Регион

Како убиства во косовски села доведоа до зголемен отпор на албанското население

Албанците од косовските села, Ќирез и Ликошане, се сеќаваат на убиствата на членовите на нивните семејства, извршени пред 23 години

Во дворот на Шеремет Сејдиу, во селото Ќирез, има спомен-плоча од црн мермер, поставена во знак на сеќавање на неговите четворица синови, кои биле убиени пред 23 години, на 28 февруари 1998 година.

Неговите синови Беќир, Беким и 24-годишните близнаци, Назми и Бедри Сејдиу, биле убиени во серијата напади на српските сили, врз селата во регионот на Дреница, вклучувајќи го и селото Ќирез, каде биле убиени 24 Албанци.

Во тоа време, Бедри и Назми биле студенти по хемија и физика во Приштина. Тие биле меѓу илјадниците студенти запишани во паралелниот образовен систем кој функционираше во 90-тите, откако југословенските власти им забранија пристап на албанските студенти на државниот Универзитет.

„Бедри дипломираше во петокот и беше убиен во саботата, но тој не ни кажа дека дипломирал“, вели Шеремет (79) за БИРН.

Тој ден Шеремет не бил во Ќирез, туку во посета на еден роднина, а кога се обидел да се врати, дознал дека во селото влегле  српски сили.

„Десетици локални жители ми рекоа дека се води битка во Ликошане и во Ќирез, слушнав гласови кои ми велеа да не одам понатаму“, се сеќава тој.

Шеремет тогаш немал информации за неговото семејство. Нешто подоцна, кога пукањето во попладневните часови запрело, тој влегол во селото.

„На патот сретнав човек од нашето село кој плачеше. Двајца членови на неговото семејство беа убиени и татко му беше ранет.  Тој ми рече ‘твоите синови се убиени’“, се сеќава тој.

Кога дошол во неговата куќа, сопругата му рекла дека била во куќата кога тројца униформирани полицајци ги убиле нивните четири сина и уште двајца мажи, кои се нашле во дворот на нивната семејна куќа тој ден.

„Кога излегов во дворот и ги видов моите четири сина како лежат таму, морав само да се потпрам на бога“, вели тој.

Освен сопругата, и неговата снаа и нејзините деца биле сведоци на убиствата во нивниот двор.

„Не дозволив снаата или сопругата да останат покрај телата, бидејќи се плашев какви последици таа сцена може да има врз нив“, вели Шеремет, кој сега живее со снаата, внуката и внукот, откако неговата сопруга починала во 2020 година.

„Нападот требаше да внесе страв кај другите семејства“

Лах Хасани, пред споменикот подигнат во знак на сеќавање на луѓето убиени во Ликошане, во февруари 1998 година. Фото: Аган Косуми.

Во извештајот на меѓународната организација, Хјуман рајтс воч (ХРВ), се наведува дека на 28 февруари 1999 година, и во следните седум дена, српските специјални сили извршиле низа вооружени операции во регионот на Дреница, тврдејќи дека прогонуваат „терористите“ на ОВК, кои нападнале полицајци.

Најкрвав бил тридневниот напад на Адем Јашари, еден од основачите на ОВК, во селото Преказ, кога тој и десетици членови на неговото семејство биле убиени.

„Иако ОВК се бореше за време на овие напади, српските специјалци неселективно пукаа кон жени, деца и други луѓе кои не се бореа. Хеликоптери и воени возила пукаа по покривите на куќите, а потоа полициските сили пеш влегоа во селото, пукајќи во куќите“, се наведува во извештајот на ХРВ.

Организацијата го опиша насилството во регионот на Дреница како „пресвртница во кризата на Косово“, што создаде поголема поддршка за вооружениот отпор на ОВК.

„Ако целта на Владата беше да го разбие новонастанатиот бунт, ова имаше спротивен ефект: бруталните и неселективни напади го радикализираа етничкото албанско население и ги пополнија редовите на ОВК“, се истакнува во извештајот на ХРВ.

Истиот ден кога биле убиени четворицата синови на Шеремет Сејдиу во Ќирез, во соседното село Ликошане дошло до битка помеѓу специјалните единици на српската полиција и припадниците на ОВК.

Српските сили измачувале и погубиле 11 мажи од селото, од кои десет биле членови на семејството Ахмети.

Лах Хасани бил сведок на настанот. Тој вели дека операцијата на специјалните единици во селото траела 28 часа и дека за време на нападот била користена тешка артилерија.

Веднаш откако престанале борбите, Хасани, неговиот брат и уште еден роднина, влегле во селото и виделе дека сите мажи од семејството Ахмети се истерани од нивната куќа.

„Сите мажи беа принудени да излезат во дворот и сите беа претепани пред да бидат префрлени на спомен-локацијата (место во селото), каде што беа погубени“, се сеќава Хасани.

„Следниот ден, тројца или четворица мажи од селото отидоа во мртовечницата во Приштина за да ги земат телата. Со свои раце ги симнав телата од камионот“, нагласува тој.

Џевдет Ахмети, чиј татко и тројца браќа биле меѓу убиените, на денот на нападот бил во Приштина.  Дури кога се вратил дома, дознал што се случило.

„Видов бројни српски сили како го опколуваат селото и забележав дека тие се стационирани околу нашата семејна куќа“, се сеќава тој. „Бев убеден дека нема никого да најдам жив“.

Од роднините дознал дека неговиот татко и неговите браќа биле мачени и убиени, откако српските сили дознале дека неговото семејство го засолнило Реџо Реџепи, ранет герилец на ОВК, кој починал во нивниот дом.

„Нападот требаше да внесе страв кај другите семејства, за да не се обидат да пружат отпор или да засолнат припадниците на ОВК“, нагласува тој.

Но, како што се зголемувал вооружениот отпор и поддршката на ОВК, се чинело оти операциите на специјалните единици имаат спротивен ефект од намерите на југословенските власти. Регионот Дреница, кој ги опфаќа Ќирез и Ликошане, паралелно со ескалацијата на конфликтот на Косово, станал упориште на ОВК.

Денес, семејната куќа на семејството Ахмети е претворена во музеј, за кој се грижи Лах Хасани. Тоа е емотивна обврска што ги одржува живи спомените на она што се случило пред 23 години.

„Секогаш кога ќе ја отворам портата на овој двор, се сеќавам на тој ден и секој ден доаѓам овде“, вели тој и додава: „Секогаш кога ќе го ставам клучот во вратата, се навраќам на сето тоа”.