Истражувањa

Слободата на изразувањето, колатерална жртва на борбата со ковид 19

Обидувајќи се да го контролираат наративот за пандемијата, владите во регионот се свртеа кон драконски мерки

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На почетокот, новинарот Тугај Џан воопшто не знаел која е причината поради која полицијата на Измир, на 25 март минатата година, го привела на сослушување. Потоа полициските службеници за компјутерски криминал му рекле дека е осомничен за ширење страв и паника поради неговиот извештај објавен два дена претходно, за ширењето на ковид-19 во две здравствени установи во градот, кои подоцна беа ставени во карантин.

„Откако го потврдив тоа кај моите извори, напишав извештај за ситуацијата“, вели за БИРН Џан, кој работи за измирскиот весник „Из газете“.

Иако го притискале, тој одбил да ги открие изворите. Неколкучасовното сослушување резултираше со обвинение за ширење лажни вести и предизвикување паника. Неколку месеци подоцна, случајот беше отфрлен, но застрашувачкото искуство низ кое помина Џан, не беше осамено.

Според организацијата „Репортери без граници“, Џан е еден од 10-те турски уредници и репортери, кои во март минатата година биле сослушани во врска со нивното известување за пандемијата, која во тоа време беше на самиот почеток.

„Владите ја користат пандемијата како аргумент против слободата на говорот“, нагласува Џан.

Турција е позната по затворањето новинари, но таа не е и единствената земја во регионот што користеше драконски мерки за контрола на наративот за пандемијата. Ниту, пак, новинарите беа единствената цел.

БИРН потврди десетици случаи, во кои обични граѓани се соочиле со обвиненија за предизвикување паника на социјалните мрежи или лично. Постојат индиции дека станува збор за стотици вакви случаи.

Без разлика дали се занимаваат со точни, но можеби непријатни новинарски извештаи, или со она што Светската здравствена организација минатата година го нарече „инфодемија“ на лажни информации, владите не се двоумеа да се обратат до социјалните мрежи за да ги добијат податоците што можат да им помогнат да ги следат тие за кои сметаат дека ги кршат правилата.

„Секоја влада има должност да промовира веродостојни информации и да ги исправи штетните и невистинити наводи, со цел да го заштити личниот интегритет и довербата на граѓаните“, вели Теа Горјанц Прелевиќ, извршна директорка на црногорската невладина организација „Акција за човекови права“.

„Но, која било мерка преземена за борба против дезинформациите не треба да го крши основното право на изразување“.

Затворени интернет-страници

 

 

Illustration: Unsplash.com/Erik Mclean.

Борејќи се со невидливиот непријател, владите во целиот регион се обидоа да ги ограничат информациите, преземајќи мерки против медиумски извештаи или објави на социјалните мрежи, кои отстапуваат од официјалниот наратив. „Дезинформациите“ се криминализираа.

Некои од овие ограничувања беа дел од вонредните состојби што беа прогласени; други беа воведени со нови закони.

Но, кој ја повлекува границата меѓу правото на слободен говор и потребата да се зачува јавниот ред?

Во извештајот за ковид-19 и слободниот говор, објавен во ноември 2020 година, телото за заштита на човековите права на Советот на Европа предупреди дека „кризните ситуации не треба да се користат како изговор за ограничување на пристапот на јавноста до информациите или за справување со критичарите“.

Но, токму тоа се случи во некои земји.

Во Унгарија, кривичниот закон беше изменет за да се криминализира ширењето на „лажни или искривени факти, кои можат да ја отежнат или попречат ефикасноста на напорите за заштита“, во време на вонредна состојба, воведена прво меѓу март и јуни, а потоа повторно од ноември.

Парламентот последователно усвои предлог-закон, со кој на владата ѝ го олесни прогласувањето вакви вонредни состојби во иднина. Во март, владата воведе казни од една до пет години затвор за ширење „невистини“ или „искривена вистина“, за кои се смета дека ги опструираат напорите за борба против пандемијата.

Слични ограничувања беа воведени во ентитетот Република Српска, во Босна и Херцеговина, како и во Романија.

Во Букурешт, владата затвори десетина интернет-страници, на кои беа објавувани вести поради промовирање лажни информации во врска со пандемијата.

Центарот за независно новинарство, ЦНН, невладина организација што ги промовира слободата на медиумите и добрите новинарски практики, изрази загриженост дека одредбите донесени како дел од вонредната состојба, во периодот од средината на март до средината на мај 2020 година, за борба против ширењето на корона вирусот во Романија, може да ја попречи можноста на новинарите да ја информираат јавноста.

„Најзагрижувачки аспект на сето ова, од моја перспектива, е ограничувањата на пристапот до информациите од јавен интерес“, нагласува извршната директорка на ЦНН, Кристина Лупу.

„Недостигот од транспарентност на властите е многу лош знак и најголемиот проблем со кој сега се соочуваат нашите медиуми“, вели Лупу за БИРН, нагласувајќи оти со ова јавноста се остава без „пристап до навремени информации“.

Во март 2020 година, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, изрази загриженост за, како што нагласи, „отстранувањето извештаи и цели веб-страници, без можност за жалба или механизми за надомест на штета“ во Романија.

Венецијанската комисија, пак, истакна дека дури и во вонредни ситуации, исклучоците од слободата на изразување мора да бидат стриктно толкувани и да подлежат на парламентарна контрола, за да се обезбеди дека слободниот проток на информации нема да биде прекумерно попречуван.

„Дискутабилно е дали ограничувањата за објавување ‘лажни’ информации, за болест за која сè уште се проучува, може да бидат во согласност со условот (на Венецијанската комисија), освен ако не се однесува на очигледно лажни или целосно опасни тврдења“, истакна комисијата.

Наместо превенција, парични и затворски казни

На почетокот на пандемијата, Владата на Република Српска донесе одлука за воведување казнени мерки, вклучително и парични казни, за ширење „лажни вести“ за вирусот, во медиумите и на социјалните мрежи, за време на вонредната состојба.

Според одлуката, секој што користи социјални или традиционални медиуми за да шири „лажни вести“, со кои се предизвикува паника или нарушување на јавниот ред и мир, ќе се соочи со казни од 500 до 1.500 евра за приватни лица, и од 1.500 и 4.500 евра за правни лица. Не е познато колку лица досега се казнети.

Во Црна Гора, со членот 398 од Кривичниот закон, усвоен во 2013 година, се предвидува парична или затворска казна до 12 месеци, за ширење лажни вести или наводи што предизвикуваат паника или сериозно нарушување на јавниот ред и мир. За новинарите, казната изнесува до три години затвор. Законот речиси и да не се користеше, сѐ до протестите на крајот од 2019 година,против контроверзниот закон за верски слободи.

Во јули 2019 година, уште пред пандемијата, Владата на Северна Македонија донесе акциски план за справување со „лажните вести“, кој во март 2020 година беше дополнет со дел за санкционирање на лицата за кои ќе се утврди дека споделуваат дезинформации за корона вирусот.

Бојан Кордалов, специјалист за комуникации и нови медиуми од Скопје, вели дека би било подобро властите да се фокусираат на превенцијата и подигањето на свеста.

„Неопходно е да се изгради систем на активна и дигитална транспарентност, како и да се креира вистинска стратегија за брза и ефикасна двонасочна комуникација на институциите со граѓаните и медиумите, што значи високо обучен и подготвен кадар за 24-часовно следење и објавување официјални и кредибилни информации за јавноста“, нагласува Кордалов за БИРН.

Во Турција, според извештајот на Здружението на новинарите на Турција, објавен во ноември минатата година, од почетокот на пандемијата до денес, цензурата на медиумите, особено онлајн-медиумите, е зголемена.

Во извештајот стои дека само во периодот од јули до септември 2020, државната агенција за следење, регулирање и санкционирање на радио и телевизиски преноси, РТУК, изрекла 90 казни против независни медиуми, вклучително и престанок на емитувањето и административни парични казни.

Владата, исто така, донесе неколку нови драконски закони во врска со дигиталните права и граѓанските организации, принудувајќи ги социјалните мрежи да назначат правни претставници за да одговорат на владините барања, вклучително и на оние за затворање профили или бришење објави на социјалните мрежи.

Не е познато колку лица биле под истрага или колку биле уапсени според новите мерки, но познато е дека административните казни за време на пандемијата изнесуваат околу една милијарда турски лири, односно 115 милиони евра.

Апсења поради „лажни вести“

 

Illustration:Unsplash.com

Во Северна Македонија, на социјалните мрежи, лажните вести одеа од извештаи за користење гаража како објект за тестирање на ковид-19, до обвинувања на сметка на здравствените власти за небрежност, која, поради компликации, довела до смрт на две сестри заболени од ковид-19. Во една од лажните приказни се тврдеше дека неизбежно ќе дојде до недостиг од храна.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија, до септември 2020 година, властите постапиле по вкупно 58 случаи, што произлегле од наводното ширење лажни вести, поврзани со ковид-19. Триесет и еден случај бил проследен до обвинителствата, а кривични пријави биле поднесени во три случаи, изјави, за БИРН, портпарол на МВР.

Во Србија, казната за нарушувањe на јавниот ред и мир и за создавање паника е затвор од три месеци до три години, а предвидени се и парични казни. Според податоци од српското МВР, во првите два месеца од пандемијата, биле обвинети десетици луѓе.

Откако објави вест за проблемите во Клиничкиот центар на Војводина, новинарката на порталот, нова.рс, Ана Лалиќ, беше испрашувана од полицијата, а беше извршен и претрес на нејзиниот дом.

Во соседна Црна Гора, во време на жестокиот политички спор околу спорниот закон за верски слободи, неколку луѓе беа уапсени за ширење паника, уште пред земјата да го потврди првиот случај на ковид-19.

БИРН потврди 14 случаи, во кои, за предизвикување паника, билe уапсени новинари, уредници и јавни личности.

Слично на ова, во Турција, Министерството за внатрешни работи, во првите неколку месеци од пандемијата, спроведе истраги, казни и приведе стотици луѓе, поради нивните објави на социјалните мрежи. Подоцна, Министерството престана да објавува вакви податоци.

Критичарите велат дека владата била решена да ги замолчи критиките за начинот на нејзиното справување со пандемијата и со економијата.

„Турција, генерално, има проблем кога станува збор за слободата на говорот“, вели Али Ѓул, адвокат и активист за човекови права. „Владата го зголемува притисокот затоа што не сака луѓето да зборуваат за нејзините неуспеси“, додава тој.

Во Хрватска, ниту еден новинар не е обвинет за ширење лажни вести за време на пандемијата, што не значи дека немало лажни информации.

„Без никакво двоумење можам да кажам дека, за жал, голем број граѓани учествуваа во ширењето лажни вести“, вели Томислав Левак, асистент за настава и докторанд на Академијата за уметност и култура во Осиек . „Но, според моето мислење, во повеќето случаи, тоа е всушност направено ненамерно, бидејќи тие не размислувале доволно критички“.

Хрватското МВР соопшти дека регистрирало 40 кршења на членот 16 од законот за кршење на јавниот ред и мир, „кои се поврзани со епидемијата на ковид-19“.

Пораст на барањата на државите до социјалните мрежи

Извештаите за транспарентност на Фејсбук и на Твитер го откриваат обемот на напорите на владите, за наоѓање и следење на профилите, за кои постои сомневање дека шират паника.

Според Твитер, во 2020 година, од пет глобални барања за добивање информации доставени до нив, едно било итно барање – кога органите за спроведување на законот бараат информации за нечиј профил – и тие, во извештајниот период, се зголемиле за 20 проценти, додека за 24 проценти се зголемил бројот на профили што се наведени во овие барања.

Три проценти од сите владини барања за добивање информации од Твитер дошле од Турција.

Во првите шест месеци од минатата година, Турција бележи 160 проценти зголемување итни барања во споредба со истиот период во 2019 година.

Северна Македонија бележи зголемување од 175 проценти.

Во однос на барањата за отстранување постови, повеќекратно зголемување се бележи кај Србија, Турција и Полска.

Што се однесува до Фејсбук, Турција минатата година поднела 6.171 барање, што е за трипати повеќе од 2019 година. Фејсбук обелоденил податоци во 4.904 случаи, додека во 2019 тоа го сторил во 1.513 случаи. Полска поднела 4.572 барања, за разлика од 2019 година, кога имала поднесено 3.397, а добила информации во 2.666 случаи, во споредба со 1.902, колку што броеле претходната година.

Кога станува збор за барања врзани за правни процеси – кога државите бараат информации за корисници, како дел од поведена истрага – предводници во регионот се Турција и Полска со 6.143, односно 4.200 барања, што е околу двојно повеќе во однос на 2019.

Споредувајќи со истиот период во 2019, податоците на Фејсбук покажуваат значаен пораст за сите видови барања, од повеќето земји во регионот.

Во однос на барањата за зачувување, кога органите за спроведување на законот бараат од Фејсбук да зачува објави што може да послужат како доказ во правни постапки, кај Босна и Херцеговина се бележи зголемување од нешто повеќе од 150 проценти.

На Турција отпаѓаат 3.55 проценти, а на Полска 2.63 проценти од вкупниот број барања на владите за информации од Фејсбук.

Судски процеси во насока на замолчување

Од друга страна, некои медиуми се соочија со судски процеси за кои набљудувачите велат дека едноставно имале за цел да го спречат слободниот проток на информации – т.н. стратешка тужба против учеството на јавноста, чија цел е цензурирање или заплашување на критичарите, оптоварувајќи ги со трошоци за правна одбрана.

Во Полска, издавачот и новинарите на неделникот „Њузвик Полска“, се соочија со ваква стратешка тужба, бидејќи објавија дека полската компанија за облека, ЛЛП, сопственик на брендот „Reserved“, испраќа маски купени во Полска во нејзините фабрики во Кина, и покрај сериозниот недостиг од маски во Полска.

Компанијата бара отштета од 1.37 милиони евра, извинување, отстранување на текстовите за ЛЛП, објавени на 22 март и „забрана за ширење на тврдења што сугерираат дека ставот на компанијата по ова прашање не е вистинит“.

Случајот сѐ уште е во тек.

Исто така, полскиот суд ги отфрли тужбите против медиумот Виборца, поднесени од полскиот КГХМ, еден од најголемите светски производители на бакар и сребро, во врска со стории кои откриваат дека компанијата платила огромни суми пари за безвредни маски од Кина.

Во Турција, судот одобри барање поднесено од производителот на тестенини, Оба Макарна, за повлекување текст, во кој стои дека 26 работници во нивната фабрика во градот Газиантеп биле позитивни на ковид-19. Според судската одлука, иако извештајот бил точен, тој ја нарушил репутацијата на компанијата.

Во својот извештај, Советот на Европа предупреди дека ограничувањата воведени за време на пандемијата може да доведат до зголемен број граѓански тужби, особено за случаи на клевета.

„Иако нивното поднесување не се зголеми драматично за време на врвот на пандемијата, постои одредена загриженост дека во иднина, известувањето поврзано со пандемијата, ќе биде предмет на стратешки тужби и случаи на клевета“, се вели во извештајот.