Истражувањa

Зад добивките на државните фирми се кријат даночни долгови

Истражувањето на БИРН открива случаи како директори местат финансиски резултати за да ја сочуваат „фотелјата“

Има добивка од 1,16 милиони евра лани, но неплатен данок на државата од 4 милиони евра. Кога би се платил со години натрупаниот даночен долг, којшто повеќе од половина е од камати, јавното претпријатие Македонски шуми наместо профитабилно, би имало статус – загубар.

Ова јавно претпријатие е само едно од вкупно 30 државни фирми коишто имаат неплатен даночен долг од вкупно 19,2 милиони евра кон Управата за јавни приходи.

Истражувањето на БИРН покажа дека повеќе јавни претпријатија, иако на хартија прикажуваат добивки, всушност имаат големи даночни долгови што според даночните експерти е доказ дека нешто во нивните финансиски извештаи не штима. Ако имаат пари од акумулираните добивки, зошто не ги плаќаат даноците кон државата!?

Повеќе јавни претпријатија, иако на хартија прикажуваат добивки, всушност имаат големи даночни долгови

„Одговорот е јасен. Не ги плаќаат даноците, затоа што ја немаат ниту добивката. Директорите претставуваат лажна слика во своите финансиски извештаи дека имаат приходи кои што се, всушност нереални, односно произлегуваат од застарени побарувања кои не можат да ги наплатат, искажуваат финансиски резултат за кој државата им пресметува данок што треба да го платат, но не можат, затоа што немаат пари, повторно поради неможноста да ги наплатат своите побарувања“, вели претседателот на Здружението на даночни советници на Македонија, Павле Гацов, и додава дека кога државата би го наплатила даночниот долг, би бил загрозен опстанокот на овие државни фирми.

„Со целосната примена на меѓународните стандарди за финансиско известување, поголемиот дел од државите компании што искажале профит, би станале загубари“, вели Гацов.

„Со целосната примена на меѓународните стандарди за финансиско известување, поголемиот дел од државите компании што искажале профит, би станале загубари“, вели претседателот на Здружението на даночни советници на Македонија, Павле Гацов

Претседателот на Здружението на даночни советници на Македонија, Павле Гацов

На црната листа на Управата за јавни приходи (УЈП) којашто покажува колкав даночен долг имаат граѓаните и фирмите, меѓу државните фирми се најде Комуналец Гостивар со неплатени даноци од 2,6 милиони евра, иако во исто време котира високо на листата на најпрофитабилни јавни претпријатија со добивка од 735 илјади евра. Јавното комунално претпријатие Тетово има неплатен долг кон УЈП од речиси 1,8 милиони евра, а лани прикажа добивка од околу 24 илјади евра, МРТ има исто така неплатен даночен долг од околу 1,8 милиони евра, а сепак позитивен финансиски резултат во 2015 година од 840 илјади евра.
Меѓу останатите најголеми „профитабилни“ должници кон државата се Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, со долг од околу 550 илјади евра, кое пак лани прикажа профит од 41 илјада евра; Македонска радиодифузија којашто лани прикажа профит од 920 илјади евра, а ѝ должи на државата 310 илјади евра; Комуналец Струмица со неплатен долг од 150 илјади евра, а сепак со позитивен финансиски резултат, односно добивка од 100 илјади евра.

Голем дел од даночниот долг на државните фирми е натрупан со години, што значи дека државата пресметува годишна камата од 10% што дополнително ќе ги подјаде добивките на јавните претпријатија.

Практиката на искривување на финансиската слика на државните фирми ја потврдува и случајот со скопското претпријатие Водовод и канализација.

Директорот Александар Атанасов за БИРН открива дека ова јавно претпријатие во периодот од 2010 до 2014 година ги местело финансиските извештаи – не се отпишувале ненаплатените побарувања за да не се прикажат како трошок, со тоа се избегнувало и плаќањето на данок од 10%, сѐ со цел крајниот резултат да биде профит.

Тој вели дека покренал и финансиска истрага против неговите претходници, а како последица на неоптужени и застарени побарувања што морало да се отпишат, претпријатието лани пријави загуба од 3 милиони евра.

„Загубата од минатата година е последица на фиктивни и наместени добивки на претпријатието претходните години. Претходните директори не ги оптужувале неплатените сметки на граѓаните, ниту пак, ги отпишувале како застарени ненаплатени побарувања. Со тоа затајувале и данок од 10% што според закон мора да се плати за секое отпишано побарување за да не го прикажат трошокот, односно загубата туку, напротив, за да прикажат дека работат профитабилно, со добивки“, вели Атанасов и додава дека претходниот директор од 2010 до 2014 година подлежи под кривична одговорност и против него веќе се водат финансиски истраги за злоупотреба на службената должност.

Директорот на Водовод и канализација, Александар Атанасов

Директорот на Водовод и канализација, Александар Атанасов

„Не ја исклучувам веројатноста и годинава да прикажеме загуба токму поради истите причини“, вели Атанасов и додава дека веќе направиле договор со УЈП за плаќање на заостанатиот данок на 12 рати.
Меѓутоа, ова јавно претпријатие не се појавува на листата на даночни должници што ја објави Управата.

Директорот на Македонски шуми, Жарко Караџоски, објаснува дека даночниот долг на претпријатието е натрупан од претходните години, а добивката остварена лани ќе ја искористел годинава за да го плати долгот кон државата.

„Повеќе од половина од долгот е по основа на камати што УЈП ги пресметува секој ден и тоа е реален трошок што треба да го плати нашето претпријатие. Дел од долгот лани го плативме и сега поднесовме барање до УЈП за репрограмирање на преостанатиот долг. Со оглед на тоа што лани работевме профитабилно со добивка од околу 1,16 милиони евра, во текот на годинава сета оваа заработка ќе ја искористиме за пребивање на нашите даночни обврски. Правиме напори целосно да го подмириме долгот кон државата, бидејќи не сакаме да нѐ ставаат на црни листи од коишто потоа не можеме да учествуваме на тендери“, вели Караџоски и додава дека сметката на претпријатието не е блокирана „пред сѐ поради добриот дијалог со УЈП, но и посветеноста редовно да се плаќаат тековните обврски“.

Лажни добивки за да се сочува „фотелјата“

Дамоклов меч што ги тера дел од менаџерите на државните фирми да прикажуваат лажни добивки се законските одредби според кои секој директор што работи со загуба, треба да биде разрешен.

Даночните експерти велат дека директорите прикажуваат нереални приходи и притоа креираат даночен долг што немаат пари да го платат и со тоа да си ја сочуваат „фотелјата“ оти во Законот за јавни претпријатија јасно стои дека „ако се утврдат загуби во работењето, директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци. Ако загубата не се покрие во овој период, директорот ќе биде разрешен“.

Меѓутоа, овој член од Законот е веројатно „подзаборавен“ од основачите на јавните претпријатија.

Директорите на државните фирми прикажуваат нереални приходи и притоа креираат даночен долг што немаат пари да го платат за да си ја сочуваат „фотелјата“

Претседателот на Здружението на даночни советници, Павле Гацов, објаснува како се фингираат финансиските резултати со непочитување на меѓународните стандарди на финансиско известување за да се избегне искажување на загуби од работењето.
„Неоправдано се одложуваат трошоците на периодот за наредни периоди, се избегнува вредносно усогласување (отпишување) на нереалните побарувања, се избегнува пазарно вреднување на залихите кои исто така негативно би влијаеле на финансискиот резултат, се одбегнува создавање даночни обврски и нивно плаќање, согласно даночните прописи, не се евидентира целосната амортизација, согласно усвоените сметководствени политики, нереално се искажуваат приходи, без законска можност тие да бидат наплатени итн.“, објаснува Гацов.

Тој додава дека често пати за појавата на актуелните загуби не се виновни сегашните директори туку дубиозите ги направиле нивните претходници, а тие само ја констатирале реалната состојба во финансиските извештаи.

„Затоа и одредбите од Законот за јавни претпријатија поврзани со искажаните загуби треба да се применуваат селективно (аналитички)“, вели Гацов.

Тој вели и дека зачудува селективниот однос на органот за јавни приходи кој не ги блокира сметките на јавните претпријатија, иако често пати се работи за огромен износ на даночен долг од една, и ригидноста во постапувањето кога се работи за долг на приватна компанија од друга страна, како да се работи за два паралелни система.

Од Управата за јавни приходи, не одговорија на прашањата на БИРН зошто со години се толерира исти јавни претпријатија да се појавуваат на срамната листа на даночни должници, или пак, зошто УЈП не ги наплатува присилно долговите, особено од оние државни фирми што работат профитабилно.

Од УЈП само објаснија дека „листата на должници не треба да се поврзува со присилна наплата или толеранција, бидејќи тоа не е критериум за објава на должници на листата, ниту пак, листата покажува какви мерки презема УЈП или државата за наплата на долговите. Секој од должниците во оваа листа се наоѓа во различна фаза на даночна постапка, тоа може да биде опоменување, редовни мерки на наплата, присилна наплата и слично, а може и одреден даночен обврзник да се појави на листата едноставно поради тоа што има проблем со ликвидност во опфатениот период“.

Секоја четврта државна фирма во загуба

Едно од четири претпријатија во државна сопственост во Македонија лани работело непрофитабилно, покажаа податоците од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации што го објави БИРН.

Вкупно 29 од 113 државни фирми минатата година направиле загуба од 31,3 милиони евра.

Меѓу најголемите државни загубари, на врвот на ранг-листата е Јавното претпријатие за извршување водостопански дејности, ХС Злетовица Пробиштип чијшто биланс на успех покажува минус од дури 10,9 милиони евра. За споредба, ова претпријатие во 2014 година работело со добивка од приближно 10 илјади евра.

Со загуба од речиси 8 милиони евра, второ на листата со најголеми загуби е Македонски железници- инфраструктура, а треторангирано е претпријатието Стрежево Битола со загуба од 3,6 милиони евра.

Потоа следува Водовод и канализација – Скопје со загуба од околу 3 милиони евра и Аеродроми на Македонија со минусно салдо од 2,2 милиони евра.

Во првите десет најголеми загубари се рангирани и Проаква Струга со негативен финансиски резултат од околу 820 илјади евра, Македонија пат со загуба од околу 800 илјади евра, Македонски железници Транспорт со минус од околу 770 илјади евра, ЈП за Водостопанство Лисиче од Велес со загуба од околу 470 илјади евра и скопското претпријатие Паркови и зеленило, со загуба од нешто повеќе од 300 илјади евра.

Повеќето од директорите на државните фирми со статус загубари не сакаа да објаснат како ги направиле загубите, но дел од нив одговорија на прашањата на БИРН.

Директорот на претпријатието Македонија пат, Гајур Кадриу, објасни дека загубата е последица на амортизираната механизација што ги прави неефикасни во работењето.

„Нашата механизација е премногу стара, во просек над 20 години, освен тоа премногу е експлоатирана што значи постојани дефекти и слаб капацитет за работа. Тоа нѐ чини многу. Поради тоа работиме неефикасно, со поголеми трошоци отколку приходи. Јас неколку пати барав од властите да се обнови механизацијата, меѓутоа, досега одговор на тоа нема“, вели Кадриу.

Освен тоа, според него, друг проблем е што обемот на работа е премногу мал за претпријатието.

Директорот на претпријатието Македонија пат, Гајур Кадриу, објасни дека загубата е последица на амортизираната механизација што ги прави неефикасни во работењето

Директорот на претпријатието Македонија пат Гајур Кадриу

„Имаме работа само во одредени периоди од годината, односно во зима кога паѓа снег. Во лето обемот на работа е помал и од тој аспект повторно правиме загуби. Нам ни треба постојан ангажман континуирано, а не периодично. Кога би се зголемил обемот на работа за 50%, на пример, би работеле балансирано, ниту со загуба ниту со добивка“, потенцира Кадриу.
Македонија пат е прва на листата на УЈП меѓу државните фирми со најголем даночен долг од 6,9 милиони евра, меѓутоа како што објаснува директорот Кадриу, поради загубата претпријатието нема капацитет да ги плати натрупаните даноци.

„Ние се обидуваме да ги плаќаме даноците кон државата, но работиме со загуби и немаме капацитет да го платиме целиот акумулиран долг. Поради тоа веќе подолго време нашата сметка е блокирана“, вели Кадриу.

Останатите 84 компании од јавниот сектор опфатени со истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, пак, заработиле 40,14 милиони евра. Сите заедно инкасирале приходи од 780,4 милиони евра и имале вработено 27.767 луѓе. Бројот на луѓе што работат во јавните претпријатија е далеку поголем ако се вкалкулираат и сезонските привремените вработени.

Како да се реформираат државните фирми!?

Јавноста малку знае како работат државните компании, бидејќи најголем дел од нив воопшто не даваат отчет ниту пак, објавуваат финансиски извештаи. Нетранспарентноста ја чува комотната атмосфера во државните фирми, нема притисок за нивно реформирање од загубари натрупани со партиски кадри во здрави компании што ќе работат со солидни резултати.

Нетранспарентноста ја чува комотната атмосфера во државните фирми, нема притисок за нивно реформирање од загубари натрупани со партиски кадри во здрави компании што ќе работат со солидни резултати

Експертите сметаат дека за успешно функционирање на јавните претпријатија не треба промена на законите туку политичка волја. Тие велат дека државата треба повеќе да се насочи кон концесии и јавно-приватно партнерство, каде што ќе делегира дел од своите овластувања за вршење дејности од јавен интерес на приватниот сектор.
„Со тоа би се намалила можноста од форсирање кадри подобни првенствено по политичка, а не по професионална основа. Приватниот капитал е профитно мотивиран и не трпи импровизации. Но, за ова е потребна политичка волја“, коментираат експертите.

Дел од нив оценуваат дека е потребно да се промени Законот за јавни претпријатија и членовите на управните одбори и директорите да се одбираат на јавен конкурс.

„Досега изборот на директори се одвиваше или преку оглас објавен од управниот одбор на претпријатието или на предлог на Владата. За поголема транспарентност, сметам дека би било добро да се смени Законот за јавни претпријатија и за јавни установи каде и управниот одбор и директорите ќе се одбираат на јавен оглас“, сметаат професорите.

Академик Абдулменаф Беџети, смета дека клучната реформа за јавните претпријатија треба биде во концептот на управување.

Академик Абдулменаф Беџети, смета дека клучната реформа за јавните претпријатија треба биде во концептот на управување

„Властите мора да ги департизираат раководствата на овие државни компании. Доколку продолжи да именува директори само по партиски клуч, некои кои слепо ќе ги извршуваат нивните наредби, јавните претпријатија ќе продолжат да тонат во проблеми. Директорите на јавните претпријатија треба да се именуваат преку јавен конкурс, а клучен критериум да биде нивниот квалитет и успешност, а не партиската книшка”, оценува академик Беџети кој вели дека дури и во комунизмот неуспешните директори на компаниите со општествен капитал кои на крајот на годината прикажувале загуби, биле разрешувани.
Економистите се согласни дека најголемиот проблем со јавните претпријатија е тоа што ниту една власт досега не спровела реформи. Тие коментираат дека во западноевропските општества постојат начини како тоа се прави, а без притоа тие да се приватизираат. Еден од основните принципи е да се евалуираат завршните сметки на претпријатието, да се следи системот на плати и наградувања, бројот на вработени и тоа колку секој од нив е соодветен за работната позиција.

Со еден збор, јавните претпријатија целосно да се потпираат на принципите на пазарната економија.