Истражувањa

Кадровска политика: „Наше дете“ е посилно од „квалификувано дете“

Од 38 назначени раководни лица од октомври до јануари, 29 се партиски активисти.

„Не може и комитет и квалитет“ – вака скратено би звучела реченицата со која поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска од ВМРО-ДПМНЕ, во една од објавените аудиоснимки „бомби“ дискутираше како тие вработуваа во администрацијата. Објаснуваше како ако партиските комитети се филтерот за подобноста на кандидатите за вработување во институциите, не може да се очекува и особен квалитет.

Реченицата може да се употреби и како парадигма за кадровската политика во Македонија, кога се во прашање јавните институции и претпријатија од независноста до денеска.

Иако квантитативно тешко може да се одреди дали партизацијата сѐ уште се спроведува на исклучително длабоко ниво како во времето кога Македонија го доби епитетот „заробена држава“, сепак има доволно наоди дека принципот е далеку од напуштен.

Па така, БИРН открива дека дури 29 од 38 новоназначени раководни лица од страна на владата во вкупно 32 државни претпријатија, инспекторати институции и установи за кои Институтот за демократија истражуваше како се именувани, се јавуваат во разни јавно достапни листи на членови, органи, работни тела, комисии, секции или ограноци на партиите од владејачката коалиција.

Овие именувања се направени во периодот по формирањето на новата влада, односно почнувајќи од октомври 2020 до јануари 2021 и сите, освен за една позиција, онаа на директор на Управата за јавни приходи, се директни, без јавни конкурси и критериуми што тие ги подразбираат. Станува збор за 26 директори и 12 членови на раководни тела, како што се надзорни, управни одбори и тела.

Департизација од „утре“

Вицепремиерот Љупчо Николовски повторно ветува департизација | Фото: Flickr акаунт на Владата на РСМ

Во декември или четири месеци од вториот мандат на владата на СДСМ, премиерот Заев го најави, а месецов заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски и го обзнанија почетокот на „Акција 21“ за борба против корупцијата и „остатоците од режимот“. Како што изјави Николовски, во овие „остатоци“ спаѓаат и „нелогични огласи, во кои некој предвидел несоодветен кадар за соодветна институција“.

Впрочем, департизацијата и деполитизацијата на институциите е одамна составен дел од партиските прогласи на владејачкиот СДСМ. Ги има во програмата од 2014 година, па преку соопштенија во 2017, кога веќе ја добија власта, па сѐ до последниот План за борба против корупцијата.

Премиерот Зоран Заев, пак, во 2019, за Светскиот ден на јавните службеници ја воспеваше моралната храброст на државните службеници, а за партиските вработувања рече дека „ граѓаните мора да бидат еднакви и рамноправни при нивното конкурирање“

„Јас верувам дека секое дете, секој млад човек мора да има еднакви права“, изјави Заев.

Но, како стојат работите денес?

Ниту критериуми, ниту транспарентност

Истражувањето на Институтот за демократија, за именувањата на раководните позиции во 32 државни претпријатија, инспекторати и установи под владина надлежност направени по последните избори покажува дека „партискиот комитет“ останува водечка парадигма и при последниот бран именувања од страна на владата.

Имено, речиси сите, со исклучок на еден раководител што се именувани во тој период, се назначени директно, без јавна процедура. Станува збор за 26 директори и дванаесет членови на раководни тела, како што се надзорни или управни одбори.

Во четири случаи, директорот бил назначен директно, во еден со постапката за јавен оглас, а во повеќето, односно во 21 од нив бил искористен институтот – вршител на должност.

Имено, со назначување в.д. директор се заобиколуваат сите процедури што се неопходни во случај на регуларен конкурс, кога кандидатите мора да одат на интервју, да приложат сертификати за познавање странски јазик, кратка биографија, мотивациско писмо и секако предлог-план и програма за работа како доказ дека знаат во која институција одат, кои се клучните проблеми и визија како би се справиле со нив.

Со назначување в.д. директор се заобиколуваат сите процедури што се неопходни во случај на регуларен конкурс, кога кандидатите мора да одат на интервју, да приложат сертификати за познавање странски јазик, кратка биографија, мотивациско писмо

Во преостанатите десет случаи се работи за давање предлог од страна на владата да се именуваат неколку лица за членови на управни и надзорни одбори во неколку државни претпријатија и установи. Предлозите, се разбира, се прифатени од страна на претпријатијата.

Истражувајќи го начинот како се избирале раководните лица во државни институции за секое назначување од Институтот за демократија беа испратени десетици прашања, чии одговори можеа да го исцртаат критериумот според кој се носеле одлуките за именувањата. Прашањата се однесуваат на тоа дали имало оглас за позицијата, дали се спроведени интервјуа, колку кандидати имало и како е спроведен изборот.

Меѓутоа, одговорот што е добиен од страна на Генералниот секретаријат на владата, на десетиците барања, наместо бараната документација, се сведува на еден ист, копиран цитат со кој се објаснува дека владата има можност во институциите под нејзина надлежност да именува директори, заменици или вршители на должност на овие позиции без да распише оглас.

Притоа се посочува дека именувањата се спроведени на јавна седница на владата, од кои има целосни записници на нејзината интернет-страница. Но, во нив стои само констатацијата дека некое лице е избрано за таа и таа позиција. И толку. Никакви дополнителни информации за процесот.

Писменото објаснување од владата

Од кал да е, ама наше да е

Користењето на дискрециското право на владата да именува и разрешува без конкурс и критериуми резервирани за „обичните кандидати“ покажува дека всушност и не постои  дилемата меѓу „наше дете“ и „квалификувано дете“. Дотаму што се стекнува впечаток дека, наместо да се бара човек за одредена институција, се бара институција за конкретен човек.

Поинаку не може да се објаснат случаите како што е оној во кој функционер од заменик-директор на јавното претпријатие „Пазаришта“ во Куманово, во 2017 е назначен за директор на затворот во Куманово, па за в.д. директор, а потоа, откако е завршен јавниот оглас за позицијата, и за директор на Управа за извршување санкции.

„Партискиот комитет“ останува водечка парадигма и при последниот бран именувања од страна на владата

Или кога човек со претходно повеќегодишно работно искуство во банки станува в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми. Или како поранешен пратеник, информатичар по образование, е соодветен избор за в.д. директор во Национални енергетски ресурси, каде што ќе се занимава со гасификација? 

Има пример и кога електроинженер што работел како информатичар, а потоа и како советник во Министерството за информатичко општество и администрација, па заменик-министер за локална самоуправа, се именува за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот.

Случаи каде што луѓе во својата биографија можат да впишат повеќе раководни позиции во државни институции што неретко меѓусебно воопшто не се поврзани има многу.

На пример, човек што бил член на управен одбор на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет), сега е именуван за в.д. директор на Фондот за осигурување депозити.

Правник по струка и поранешен заменик-директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството, сега ќе се занимава со даноци како заменик-директор на Управата за јавни приходи.

Поранешен општински советник, па пратеник, па министер без ресор задолжен за домашни инвестиции, сега е директор на Управата за животна средина.

Ако, пак, се погледнат седниците на владата, на која се назначуваат и разрешуваат функционери, често може да се види рокада на позициите. Некои од преразместувањата на функционерите се случуваа и на иста седница.

Всушност и не постои  дилемата меѓу „наше дете“ и „квалификувано дете“. Дотаму што се стекнува впечаток дека, наместо да се бара човек за одредена институција, се бара институција за конкретен човек

Така, на иста владина седница, новиот директор на Националната агенција за европски образовни програми, прво е разрешен од претходната функција – член на одборот директори на Национални енергетски ресурси и веднаш потоа е назначен на новата позиција.

Во записник од седница во октомври стои дека се прифаќа оставката на директорот на Фондот за осигурување депозити. Два пасуси подолу стои дека истото лице се именува на функцијата прв човек на Бирото за јавни набавки.

Во владините записници од декември може да се прочита и одлука од еден пасус со која на иста седница се разрешува в.д. директорот на скопскиот затвор и тој веднаш се назначува за управител на трговското друштво Нафтовод.

Од Владата велат дека за кадровските прашања е одговорна соодветната владина комисија за именувања. А неа ја сочинуваат вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби и министрите за здравство – Венко Филипче, за земјоделство – Аријанит Хоџа и за финансии – Фатмир Бесими.

Како високи партиски функционери (Николовски е генерален секретар на СДСМ, Хоџа на Беса, а Груби е организациски секретар на ДУИ), тие директно и одблиску се запознаени со кадровските потенцијали и „потреби“ на своите партии.

Од Владата не одговорија на прашањето: „Дали политичките партии што се дел од владината коалиција доставуваат предлози за лицата што треба да бидат именувани на функции“.

Иако без одговор, податокот до кој дојде истражувањето на БИРН – дека дури 29 од 38 именувани лица во 32 институции, во разни јавно достапни листи на партиски членови, партиски работни тела, комисии, секции или организации што се дел од партиите на владејачката коалиција, кажува многу.

Претседателот на комисијата за локална самоуправа на СДСМ е в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Двајца членови на партиската комисија за спорт на СДСМ стануваат членови на управен одбор за ЈП за стопанисување со објекти за спорт

Па, така претседателот на комисијата за локална самоуправа на СДСМ е в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Двајца членови на партиската комисија за спорт на СДСМ стануваат членови на управен одбор за ЈП за стопанисување со објекти за спорт.

Член на Беса од општинскиот совет во Врапчиште е в.д. директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа. Член на ДУИ од општинскиот совет во Кичево е поставен на чело на Државниот инспекторат за образование. Со Фондот за здравствено осигурување, пак, како вршител на должност ќе управува високо позициониран член на тетовскиот огранок на ДУИ.

Потоа, поранешна пратеничка и координаторка на форумот на жени на СДСМ во Прилеп сега е заменик-директор на Агенцијата за стокови резерви. На чело на Државниот инспекторат за труд е членка на извршниот одбор на Форумот на жени на СДСМ. Претседателката на партиската комисија за образование, пак, доаѓа на местото в.д. директор на Државниот испитен центар.

Магичното стапче, магично го снема

Секој обид да поставите прашања во однос на начинот на кој се избираат и назначуваат раководители и државни службеници наидува на одговор дека владата „е одлучна да го смени сегашниот начин на избор. Подготвен е Закон за висока раководна функција, кој е доставен до Собранието.“

Овој закон повеќе од две години се најавува како магично стапче за „средување“ на раководните позиции во администрацијата, државните служби и во претпријатијата. Со него се предвидува да се унифицираат условите на конкурсите, а најважната промена би била во тоа што предвидува владината кадровска комисија да биде заменета со посебна „Комисија за висока раководна служба“, со статус на самостоен државен орган.

Таа би била составена од 5 члена со мандат од 5 години. Изборот на членовите на Комисијата да биде инклузивен, отворен и јавен, а ќе го прави Комитет, составен од 11 члена. Комитетот за таа намена ќе организира јавно претставување на квалификуваните кандидати за членови на Комисијата за ВРС, кое ќе се снима и емитува на Собраниски канал.

Добрата вест е што Законот беше усвоен од владата уште во декември 2019, а поднесен во Собранието во септември 2020, но лошата е дека е повлечен два месеца подоцна, во ноември, на наводна доработка.

Всушност, периодот на повлекување на законот, со што се остави законски простор за продолжување на партиското назначување функционери коинцидира со изборите и со новиот бран именувања. 

Законот со кој се ветуваше професионализација на високите раководни позиции го туркаше тогашниот министер за администрација, Дамјан Манчевски, како и долгонајавуваната Функционална анализа на администрацијата. Манчевски по изборите поднесе оставка и се повлече од политиката. Некако во исто време и двата документа се изгубија од јавната дебата.

Оваа сторија е подготвена во рамки на проектот „Набљудување за назначувања засновани на заслуги во високата раководна служба”, имплементиран од Институт за демократија „Социетас Цивилис“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.