Истражувањa

Калето „слободна зона“ за нови градби

Додека институциите бавно подготвуваат документи, приватници создаваат нова „фактичка состојба“ околу тврдината

„На Калето е закопана историјата на Скопје, и ако дозволиме да се гради врз него, ја покриваме сопствената историја“. Со оваа парола, неколку илјади граѓани, предводени од архитектот Живко Поповски, во 2004 година потпишуваа петиција против изградбата на американската амбасада на ридот кај тврдината, на еден километар северно од нејзините ѕидини.

Денес, 17 години подоцна, десетпати поблиску до бедемите на вредниот историски споменик од прва категорија се градат нови објекти. Направени се во последниве четири-пет години, а нивната изградба не алармираше никого. Има нов хотел и нови приватни куќи на сопственици што се доселиле од други места, како и стари објекти во кои живеат неколку староседелски семејства.

Детален урбанистички план сѐ уште нема, па за новите градби се користеле алтернативни законски механизми, како легализација на дивоградби, реновирање и адаптација на постојни објекти и слично.

Истражување на БИРН открива како бавноста на институциите задолжени за заштитата на културното наследство, нивната заплетканост во бирократски процедури, како и недоволниот интерес, овозможи, во чувствителната зона околу овој значаен, но де факто заборавен споменик на културата, да почнат да никнуваат приватни комерцијални објекти. 

Земјата државна, објектот приватен, дозвола има, но не се знае каква

Хотелот Ми Каса со порта во „мароканско-андалузиски“ стил | Фото: Г. Трпковски/БИРН

Хотелот „Ми Каса Ориент“ е убедливо највпечатливата градба во околината, со масивен портал изграден од тули на предната фасада и со конструкција од стакло и метал околу неа. Се наоѓа на точно 94 метри од влезот во Калето, на просторот меѓу тврдината и Музејот на современа уметност.

Иако е во непосредна близина на автентичен историски објект, со својот изглед имитира архитектонски форми карактеристични за места што се две-три илјади километри оддалечени од Скопје.

„Мојата идеја беше да се изгради во мароканско-андалузиски стил и архитектонското студио успешно го вклопи тоа“, вели за БИРН, сопственикот на објектот, бизнисменот Ферки Демировски.

Законски на местото не може да има хотел, па Демировски вели дека ќе го водат како приватен објект со соби за издавање. Од 7 февруари 2020 година имаат отворено фирма со име „Ми Каса Ориент“, чија сопственичка и управителка е неговата сопруга Елма Демировска, а е регистрирана под шифра за „хотели и слични објекти за сместување“.

Засега работи само барот и летната тераса, а за хотелот се чека да се категоризира, па да почне да пречекува гости.

Неавтентичниот изглед е само мал дел од проблемите со хотелот. Никому не му е јасно како тој воопшто се изградил таму. Дури и сопственикот Демировски вели дека „не ги знае сите детали“.

Земјиштето каде што се наоѓа, според катастарските податоци, е во сопственост на државата и за него се води постапка за приватизација од 2011 година. Во Генералниот урбанистички план, целиот простор меѓу тврдината и музејот е означен како зеленило, без градби, и како контактна зона за заштита на Калето. Досега за тоа место не бил направен детален урбанистички план, како основен документ за нешто да може легално да се гради.

„Се смета за заштитено подрачје и затоа не се правеле урбанистички планови. Сега се подготвува првиот. Бидејќи немало план порано, немало законска основа за општината да издаде градежна дозвола за што било на тоа место“, вели Саша Богдановиќ, градоначалникот на Центар, општината на чија територија е Калето и околниот простор.

И покрај сето тоа, објектот постои и е запишан во катастарот како недвижност во приватна сопственост, изградена врз државно земјиште. Попрецизно, во имотниот лист достапен на интернет, на парцелата се впишани десет станбени единици со различни димензии, со вкупна површина од 270 квадратни метри.

Дел се заведени како куќи во низа, дел како згради, а една како мал комерцијален објект. Поединечните димензии на хартија им се од четири до 80 квадрати. Документите што ги добивме од скопскиот катастар покажуваат дека посебните единици Демировски ги купил во 2017 и во 2018 година, а му се запишани на единствен имотен лист во 2019 година.

Демировски, за БИРН, вели дека прво купил куќа малку погоре од хотелот, за да живее во неа со семејството, па соседите му ги нуделе и своите бараки.

Целиот простор меѓу Калето и Музејот на современа уметност треба(ше) да биде парк | Фото: Г. Трпковски/БИРН

„Овде порано живееја шест семејства. Кога почнав да ја градам мојата куќа, самите почнаа да ми нудат. Некои имаа проблем со документација, со легализација, но ги зедовме сите, една по една. Во текот на две-три години ги купивме сите бараки“, вели тој.

Сопственикот додава дека хотелот се градел две-три години. Од историските сателитски снимки и од корисничките фотографии на Гугл може да се види дека тој е направен во 2020 година на местото на поранешен помал и невпечатлив угостителски објект. Објавите на социјалните мрежи, пак, покажуваат дека барот на хотелот со летната тераса со панорамски поглед на градот пречекува гости од октомври 2020 година.

Катастарските документи покажуваат дека повеќето поранешни сопственици ги легализирале своите имоти меѓу 2014 и 2016 година. Со легализациите не било опфатено само тоа што порано го имале како бараки, туку и тоа што во меѓувреме го доградувале, па така некои единици се зголемиле од 19 на 30 квадрати, од 52 на 80 квадрати итн. Заедно се собрале 270, колку што изнесува и основата на хотелот. Во документите сѐ уште стои дека има еден кат, но тој има и поткровје.

Демировски тврди дека за објектот добил градежна дозвола и дека архитектонското студио што го дизајнирало хотелот се консултирало со институциите задолжени за заштита на културното наследство. Но, не знаеше прецизно ниту со која институција е разговарано, ниту каква дозвола има објектот на место каде што не може да се издаваат одобренија за градење.

„Најверојатно е работено врз основа на постојниот објект, со реновирање, затоа што овде каде што е зградата има објект. Ние можевме да градиме само во линијата на стариот објект, еднаш излеговме и нѐ рушеа“, рече Демировски.

Нема информации кои институции го одобриле градењето | Фото: Г. Трпковски/БИРН

Додаде дека најмил адвокат да му ги заврши формалните процедури, бидејќи ниту ја познавал регулативата, ниту имал време да се занимава со неа, водејќи бизниси во Хонг Конг и во Дубаи, па нѐ упати кон правниот застапник за повеќе детали. По повеќе телефонски повици, адвокатот одби да зборува насамо во име на својот клиент. Испративме мејл до Демировски да ги обезбеди деталите за градежната дозвола и за комуникацијата со културните институции, на кој не добивме одговор.

Со дозвола за реновирање не може еден објект целосно да се урне и на негово место да се направи нов, макар во истите димензии, велат за БИРН од надлежното Министерство за транспорт и врски. Оттаму додаваат дека на места каде што не постои урбанистички план, а има легализирани објекти, не може да се издаде ниту одобрение за реновирање, туку само за надградба, и тоа единствено ако станува збор за семејна куќа. Затоа е нејасно врз кои законски одредби Демировски изградил комерцијален објект за издавање.

Во истата општина во која е и хотелот имаше случај во кој сопственикот беше спречен целосно да ја урне старата градба и да изгради нова, под изговор за реновирање. Тоа е поранешната стоковна куќа „Беко“ на бизнисменот Борис Стојменов, чие градилиште постојано го посетуваат општинските градежни инспектори. Зад средновековните ѕидови на Калето, пак, се чини дека истата постапка поминала  речиси незабележано.

Новиот детален урбанистички план што се подготвува за тоа место е во фаза во која планерската куќа собира податоци за да подготви предлог-план. Тоа е осмиот од вкупно 20 чекори во донесувањето на еден ДУП. Градоначалникот на Центар, Богдановиќ објаснува дека тој ќе мора да биде усогласен со генералниот план и целиот простор ќе биде обележан како зеленило. Таму нема да може да се вцртаат градежни парцели, па без оглед на легализирањето, сопствениците нема да можат да си ги откупат земјиштата.

Од друга страна, нема да може да се урнат, па ќе останат да висат како градби без земја.

Еден чекор пред бавните институции

Во „новото маало“ има неколку нови или обновени приватни куќи | Фото: Г. Трпковски/БИРН

Ако меѓу Калето и Музејот на современа уметност немаше градби, или ако државата ги откупела руинираните имоти пред тие да го привлечат вниманието на новите инвеститори, целиот простор ќе можеше да се уреди како парк. Всушност, тоа така е и  предвидено со Генералниот урбанистички план донесен во 2012 година, како и со идејните решенија што Градот Скопје ги доби на меѓународен конкурс што го распиша во април 2019 година. Во октомври истата година пристигнаа вкупно 17 решенија за овој проект, наречен „Кале – културна тврдина“. Сите тие предвидуваа просторот да биде парк со павилјони, и без згради.

Од Градот Скопје ни одговорија дека по конкурсот не можеле да подготват главен проект според идејните решенија и да почнат постапка за тој да се реализира, бидејќи институциите задолжени за заштита на културното наследство ги немале (и сѐ уште ги немаат) изработено документите што се нивна обврска, со кои се определуваат границите и правилата за уредување во и околу заштитените историски градби.

Во потрага по одговори како се случи тоа и зошто културните институции ја испуштија контролата врз ова значајно подрачје, влегуваме во класичен бирократски лавиринт, во кој тие или си ја префрлаат надлежноста, или тврдат дека работата „само што не биднала“, но сѐ уште „фали еден документ“.

Документот што фали се вика „елаборат за ревалоризација“. Уште од 2004 година е донесен законот со кој такви елаборати треба да се направат за секој заштитен објект, за да се утврди неговата вредност, културно-историско значење, и да се определат границите на неговата заштитна и контактна зона. Заштитната е самиот објект, а контактната е околниот простор, важен за зачувување на амбиентот и за можни идни истражувања.

Со елаборатот се утврдуваат и правилата на игра – што смее и што не смее да се прави во подрачје под заштита. Да бил донесен во изминатите години, без разлика што на подрачјето имало приватни објекти, тие немаше да може да се реновираат по желбите и замислите на сопствениците.

Зошто го нема елаборатот за Калето? Него треба да го изработи  Конзерваторски центар Скопје. На документот се чека од 2017 година, откога завршија археолошките истражувања.

Тврдината се потешко се гледа од новите градби | Фото: БИРН

Испративме повеќе прашања до Конзерваторскиот центар во кои побаравме одговор за границите на заштитеното и на контактното подрачје, за статусот на приватните објекти во непосредна близина на тврдината и за понатамошните планови во врска со уредувањето на просторот.

„Постапката за ревалоризација на скопската тврдина „Кале“ е во тек, така што прашањето на границите на доброто и на контактната зона, како и степените на режимот на заштита, во моментов се отворени“, се вели во одговорот потпишан од Љиљана Китановска, архитект и виш конзерватор од Конзерваторскиот центар – Скопје.

На сите други прашања, Китановска, во име на градскиот Конзерваторски центар, или немаше одговори или упатуваше на други институции, како Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство или Општина Центар.

Управата е институција, која е надредена во однос  на Конзерваторскиот центар, и е задолжена да го одобри документот што тој треба да го изготви. Ацо Костов, директор на Управата, вели дека готов елаборат веќе има, но се чека комисијата на Управата да го разгледа. Не откри кога ќе се случи тоа, но рече дека податоците во него, вклучително и границите на заштитените подрачја, ќе ѝ бидат достапни на јавноста откако тој ќе биде официјално усвоен.

Во меѓувреме, без утврдени граници и правила, таму се подготвува свечено отворање на мароканско-андалузискиот хотел што не е хотел, се градат приватни куќи и се создава нова фактичка состојба што институциите ќе треба да ја имаат предвид кога ќе ги прават своите плански документи.

Со тоа, Калето, слично како и запоставените културни вредности на Охрид за кои многу се зборува во изминатиов период поради негативниот извештај на УНЕСКО, стана симбол, не само на историјата, туку и на македонската сегашност.

Сегашност во која сета енергија што можеше пред 17 години да се види во протестите против изградбата на американската амбасада, сите големи зборови од типот „Калето е носител на традициите, на минатото и на иднината“ веќе не важат.

Скопската тврдина Кале, која ја има на грбот на Градот, стана симбол на бирократски хаос, физичка негрижа, недоволен интерес да се заштити тоа што милениумите ни го оставиле како наследство.

Поврзано: Наместо за историјата, Калето сведочи за „битката“ од 2011 година