Регион

Жртвите на воено силување во БиХ „сè уште се плашат да зборуваат”

Според проценките на Обединетите нации (ООН), во БиХ за време на војната, биле силувани меѓу 20.000 и 50.000 луѓе.

Жртвите на воено силување често со години молчат за тоа низ што поминале, за да ја избегнат можната  осуда на нивното семејство и на општеството. Така, Турсуновиќ 17 години не кажала никому за тоа што ѝ се случило.

„Кога жртвата ќе одлучи да проговори, зависи од видот и интензитетот на траумата, од личните ресурси на поединецот, од контекстот во кој се случила траумата и од сегашниот контекст во кој живее лицето”, велат за БИРН, од Центарот за рехабилитација и терапија „Вива жене” од Тузла, кој работи со жртвите на воено силување.

„Постои страв од отфрлање, од осуда од блиските членови на семејството и од локалната заедница. Страв дека нема да им се верува, страв од минимизирање и негирање на нивното страдање, страв од етикетирање и стигма, потсмев”, нагласуваат во „Вива жене”.

Истражувањето на здружението „Медика” од Зеница, кое нуди психосоцијална и медицинска поддршка на жените и децата, жртви на воено и повоено насилство, сугерира дека жртвите им даваат поголема доверба на невладините организации, отколку на државните институции.

„За жал, вистинитоста на нивното искуство сè уште се доведува во прашање во семејното и во општественото опкружување, се бараат причини и одговори зошто истото не можело да се избегне, па жртвите на насилство се принудени да го докажат своето искуство со разни наоди, документи и други докази”, нагласува,  Лејла Херемиќ, семеен советник во здружението.

Мирсада Турсуновиќ е меѓу оние кои сепак побарале психолошко советување и стручна помош. Од моментот кога проговорила за својата траума, па до денес, таа има постојана поддршка од нејзиниот сопруг и ќерка.

„Имав кошмари, често го чувствував мирисот на човек што ми го направи тоа, се будев, се гушев, но не смеев да кажам никому”, вели таа.

„Но, бев свесна дека морам да побарам стручна помош, затоа што несвесно им ја пренесував својата траума на моите деца”, објаснува Турсуновиќ.

Таа додава дека со професионална помош ѝ се вратени самодовербата и достоинството.

„Не може тоа само одеднаш – ‘прозбори’“

Мирсада Турсуновиќ. Фотографија на Мирсада Турсуновиќ.

Експертите кои работат за „Вива жене”, нагласуваат дека некои жртви не сакаат да сведочат против своите напаѓачи на суд, затоа што немаат доверба во судските постапки и стравуваат дека нема да бидат соодветно заштитени од одмаздата на обвинетите.

Вкупно 102 случаи со елементи на сексуално насилство или дела на силување, биле или сѐ уште се во постапка пред Судот на БиХ.

Единицата за поддршка на сведоци на овој суд, им обезбедува психолошка, емоционална и административна поддршка на луѓето повикани да сведочат.

„Со оглед на спецификите на воената траума и чувствителната психолошка состојба, во работата со жртвите/со оние што преживеале сексуална тортура во војната, посебно внимание се посветува на обезбедувањето психолошка поддршка и нивно зајакнување пред, за време и по сведочењето, за сведочењето да не предизвика дополнителни страдања и последици за психолошката состојба на сведоците“, велат од Судот на Босна и Херцеговина за БИРН.

Турсуновиќ, за злосторството извршено над неа, прв пат проговорила пред припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на БиХ, кога тие дошле кај неа дома, бидејќи некој ја именувал како сведок во случај на воено злосторство. Чувствителниот пристап на полициските службеници, ја охрабрил да даде исказ, објаснува таа.

„Тие ми пријдоа на таков професионален и убав начин, грижејќи се за моето здравје и состојба. Мажите излегоа од собата за да разговарам со жените од СИПА, за она што го преживеав”, вели таа.

За време на истрагата, Турсуновиќ го препознала сторителот, но тој, како што вели, откако дала изјава, заминал во Русија и не се вратил.

Таа вели дека го барала на Фејсбук со години, и дека минатата година успеала да го најде, што повторно ѝ ја вратило траумата.

„Почнав да се тресам, брзо излегов од профилот, а подоцна го избришав. Бев исплашена, зедов Лексаурин, вежбав дишење како што ме научи лекарката“, се сеќава Мирсада.

Таа додава дека „живее за денот кога ќе го изведе овој злосторник пред лицето на правдата”, но истовремено предупредува дека не смее да се врши притисок врз жртвите на силување да дадат изјави и да сведочат пред суд.

„Не е лесно да се признае и да се зборува за она што ви се случило. Ми требаше многу време, ми требаа 17 години да кажам што ми се случи“, нагласува Турсуновиќ.

„Не може тоа само одеднаш – ‘прозбори’и ајде на испрашување. Треба да им се даде простор да најдат начин и момент кога ќе можат да проговорат. Ако не можете да им помогнете, немојте да ги закачате“, заклучува Мирсада.