Истражувањa

Повеќе работа, помалку плата

Ковид-19 им ги зголеми маките на уморните балкански новинари

Со оглед на ниските плати, долгите работни часови и стресот, новинарството никогаш не било најпосакуваната работа на Балканот. Но, сега, според анкетата меѓу медиумските работници во регионот, ковид-19 и таквите работни услови ги направил многу полоши.

Според природата на работата, повеќето новинари тешко можат да си дозволат да останат дома. На работа, пак, се соочуваат со постојано балансирање во обидите да ја добијат приказната и да си го заштитат своето здравје и здравјето на своите најблиски.

Додека многу аспекти на животот забавија или запреа, тоа не е случај со информативниот циклус, па новинарите се најдоа во незавидна позиција да се занимаваат со комплексноста на пандемијата и да им ја објаснуваат на своите гледачи или читатели, а во исто време да ги расчистуваат лажните вести и теориите на заговор.

Линијата меѓу работните часови и слободното време сѐ повеќе се заматуваше, изложувајќи ги новинарите на проблеми со менталното здравје. Колкав е опфатот на оваа појава, според експертите, допрва треба да се утврди.

Згора на тоа, владите и државните органи насекаде низ Балканот го ограничија текот на информациите до медиумите, со што ја направија новинарската работа уште потешка.

„Депресијата може да се појави како проблем подоцна“, рече Гентијана Беголи Пустина, претседателка на Асоцијацијата на новинари на Косово, АЈК.

„Сега новинарите имаат други егзистенцијални проблеми. Одат на работа и се плашат дека ќе го загубат работното место. Немаат време да мислат на депресијата или на стресот. Ќе ги почувствуваме последиците од тоа во некоја подоцнежна фаза“.

Новинари / Фото: Роберт Атанасовски

Финансии, оптовареност, ментално здравје и пристап до информации

Помеѓу средината на април и средината на мај минатата година, БИРН ги анкетираше медиумските работници во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Северна Македонија, прашувајќи ги какви промени предизвика пандемијата со ковид-19 во нивната работа и во нивните животи, со фокус на финансиските проблеми, оптовареноста со работата, проблемите со менталното здравје и соработката со јавните институции.

Наодите, меѓу другото, покажаа дека:

– Мнозинството медиумски работници се уплашени за нивниот животен стандард, а речиси две третини сметаат дека имаат сериозна потреба од финансиска поддршка.

– Над 60 проценти во просек рекоа дека имале повеќе или многу повеќе работа од обично. Оваа стапка достигна 73 отсто во Босна и 70 отсто во Србија.

– Над 55 проценти рекоа дека губат приходи поради пандемијата. Ситуацијата беше најлоша во Северна Македонија.

– Повеќе од 58 проценти рекоа дека известувањето за ковид-19 влијаело врз нивното ментално здравје.

– Најголемиот број новинари рекоа дека имале поддршка од своите работодавци во врска со платеното боледување и обезбедувањето соодветна заштитна опрема.

– Околу 40 проценти рекоа дека стапката на неодговорени прашања од јавните функционери пораснала за време на пандемијата.

– Функционерите во Србија биле најрестриктивни кога станува збор за одговарањето медиумски прашања. Над половина од испитаниците рекле дека ретко добиваат одговори. На другата страна на скалата, 44,5 отсто од испитаниците во Северна Македонија рекле дека често добиваат одговори.

– Пандемијата не ги сменила нивните комуникациски навики. Новинарите во регионот сѐ уште најмногу користат телефон и имејл, како и Вибер и Ватсап. Речиси 14 проценти рекоа дека користат Сигнал, кој се смета за побезбеден.

Илустрација на Игор Вујчиќ

Загубени приходи, загубени работни места

Животниот стандард долго време е проблем за новинарите на Балканот, многу пред пандемијата.

Во просек, новинарите во Србија, Северна Македонија и во Босна заработуваат помалку од просечната плата во тие земји, според студија спроведена во 2020 година од Здружението на новинарите на Србија, УНС.

Според истражувањето на БИРН, 58 отсто од испитаниците ја рангирале финансиската поддршка како нивна главна потреба за време на пандемијата. За тие во Северна Македонија, оваа бројка скокна на 70 проценти, а во Босна речиси 67 проценти.

Над 55 отсто од сите испитаници рекоа дека губат приходи поради пандемијата. По држава, највисоката стапка беше во Северна Македонија, речиси 82 отсто, а потоа во Албанија со 64 отсто. Околу 37 отсто во Србија рекле дека губат пари.

Новинарските здруженија се бореа барем да ги зачуваат работните места.

„Успеавме да се договориме со владата за финансиска инјекција со која ќе се покријат трошоците за пензиското и здравственото осигурување на новинарите, која е ставена во сила, изјави македонскиот новинар Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, ССНМ.

„Владата, исто така, ги помогна финансиски медиумските компании, па веруваме дека ова беше една од главните причини зошто не видовме масовно губење на работните места и други негативни финансиски реперкусии“, рече тој за БИРН.

Најизложени на ризик се видеоновинарите, за кои падна побарувачката, поради растот на онлајн-комуникацијата и на виртуелните прес-конференции.

Во Србија имаше губење на работните места, најмогу кај јавниот сервис во северната покраина Војводина, каде што повеќе од 100 луѓе беа отпуштени меѓу октомври 2020 и јануари 2021. Најголемиот дел беа примени на работа преку агенции, со несигурни договори. Државата ѝ го скрати буџетот на РТВ Војводина за 1,7 милиони евра во 2020.

„Тие луѓе најмногу работеа на терен и си го ризикуваа здравјето“, вели Дарко Шпер, претставник за РТВ Војводина во синдикатот Независност. „Директорот дури ги фалеше, но ниту тоа не беше доволно“, изјави тој за БИРН.

Шпер рече дека работните услови за новинарите се нарушиле „откако тие постојано се на линијата на фронтот. Одат на терен да известуваат, одат во установите што се борат со ковид-19, известуваат во живо од улица или пречекуваат гости во студио секој ден“.

 

Повеќе работа, исто или помалку пари

Според истражувањето, работното оптоварување пораснало. Во просек, над 60 проценти од испитаниците рекле дека имале повеќе работа од почетокот на пандемијата.

Во Босна, 73 проценти од анкетираните рекле дека работата им се зголемила, а во Србија 70 отсто.

„Работевме трипати повеќе за истите пари или за помалку“, рече еден новинар од Босна во делот од анкетата во кој испитаниците можеа анонимно да пишуваат одговори.

Работата, пак, се извршува со истите ресурси.

„Освен деловните предизвици во време на економска криза како резултат на епидемијата, главниот проблем во продукцијата беа ограничените човечки ресурси во споредба со интензитетот на продукција, кој беше значително повисок, и со знаењата што ги имавме за теми поврзани со јавното здравје“, рече еден директор на црногорски медиум.

На позитивната страна, мнозинството од испитаниците беа задоволни од тоа како нивните работодавачи се справиле со обезбедување заштитна опрема или со платеното боледување. Една третина рекле дека главно биле оставени сами на себе.

Вкупно, 70 проценти рекле дека работодавачите им обезбедиле заштитна опрема, а речиси 68 проценти додале дека имале платено боледување кога морале да се изолираат или да одат во карантин поради ковид-19.

Многу потешко до информација

Кога станува збор за секојдневната работа, пандемијата ги ограничи можностите за новинарите да се среќаваат со своите извори лично и значително го отежни добивањето информации од јавни функционери.

Насекаде на Балканот, напорите да се истражуваат големите јавни трошења за борба против новиот корона вирус, кои често се правеа надвор од нормалните процедури за јавни набавки, беа попречувани.

„Неможноста да се сретнеме лично со изворите поради ограничувањата во движењето и тешкотиите да се добијат информации од институциите, кои не држеа ни прес-конференции, беа меѓу најголемите проблеми“, рече новинар од Албанија.

Од оние што одговорија во истражувањето, 51 процент рекоа дека им било лесно или многу лесно да добијат дозвола за да известуваат за време на полициски часови наметнати за да се спречи ширењето на корона вирусот. Но, во Србија, 31 отсто рекле дека тоа им било тешко или многу тешко, што е двојно поголем процент од просекот за регионот.

Српските новинари, исто така, се соочиле со најмногу тешкотии во добивањето информации од властите. Околу 53 проценти од испитаниците во Србија рекле дека ретко  добивале одговори од официјалните извори на прашањата поврзани со ковид-19.

Од сите испитаници, околу 40 проценти рекле дека бројот на прашања што им биле неодговорени пораснал по почетокот на пандемијата.

Во Косово, кое сѐ уште застанува на нозе како независна држава по одвојувањето од Србија во 2008, новинарите мораа да се борат и со долготрајната политичка криза среде пандемијата со ковид-19.

Поради тоа, новинарите во младата држава имаа малку време да размислуваат за својата ментална состојба.

„Чекаме да се формира третата влада откако почна пандемијата пред една година“, рече Беголи Пустина од АЈК. „Додека новинарите од целиот свет се фокусираат на известување само во врска со пандемијата, нашите колеги во Косово мораа повеќе да се фокусираат на постојаните политички кризи“, рече таа за БИРН, додавајќи дека сликата за проблемите со менталното здравје меѓу новинарите може да стане јасна подоцна.

Дали новинарството ќе закрепне?

БИРН, исто така, ги праша новинарите што учествуваа во истражувањето за тоа како тие и нивните работодавачи се бореле со нападот од дезинформации за време на пандемијата, како и за тоа како комуницирале со изворите за да добијат информации.

Според одговорите, само 34 отсто од редакциите користат посебни алатки за да се борат против дезинформациите или да ги верификуваат информациите.

Одговорите покажуваат дека само 34 отсто од редакциите користат посебна алатка за да се борат против дезинформациите или да ги верификуваат информациите.

Во Албанија, на пример, студија на Албанскиот медиумски совет и на Фондацијата Конрад Аденауер насловена „Медиумите и информациите на граѓаните во време на корона“, покажа дека стандардите се спуштиле.

„Мониторингот покажа дека албанските медиуми назадувале во професионалните стандарди за медиумско известување“, се вели во извештајот. „Во голема мера, вестите продуцирани од албанските медиуми беа со неизбалансирани извори, непроверени информации, и како последица на тоа, пристрасни. Се потпираа главно на изјавите на институционалните или на државните актери, а во поголемиот дел изјавите на овие актери беа сметани за вести“.

Студијата го забележала и недостигот од истражувачко новинарство за време на пандемијата.

Во врска со заштитата на комуникациите, само 13,7 отсто од испитаниците рекле дека користат Сигнал, кој се смета за посигурен, за да комуницираат со своите извори. Најголемиот број новинари се потпираат на телефон или на имејл, а потоа на Вибер и Ватсап.

Големо мнозинство од испитаниците, 68,7 отсто рекле дека веруваат дека медиумскиот пејзаж во нивните земји ќе се смени откако ќе помине пандемијата. Таа цифра достигна 86 отсто во Албанија, но само 59 отсто во Црна Гора.

Мила Радуловиќ од Здружението на професионални новинари на Црна Гора, ДПНЦГ, предупреди дека повеќето проблеми, иако се влошија од почетокот на пандемијата, долго време биле тешкотии со кои се соочуваа новинарите на Балканот.

„Постои голема опасност дека поради економската криза, која е последица на пандемијата, голем број од колегите да ги загубат работните места“, рече Радуловиќ за БИРН.

Таа рече дека состојбата во повеќето редакции била жалосна, но додаде: „За ова зборуваме со години“.