Многу години наназад, на Денот на сесловенските просветители, односно на Денот на светите браќа Кирил и Методиј (24 мај) помислувам на еден генијален афоризам на прерано починатиот Роберто Беличанец, напишан во форма на фејсбук-статус: „Се молат словенските просветители да си ја довршат работата!“
Доволно е само да се фрли еден поглед на тие исти социјални мрежи на кои мојот пријател Беличанец ја објави оваа своја духовита досетка, да се слушне една телевизиска дебата од домашно потекло, па и да се погледа некоја емисија на националните фреквенции, да се прочита некој текст од некој опскурен портал… па да се сфати колку Роберто бил во право.
Всушност, фактот дека нашата комуникација во јавниот простор најчесто се сведува на истурање огромни количества насобран гнев, на нерационални изливи на сопствените фрустрации, лични навреди и, благо речено, невоспитани реакции, нѐ доведува до клучното прашање на овој текст: што е тоа писменост денес и што е тоа писменост во Македонија?
Традиција на неписменост
Македонија има длабока, богата и долговековна традиција на неписменост. Не е тоа, се разбира, само македонска ендемска или етничка особина и не е зависна (само) од овдешните луѓе. Напротив.
Тоа е резултат на цел еден сплет на историски околности, на политиките на империите што владееле со овие простори, на државниот однос кон образованието, на економските услови итн. Со еден збор, речиси сите народи со кои повеќевековно владеела Отоманската империја се наоѓаат во иста или во слична ситуација.
Дури и според онаа најтесна енциклопедиска дефиниција за писменоста како способност за читање и пишување, Македонија, наспроти нејзиното живеење во националниот мит дека е „лулка на европската писменост“, не може да се пофали со бројност на луѓето што владееле со овие вештини.
Во таа смисла, нашето (и бугарското) национал-романтичарско тврдење за некаква национална или етничка улога во „описменувањето на Словените и Европа“ е само потврда токму на неписменоста, како општа појава на овие простори. Ако Македонците или Бугарите или кој било народ ја описмениле Европа, тогаш цела Европа денес ќе зборуваше на еден јазик и ќе пишуваше со исти графеми, односно со исто графичко писмо. Погледнете ја како пример британската империја од 19 век и јазикот на кои зборуваат нејзините бивши колонии. Или шпанското царство и нивните колонии.
По Втората светска војна, во 1948 година, значи 11 века по појавата на солунските браќа, се проценува дека речиси 40 проценти од овдешното население не знаело да чита и да пишува. Тогашните (социјалистички) власти сериозно се фаќаат во костец со овој проблем и преку масовни кампањи на описменување, аналфабетски курсеви и други методи, само неколку години подоцна, во 1953 година, овој број е сведен на 25 проценти.
Според пописот од 1961 година, во Македонија, 17 отсто од луѓето се изјасниле како неписмени (првите резултати на задолжителното основно образование). Во 1971 година, овој број паѓа на 11 проценти. Во 1981 е веќе едноцифрен (девет проценти), во 1994 е шест проценти, во 2002 е четири, а во 2021 е под статистички занемарливите два процента (главно луѓе на сериозна животна возраст).
Се сеќавам од моето детско време дури и на некои вицови на оваа тема. Држи Тито говор веднаш по ослободувањето и вели: „Другари, пред војната имавме 50 отсто неписмени. Сега ќе биде обратно.“
Или онаа „понова“ шега, која може да се транскрибира на која било од „источните“ републики на тогашната СФРЈ. Разговараат Гиго и Цветко. Гиго вели: „Си слушнал ли дека во Норвешка се само еден отсто неписмени?“ А Цветко одговара: „Значи нема каде што нѐ нема.“
Овие вицови се смешни затоа што се направени на сопствена сметка и затоа што, едноставно, не одговараат на реалната состојба, ама укажуваат на појавата за која народниот гениј и тоа како бил свесен.
Општествена писменост
Денес, се разбира, не е доволно да се знае (само) да се чита и да се пишува. Затоа и распознаваме куп некакви други писмености: функционална писменост, медиумска писменост, информациска, здравствена, емоционална, информатичка… писменост.
Наспроти ставањето фокус на сите овие варијанти на писменост, новосадскиот социолог Алексеј Кишјухас предупредува дека ја запоставуваме можеби најважната писменост што во себе ги содржи сите овие составни делови. Тој неа ја нарекува „општествена писменост.“
Општествената писменост, всушност, е разбирање на општеството, на трендовите и воопшто на општествените текови. Со еден збор, предвидување и создавање поволни општествени услови, создавање општество на среќата. Како се постигнува тоа? Првенствено преку познавање на филозофијата и социологијата. Тоа се оние научни дисциплини што Министерството за образование и наука со новата концепција за гимназиско образование практично ги исфрли од нашиот образовен систем.
Оваа концепција, за која минатата година се водеше широка јавна расправа, е усвоена на 11 март годинава. Според верзијата на овој документ, објавена на официјалната интернет-страница на Бирото за развој на образованието, социологијата ќе се изучува исклучиво како изборен предмет, и тоа (само) една учебна година, додека филозофијата воопшто не фигурира во наставната програма.
Наместо неа, воведен е двегодишен изборен предмет што се вика Логика и етика. Според авторите на документот, во овој предмет ќе биде инкорпорирана и филозофијата.
Можеби логиката и етиката се филозофски дисциплини, ама не се филозофска наука. Практично е нејасно со каква магија во овој нов наставен предмет ќе ги собере изучувањата или барем спомнувањата на Ксенофан, Сократ, Диоген, Епикур, Кикерон, Ибн Халдун, Макијавели, Мор, Спиноза, Хјум, Кант, Волтер, Маркс, Грамши, Дубојс, Ниче, Адорно, Сартр, Хабермас, Попер, Фуко, Бурдие и така натаму.
Целиот овој експеримент ми наликува на еден сличен дамнешен експеримент со средното образование, кога практично ги укинаа гимназиите и наместо нив го воведоа таканареченото средно насочено образование. Образложението беше дека младите треба да се подготват за пазарот на трудот, односно да изучуваат занаети, професии и вештини што ќе им донесат леб дома, како што тоа тогаш се велеше. Плус, кому уште му е потребна филозофијата и хуманистичките науки?
Претпоставувам дека мотивите и на оваа образовна реформа се слични, само што не смее да се занемари еден факт. Речиси сите оние занимања што тогаш се изучуваа во насоченото образование, денес се сосема непотребни и неупотребливи.
Пред некои две децении беше ужасно популарно, па и стимулирано младите да студираат менаџмент и маркетинг. Сега практично не знаеме што да правиме со толку менаџери. Во последниов период, најактуелно е профитабилното програмерско образование. Веќе утре, ако тоа не го прават и денес, оние вештачки интелигенции сами ќе ги испишуваат низите од единици и нули без некоја особена потреба од образувани програмски инженери што не знаат логика, етика, филозофија, па и социологија.
На крајот на краиштата, програмирањето постои некои 60 години, филозофијата најмалку 2.600 години. Што мислите, што попрво ќе опстане?
Но, зошто е важно да се изучуваат филозофијата, социологијата, па и другите хуманистички науки? Наједноставниот одговор ми е дека тоа се професии на иднината, токму затоа што не се вклопуваат во алгоритмите на современите технолошки чуда. На крајот на краиштата, и алгоритмот го измисли арапскиот филозоф Мухамед ал Хорезми. И тоа во истиот век кога Кирил и Методиј ја ширеа писменоста по словенските народи.
Вештачката интелигенција може да реши бројни човечки проблеми. Но, не може да го реши општествениот контекст. Не може себеси да се смести во него. Не може да ги реши социјалните потреси што ќе ги предизвикаат милиони луѓе што ќе останат без работа. Не може да ги реши можните еколошки катастрофи од енормното користење вода за нејзиното функционирање. Не може да ги протолкува динамиките меѓу општествените класи и слоеви што ќе настанат или се настанати со нејзиното функционирање.
Нема алгоритам за длабинско разбирање токму на технологијата, како што нема ниту за политиката, економијата, културата, јазикот, полот, родот, сексуалноста, вредностите, нормите, ритуалите, трудот, градот, расата, нацијата, религијата, идеологијата, моќта… За тоа се потребни познавања на филозофијата, социологијата, антропологијата, книжевноста и другите „бескорисни“ дисциплини, за кои наводно нема место на пазарот на трудот.
Затоа денес, највредната компанија на планетата „Епл“, во своите редови има вработен и високопозициониран – академски филозоф. Тоа е Џошуа Коен, кој до вработувањето во „Епл“ (2014 година) беше високопочитуван професор по политичка филозофија на угледниот Станфорд универзитет.
Со еден збор, не постои и не функционира ниту една друга писменост без општествената писменост. Зошто тогаш наместо да го зголемиме обемот на изучување на општествените науки, ние го намалуваме, па дури и ги укинуваме? Затоа што сите современи десни и леви популистички режими не сакаат мислечки луѓе.
Затоа што филозофите по природа се „еретици“ и бунтовници против системот и неправдата. Затоа што познавањето на општеството и општествените движења е опасно оружје во рацете на „рајата.“ Затоа што ни недостасуваат некои други Кирил и Методиј да си ја довршат работата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












