Анализи

Нерасчистенoто кај обвинителските „прочистувачи“

Обвинителската историја изобилува со контроверзии

Тројца врховни судии скапо ги чинеше одлуката да го пуштат бизнисменот Сеад Кочан да се брани од слобода во предметот „Труст“ на СЈО. Јово Вангеловски, Рахилка Стојковска и Ристо Катавеновски, поради незаконското гласање во овој случај, повеќе не се судии.

Но, ако за нив одлуката на Судскиот совет засекогаш значеше „збогум“ со правосудството, за обвинителот Ацо Колевски, кој со вонреден правен лек пред Врховниот суд им овозможи на судиите да одлучуваат за слободата на Кочан, значеше унапредување: избор во Советот на јавни обвинители, a потоа и дополнителен напредок кога стана прв човек на ова тело.

На новинарско прашање веднаш по изборот, како го коментира тоа што овозможил судот да расправа за притворот на Кочан, додека бизнисменот беше во бегство, Колевски ја правдаше одлуката. И тоа со аферата „Рекет“.

Тоа што побарал Врховниот суд да одлучува за бизнисменот, бил негов обид да спроведе „контрола“ врз работата на СЈО. Немањето хиерархиски надзор врз СЈО довело до случајот, во кој специјалната обвинителка е неправосилно осудена за злоупотреба на службена положба и овластување, аргументира Колевски.

Тој инаку беше и скопски обвинител и обвинител за гонење организиран криминал и корупција. Во Советот дојде од државното обвинителство, каде што беше избран во времето на Марко Зврлевски, кој доби квалификации дека го умртвил Обвинителството поради сервилноста кон ВМРО-ДПМНЕ.

Колевски е еден од единаесетте членови на Советот на обвинители, дисциплински орган во втор степен, кој со Јавното обвинителство и Судскиот совет ќе учествува во „прочистувањето“ на правосудството во целина.

Обвинителската историја е „богата“ со контроверзии, почнувајќи од нивниот избор и напредувањето, зад кои често кружат сомнежи за непотизам, партиски или роднински врски, до (не)покренувањето обвиненија и нивната одговорност.

Иако приматот во „прочистувањето“ е ставен врз судиите, сепак и обвинителите се еднакво важни. Според многумина, дури и поважни од судиите бидејќи oд нив зависи дали некој кривичен предмет воопшто ќе стигне пред судот.

Дали е до новиот Правилник

Не се памети од кога не биле оценувани обвинителите | Фото: БИРН

Најавеното „прочистување“ на обвинителите се базира на промена на законот и подзаконските акти и силна увереност на челниците во правосудството дека тие ќе бидат применувани, иако и претходните нормативи имаа одредби што подразбираа оценување и одговорност на обвинителите.

Новиот Правилник за оценување на јавните обвинители, со кој ќе се бодуваат и оценуваат обвинителите е донесен неколку дена пред новата година.

Борците со криминалот ќе поднесуваат извештаи за сработеното на секои шест месеци, а ќе се оценуваат на четири години. Ќе добиваат максимум 200 бода. За да бидат позитивно оценети ќе им требаат 120. Проверката ќе опфати шест предмети што ги работеле: три кои самите ќе ги предложат и три по случаен избор.

Првиот човек на обвинителскиот совет, Ацо Колевски, за БИРН вели дека не се сеќава кога точно престанале да ги оценуваат обвинителите и оти досега на таков начин, без записници за оценување, избрале многу обвинители.

„Многу одамна. Не паметам дали е спроведено оценување. Тој институт не заживеа. Ние како совет сега зазедовме став дека оценување мора да се врши. Ако нема оценување, ќе нема ниту избор на обвинители“, вели Колевски за БИРН.

Тој, сепак, смета дека и без оценување, обвинителите не биле оставани без надзор од повисоките обвинителства. „Двапати годишно им се врши редовен надзор на обвинителите и можеше да се направи и вонреден надзор“.

Но, бројките мерат „мрзливо“ детектирање на обвинителска одговорност. Па, така на пример, во 2020 година, Советот на обвинители водел само две дисциплински постапки.

Едната од нив трае четири години. Тоа е за тројцата обвинители што не постапиле при упадот на насилниците во парламентот на 27 април. Конечна одлука досега нема.

Втората Советот ја запрел, а била за тетовски обвинител за нестручно и несовесно постапување.

Некои обвинители, пак, биле побрзи од системот, како скопска обвинителка, на која откако ѝ било укажано дека има затрупани предмети, пред воопшто да ѝ биде поведена дисциплинска, се повлекла самата.

За ажурноста на оние што ќе проверуваат, пак, говори и тоа што поранешниот состав на обвинителскиот совет и Јавното обвинителство го слушнаа разговорот каде што ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и тогашната министерка Гордана Јанкулоска разговараат дека ќе ја избираат обвинителката Гордана Ѓешкоска, но останаа без реакција.

Љубомир Јовески | Фото: БИРН

Долго се говореше и за политички монтирани обвиненија. Тоа стана редовен политички „фолклор“, особено во времето на Груевски, кога Обвинителството беше гласно критикувано дека било целосно поклопено од партијата на власт.

Впрочем, премиерот Зоран Заев тоа го изјави, кога ги повика обвинителите да ја истражат, како што кажа „обвинителско-полициската местенка“ во случајот „Поткуп“. Епилог од повикот до денес – нема.

Првиот човек на Обвинителството, Љубомир Јовески, за БИРН, смета дека со неговите колеги имаат интегритет да го спроведат прочистувањето.

Но, признава дека досега имале проблем: „Одговорноста на обвинителите не функционираше како што треба. Сега ќе има повеќе активности што треба да дадат резултати“.

Таму каде што недостигаше одговорност со години

Од лево кон десно обвинителите: Тополова-Исајловска, Лазаревски, Бајрами | Фото: БИРН

Постапката за одговорност на сите обвинители ја почнува државниот јавен обвинител, а во дисциплинската комисија за утврдување одговорност членува и еден од обвинителите од ова обвинителство.

Дел од нив беа членови и во времето додека со него шефуваше Марко Зврлевски.

Најавеното филтрирање, всушност, ќе се прави од Обвинителство, кое до денес не утврди како на „Јутјуб“ осамнаа снимките од посебните истражни мерки во предметот „Пуч“ и „Поткуп“, кои преку полицијата ги нарачало Обвинителството.

Проверката ќе тргне од Обвинителство, кое до денес не утврди како на „Јутјуб“ беа објавени снимки од посебните истражни мерки во предметите „Пуч“, и „Поткуп“, кои ги направила полицијата.

Дилеми одамна има и за персоналниот состав. Иако нивните биографии не се објавени на сајтот на Обвинителството, не е тајна дека Џелал Бајрами, кој му беше заменик на Зврлевски, стана државен обвинител во 2016 година. И тоа без претходно да има напишано ниту едно обвинение, уште помалку имал скалест напредок во кариерата преку основно и вишо обвинителство. Имено, Бајрами бил адвокат, работел во „Македонија пат“, а предавал и во средно училиште.

Потоа бил министер за труд и социјална политика, како и заменик-министер за внатрешни работи од редот на ДУИ.

Бајрами стана државен јавен обвинител, во ист ден со Анита Тополова-Исајловска, сопруга на тогаш именуваниот заменик-министер за надворешни работи, Илија Исајловски. За нецели седум години (во време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ), од основен јавен обвинител, таа се вивна во републичкото обвинителство, што во правосудните кругови се смета за невообичаено брза кариера.

Колеги на Бајрами и Тополова-Исајловска им се и Ферат Елези, Башким Бесими и Исмаил Дарлишта. Нивните потписи на соопштението во кое се критикува квалификацијата на делото за случајот со смртта на малиот Амир од Куманово извадија на виделина судир со сегашниот главен обвинител, Јовевски, кој промптно им ја осуди реакцијата како непрофесионална и соопшти дека со неа го прекршиле обвинителскиот Етички кодекс.

Дарлишта бил и на други функции како уставен судија и член на Судскиот совет, но, како и Бајрами, во правосудство влегува преку политичка функција. Бил министер за правда во владата предводена од СДСМ и ДУИ, а претходно бил заменик-директор во Агенцијата за државни службеници и заменик-член на ДИК.

Меѓу државните обвинители вклучени во проверката ќе бидат и Влатко Георгиевски и Бодан Лазаревски.

Судирот на интерес како „минато свршено време“

Кај членот на Советот, Коле Штерјев, ДКСК констатира судир на интереси | Фото: БИРН

Базичниот филтер за некој да стане обвинител е Советот на јавни обвинители, што е надлежен и за жалбите за дисциплински постапки и да врши непосреден увид во предметите.

Првиот човек на ова тело, Ацо Колевски, за БИРН изјави дека не се сомнева оти Советот има интегритет да постапува во претставките за обвинители, за дисциплинските постапки, како и за изборот и разрешувањето.

„Се работи за искусни правници и обвинители, верувам дека секој може за себе да си каже. Советот е на завидно ниво по квалитет, независност и стручност на членовите и ќе одговори на која била обврска“.

Член на ова тело и негов поранешен претседател е и Коле Штерјев, кој лани го почна вториот мандат. Она по што остана запаметен во првиот мандат е што со неговиот глас обезбеди кворум за избор на неговата внука за обвинителка за гонење организиран криминал.

Критиките на ексамбасадорот Бејли останаа без епилог | Фото: БИРН

Потоа Штерјев изјави дека „не му паѓа на памет“ да ја плати прекршочната што му ја поднесе ДКСК за судир на интереси. Советот на обвинители застана во негова одбрана, па ги информира антикорупционерите дека нема елементи да му поведат постапка.

Во пакет со него се коментираше и Фиданка Рајевска – членка на Советот, која лани повторно беше реизбрана во ова тело. Таа гласаше на истата седница со Штерјев за реизборот на обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова, која тогаш ѝ го гонеше сопругот во истрага за перење пари, со што практично не се иззема од гласање во кое има претпоставен судир на интерес.

Илустрирајќи ги навидум малите постапки со кои се урива угледот на правосудните органи, поранешниот американски амбасадор Џес Бејли, јавно ја искритикува таа седница на Советот и посочи дека со тие постапки на обвинителскиот совет, граѓаните „изгубиле грам доверба во правосудството“.

Дел од Советот на обвинители е и Ангел Солев, поранешен долгогодишен судија и адвокат, кој бил член на правниот совет на СДСМ. Солев во медиумите веќе се изјасни дека членството во партискиот правен совет било „за правни, а не за политички прашања“.

Последен беше избран Иџет Мемети, кој на таа функција доаѓа од позицијата народен правобранител. Претходно бил министер за правда, судија на Уставен суд, државен секретар на влада и член на Државна изборна комисија. На сите функции бил назначуван како кандидат на ДУИ.

Неговото име, додека беше народен правобранител, беше под критика поради изборот на седницата на црниот понеделник во 2012 година, кога без опозицијата во парламентот и со протести што се случуваа надвор, заради усвојувањето на буџетот, доби втор осумгодишен мандат.

Меѓу оние што ќе ги проверуваат обвинителите се и Љупчо Ивановски, кој бил заменик на народниот правобранител, а бил заменик и на општинскиот јавен обвинител во Скопје. На функцијата доаѓа како адвокат.

Член на Советот е и Арбен Исаку, кој бил советник во владата, а потоа и во Собранието. Претходно работел како управител на приватна фирма, а бил и постојан преведувач од македонски, албански и српски јазик во Основниот суд Тетово.

Во Советот на јавни обвинители се и вишата обвинителка од Штип, Јасна Жежова, и нејзините колеги Антонио Јолевски, кој доаѓа од битолското, и Фаик Арслани од гостиварското обвинителство.