат да постојат

За десет години можеше темелно да се истражи до слоевите од каменото време, а следните пет години не беа доволни за да се изработи еден документ за него, елаборат за ревалоризација. И тоа од институција што исто така ја има тврдината на своето лого – Конзерваторски центар Скопје. Тоа е основен документ со кој треба да се утврдат границите на заштита и правилата што смее, а што не смее да се прави во и околу Калето.

Јасно е дека со Калето во моментов не можеме да се гордееме. Односот на институциите кон него во изминатите години е како да се срамиме од него. Не од сегашната состојба, туку од постоењето на тврдината воопшто. Првиот инстинкт е срамот да се покрие, а ние успешно му го правиме тоа на Калето цела деценија, уште откога со проектот „Скопје 2014“ се направи предимензионираниот Стар театар и зградите на Водовод и на Град Скопје (последнава се продаде и сега е приватен деловен објект). Тие ги сокрија ѕидовите што со векови стојат до Вардар.

Политичарите што го градеа Скопје 2014 си отидоа, а од тие што ги заменија очекувавме поголема почит кон трајните вредности. Дали ја добивме, се гледа по тоа што околу Калето сѐ уште интензивно се гради. Покрај Вардар сега растат нови повеќекатници, приватни, кои дополнително ќе го покријат.

Градежната офанзива се префрли и веднаш до ѕидините, на просторот меѓу тврдината и Музејот на современа уметност. За и од таа страна да се наруши историскиот амбиент и уште малку да се засени културниот споменик.

А дупки, богами, има. Една институција не направила елаборат за заштита, друга не подготвила урбанистички план, трета ги чека првите две да си ја завршат работата … Низ толкави дупки лесно се протнуваат булдожери и мешалки за бетон

Преку легализации, реновирања и други методи што можеа да ги најдат низ дупките оставени во законите и процедурите, сопственици и инвеститори таму обновуваат приватни куќи и прават комерцијални објекти, во архитектонски стилови на кои воопшто не им е местото до споменик на културата од прва категорија.

А дупки, богами, има. Една институција не направила елаборат за заштита, друга не подготвила урбанистички план, трета ги чека првите две да си ја завршат работата за да продолжи, четврта прави планови без можност да ги спроведе… Низ толкави дупки, лесно се протнуваат булдожери и мешалки за бетон.

Без никаков отпор, се дозволи од овој чувствителен простор од големо значење за градот, државата, историјата, да се создаде сива зона, во која нештата не се баш легални, ама не се ниту нелегални. Во која градбите не треба да постојат, ама има начини како да продолжат да постојат. Зона во која не може да има хотел, ама може да има објект што ќе работи како хотел, само нема да се нарекува така, за да не го крши законот, нели. Зона совршена за ендемски бизнис-опортунисти, кои знаат да пливаат во матното и да излезат чисти.

Методот на рушење со градење, кој беше карактеристичен за целото централно подрачје пред десетина години или помалку (објектите што не им се допаѓаа на поранешните власти беа покривани со нови фасади или со цели згради изградени на тесни простори пред нив, за да ги затскријат) успешно продолжува околу Калето.

Овде не станува збор за срамење, недопаѓање или за друг сличен однос кон тврдината. Тоа што се случува во и околу неа е последица на обична незаинтересираност. На однос во кој и институциите, не само опортунистичките бизнисмени, го гледаат просторот само како нешто со материјална и градежна вредност, недвижност што може да се нагодува. Не допираат до нив законските принципи и меѓународните стандарди според кои историските градби не е доволно да се заштитат само од едниот до другиот ѕид, туку дека треба да се зачува историскиот амбиент и околу нив.

Или, можеби, полесно е да заборавиме дека тврдината постои и дека е најзначајното историско место во главниот град, отколку да почнеме да ја уредуваме поради претпазливост повторно да не се создадат етнички тензии, бидејќи ќе мора на еден или на друг начин да се реши оној несреќен објект наречен музеј-црква, кој стои на нејзината највисока точка? Објект што сведочи за настан со кој едниот коалициски партнер во Владата отворено се гордее, а другиот не знае како да се постави кон него? Секогаш е најлесно таквите проблеми да се туркаат под тепих, во случајов под тепих направен од легални или легализирани згради. За сметка на таквите краткорочни решенија, се губат трајните историски вредности, за кои се плаче дека „соседите ни ги земаат“.

Која и да е причината, властите должат многу одговори зошто Калето пет години ги чека документите што ќе ја овозможат неговата вистинска заштита. Одговори, не изговори. Затоа што не можеме да си дозволиме да го губиме културното наследство. Тоа е единствено и неповратно.