Марјана Зељко имала 14 години кога во септември 1995 година, непосредно пред крајот на војната во Босна и Херцеговина, со своето семејство во колона бегалци, се повлекувала од градот, Доњи Вакуф.
Колоната српски цивили се упатила кон Бања Лука, оддалечена 100 километри од Доњи Вакуф, која кој била под српска контрола. По пат паднале во заседа.
Имено, додека поминувале со автобусот низ напуштеното село Бравнице, кај Јајце, Марјана прво слушнала истрели од далечина, а потоа и рафал од куршуми кои го погодиле автобусот и возилата околу него.
„Тогаш бев ранета во главата и раката, а имам и шрапнели во срцето“, ни вели Марјана.
„Тогаш и мојот брат беше ранет, тој имаше осум години кога се случи нападот. Видов како еден војник од каналот пука во него, а последиците се такви што тој денес е 100% инвалид“, додава таа.
И Надежда Јанковиќ, која е малку постара од Марјана, била ранета во ногата кога колоната бегалци минувала низ селото Бравнице.
„Имаше крв и стакло на сите страни, вресок и плачење“, се сеќава таа.
„На баба ми куршум и ја беше откинал ногата. Тие ја симнаа од автобусот, а јас излегов во полуседечка положба на едната нога“, вели Надежда.
Утрото на 13 септември, голем зглобен автобус, придружуван од трактори и други возила, тргнал од Доњи Вакуф кон Бања Лука. Марјана се сеќава дека претходната ноќ, еден сосед го разбудил нејзиното семејство, и им рекол да бегаат.
Во тоа време во Доњи Вакуф било немирно и во далечина се слушале истрели и експлозии на гранати, додека српските цивили и војската се повлекувале.
Надежда живеела со нејзината баба во Доњи Вакуф, град за кој тогаш се користело името Србобран.
„Србобран падна! Тоа беа зборовите на баба ми додека се обидувавме набрзина да се спакуваме“, вели таа.
„Успеавме да седнеме на скалите на автобусот, чии седечки и стоечки места беа пополнети. Знаете, тоа е оној голем автобус хармоника. Во автобусот имаше над 100 цивили, жени и деца и старци“, се присетува Надежда.
Два часа подоцна, додека се возеле низ Бравнице, колоната паднала во заседа. Според преживеаните, во нападот загинало 81 лице.
Полицијата утврдила дека биле убиени и девет припадници на Војската на Република Српска (ВРС), а голем број луѓе биле ранети. Заробените цивили подоцна биле однесени во центри за притвор.
Надежда вели дека се сеќава на војниците во маскирни униформи по завршувањето на нападот.
„Поминаа покрај нас и се смееја, велејќи дека добро не искасапиле. Имаше и војници кои се приближуваа и ги преврзуваа нашите рани. Тие војници имаа ознаки на ХВО (Хрватскиот совет за одбрана) и шаховница на ракавите“, раскажува таа.
„Околу мене имаше ужасни сцени, мирис на крв и барут. По нападот, тие нè ставија во една жолта куќа покрај патот, ја најдов баба ми и легнав покрај неа мислејќи дека е мртва. Мислев дека тоа е мојот крај“, вели Надежда.
И Марјана се сеќава на тоа дека ја однеле во напуштена жолта куќа во Бравнице.
„Прва помош ни пружија војници, прво мислев дека се српски војници, но на нивните ракави имаа ознаки ХВО и шаховница“, нагласува таа.
„Иако во тоа време имав 15 години, јас го поминав своето детство во војна и ги знаев ознаките што ги носеа војниците, тогаш сфатив дека сум заробена“, вели Марјана.
„Едни нè нападнаа, други ни помогнаа“
Сава Гудало, која, исто така, била во колоната бегалци, истакнува дека веднаш по нападот, се појавиле локалните Хрвати.
„Тие беа згрозени од она што се случи. Тие се фаќаа за глава и почнаа расправија со војниците кои го извршија нападот. Подоцна, тие локални Хрвати ни помогнаа, ни ги преврзеа раните“, нагласува Сава.
Во текот на денот, ранетите цивили со камион од Бравнице биле пренесени во болница во Ливно. Марјана вели дека шрапнелите од главата ѝ биле отстранети без анестезија.
Таа и Надежда, два дена подоцна, заедно со други сериозно повредени лица, биле префрлени во Сплит, каде што биле оперирани. Потоа се вратени во Ливно и како заробеници биле сместени во тамошната спортска сала. Месец и половина по нападот, на 2 ноември 1995 година, тие биле ослободени со размена на затвореници.
Надежда е убедена дека злосторството било испланирано, а нападот врз цивилите во колоната бегалци нареден, иако до денес нема пресуди за нападот врз колоната.
„Во тоа време во таа област дејствуваше 4-тата гардиска бригада на Хрватската војска, која го изврши нападот врз нас. Припадниците на таа војска беа во каналот, токму таму каде што со нападот го запреа автобусот, додека припадниците на ХВО доаѓаа од другата страна, преку мостот. Тие го осудија нападот и ни помогнаа“, вели таа.
„Сакам да ја истакнам разликата помеѓу оние што нè нападнаа, и оние што ни помогнаа, важно е да се наведе тоа“, додава Надежда.
Бригадата на Хрватската војска „не беше таму“
Во правосилната ослободителна пресуда, што им беше изречена на генералите на Хрватската војска (ХВ), Анте Готовина и Младен Маркач, се наведува дека од 8 до 15 септември 1995 година, единиците на ХВ и ХВО, во соработка со Армијата на Република Босна и Херцеговина, ја спровеле операција „Маестрал“, со цел да ја преземат контролата врз територијата околу градовите Дрвар, Шипово, Јајце, Босански Петровац, Босанска Крупа и Кључ. Јајце е најблискиот град до Бравнице.
Според пресудата, во операцијата „Маестрал“ учествувала и 4-тата гардиска бригада на ХВ, предводена од генералот, Дамир Крстичевиќ, министер за одбрана и потпретседател на Владата на Хрватска во периодот од 2016 до мај 2020 година.
Тој, во повеќе наврати, за хрватските медиуми ја негираше одговорноста на бригадата што ја водел, со образложение дека таа, на 13 септември 1995 година, била сместена во Сплит.
На барањето на БИРН за разговор со него, Крстичевиќ со порака ни одговори дека „4-тата гардиска бригада, во тоа време не била во областа на Јајце“.
Тој не сакаше подетално да зборува за наводите на жртвите дека таа бригада била во Бравнице тој ден.
Министерството за внатрешни работи на Република Српска (МВР на РС), за БИРН потврди дека доставило извештај до Обвинителството на БиХ, за воените злосторства врз цивилите во Бравнице, во 2005 година.
Во него како осомничени се наведени Т.Б., С.С., Д.К. и М.П. како и „неколку неидентификувани припадници на 4-тата гардиска бригада на ХВ“.
Во извештајот се наведува дека пријавените лица „наредиле, не спречиле и не ги казниле сторителите или непосредно извршиле убиства и раниле повеќе цивили со огнено оружје и со испукување на гранати од рачен фрлач врз колона бегалци, при што биле усмртени десетици цивили – најмалку 32”.
Од МВР на РС тврдат дека тие подоцна утврдиле и смрт на девет војници на ВРС и дека во 2007 година го дополниле извештајот со обемни докази.
Од Обвинителството на Босна и Херцеговина за БИРН потврдија дека работат на случајот и дека во тек е сослушување на сведоци и на оштетени лица, но повеќе детали за истрагата не дадоа.
„Сторителите мора да бидат казнети“
Во 1998 и 1999 година, Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на БиХ, изврши три ексхумации во близина на Јајце, при што беа ексхумирани посмртни останки на 96 луѓе.
Според ИИЛ на БиХ, девет лица сè уште се водат како исчезнати во областа на Бравнице.
Додека се чека крајот на истрагата и утврдувањето на одговорноста за нападот, семејствата и здруженијата на жртвите се обидуваат да го обележат местото на страдањето со спомен-плоча, но општинските власти на Јајце сè уште не дале одобрување за тоа.
Денес, во Бравнице, на автобуската станица има натпис кој е закован на бандера, и речиси е целосно уништен, под кој има венец без цвеќе.
Но, Надежда нагласува дека за оние кои биле во Бравнице тој ден во 1995 година, поважно е гонењето на виновниците.
„Знаете, ние можеме да зборуваме за културата на сеќавањето и за обележувањето на ова место со трајна плоча, која ќе зборува за она што се случило, но и да ги учи идните генерации, за ова никогаш повеќе да не се повтори. Но, мора да ме разберете и мене, како и сите убиени и преживеани цивили кои беа во тој автобус, дека сторителите мора да бидат казнети“, нагласува таа.
„Се прашувам зошто се молчи за ова злосторство и што треба да сториме за да ги видиме сторителите на обвинителна клупа?“, прашува Надежда.
Проектот, „Заборавени жртви“, е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства.