Дваесет и петгодишната Џенана Салиховиќ од Сребреница, за прв пат во 2000 година го видела својот татко Џевад, и тоа на фотографија, бидејќи тој веќе пет години не бил жив.
Нејзината тетка од Холандија, која дошла да ги посети, ја донела фотографијата на Џевад, човекот на кого неговата ќерка воопшто не се сеќава, бидејќи тој бил убиена во геноцидот во Сребреница, само 34 дена по раѓањето на Џенана.
„Во јули 1995 година, мајка ми успеа да ме извлече мене и моите сестри, Невзета, Нихада и Џевада, од Сребреница. Ништо повеќе од тоа. Ниту слика од татко ми. Дури со пет години го видов за прв пат (на фотографија). Јас бев мала за да разберам зошто го нема“, вели Џенана.
Таа, според податоците на здружението на жртви од Сребреница, е едно од 205 деца од овој град, кои се родени неколку дена пред геноцидот или откако нивните татковци биле убиени од силите на босанските Срби, кои пред 25 години го окупираа овој град во источна Босна.
Семејството на Џенана ја напуштило Босна и Херцеговина, но, во 2002 година, таа, нејзината мајка Рамиза и нејзините сестри, се вратиле да живеат во Сребреница. Таа е магистер по социологија и денес работи во Меморијалниот центар во Поточари, каде го истражува геноцидот, собира предмети и архивска граѓа за масовните убиства на повеќе од 7.000 Бошњаци, извршени во јули 1995 година.
Од нејзината мајка, но и од приказните на другите роднини, таа дознала за последните зборови на нејзиниот татко, кој им се придружил на илјадници други мажи од Сребреница, кои се обиделе да побегнат од војската и од полицијата на Република Српска, бегајќи низ шума кон територијата што била под контрола на Армијата на БиХ, во Тузла.
„Мајка ми ми раскажа дека тој ѝ дал бисквит и ѝ рекол да се грижи за мене и за сестрите. Сум имала нешто повеќе од еден месец“, вели Џенана.
„Се надевав дека ќе се појави од некаде“
Таткото на Џенана бил заробен, а потоа и убиен, заедно со стотици други мажи на фармата во Кравица, во еден од низата масакри извршени над Бошњаците, кои меѓународните судови ги оквалификуваа како геноцид.
Телото на нејзиниот татко било пронајдено во близина на Зворник, во 2005 година. Таа вели дека се сеќава на денот кога го пронашле.
„Дојдов дома од училиште. Сите плачеа. Дотогаш, како малечка, се надевав дека ќе се појави од некаде. Се надевав дека, како и многу други деца, ќе го видам татко ми жив“, раскажува таа.
„Тогаш, всушност, сфатив дека никогаш нема да го слушнам неговиот глас. Како дете, се сеќавам дека сите во куќата секогаш плачеа. Јас тогаш не сфаќав зошто го нема. Не ја памтев неговата фигура, глас“, вели Џенана.
Таа додава дека секој што го познавал, вели дека таа наликува на нејзиниот татко.
„Многумина велат дека сме слични. Освен физичкиот изглед, ми велат дека ние сме исти по карактер. Јас брзо се лутам, но исто така брзо се одлутувам“, нагласува Џенана.
Нејзиниот татко, како и другите жртви од Сребреница, чии останки биле пронајдени и идентификувани, е погребан во Меморијалниот центар Поточари.
„Одам на неговиот гроб најмалку еднаш неделно. Проучувам фатиха и чувствувам олеснување. Чувствувам дека ни е полесно и на мене, и нему“, додава таа.
Покрај болката што ја чувствува бидејќи пораснала без поддршка од татка си, Џенана е тажна и поради фактот што 25 години по геноцидот, најстрашниот злостор извршен по Втората светска војна во Европа, сè уште се негира.
„Овој град нема иднина сè додека сите не се соочат со минатото. Само искреното соочување е патот за напредок“, нагласува таа.
„За жал, во Сребреница често наидуваме на постери и мурали посветени на убијците на нашите татковци … Честопати се прашувам, каков човек треба да бидеш, за да славиш убиец на нечиј татко“, вели Џенана.
Освен нејзиниот татко, во геноцидот биле убиени и нејзиниот дедо, вујко, тројца чичковци, четворица братучеди, нејзината стрина, баба и уште многу подалечни роднини.
Претседателката на здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“, Мунира Субашиќ, вели дека најтешки моменти за неа се кога децата како Џенана, деца од Сребреница кои ги загубиле родителите во јули 1995 година, доаѓаат и бараат барем фотографија од нивниот татко.
„Тоа е навистина неверојатно. Замислете дете кое доаѓа во здружението и ве моли да му дадете слика од татко му, само за да го види“, вели Субашиќ.
„Дури ниту тоа, како сеќавање на нив, го немаат. Да ви пукне срцето“, вели таа.
„Татко ми и брат ми беа заедно убиени“
Амела Малагиќ ја изгубила надежта дека еден ден ќе го види својот татко Салко на прагот и дека ќе му се стрча во прегратка.
„Бев шесто или седмо одделение и се сеќавам дека имавме гости. Заѕвони телефонот и мајка ми ми рече да се јавам. Повикот беше од Тузла или од Високо, не се сеќавам. Ми беше кажано дека ги пронашле коските на татко ми Салко и брат ми Елвир, кои беа заедно убиени“, раскажува Амела.
„Сѐ дотогаш, како дете, се надевав дека ќе се појави од некаде. И мојот брат Адмир беше убиен, но тој беше претходно пронајден и погребан. Тогаш сфатив дека никогаш нема да ги видам. Сѐ дотогаш, се надевав на татковата прегратка“, вели таа.
Амела е родена во јануари 1996 година во Тузла. Нејзината мајка Мирсада, додека била бремена, дошла во Тузла откако во 1995 година успеала да избега од Сребреница со, тогаш, деветгодишниот брат на Амела, Аднан.
Поради преголемата болка, таа никогаш не се распрашувала каде и како е убиен нејзиниот татко. Вели дека ѝ е тешко да зборува за тоа. Коските на татко ѝ Салко биле пронајдени во шест секундарни гробници, во кои, од примарните гробници, биле преместувани телата или делови од телата на жртвите од Сребреница, во обид да се прикрие масакрот.
„Тој беше пронајден во Каменица, во Зворник. Причината за смртта не е позната, бидејќи телото беше распарчано во шест гробници“, потенцира Амела.
„Брат ми Адмир бил стрелан. И тој беше пронајден во Каменица, додека Елвир, кој имаше 22 години, беше пронајден во четири секундарни гробници во Каменица“, објаснува таа.
Амела истакнува дека не престанале да ѝ недостасуваат.
„Сè што требаше како девојче, а сега како жена, да го имам, го немам, затоа што некој се изживувал врз татко ми и моите браќа“, додава таа.
„За Сребреница ме врзуваат болни спомени. Одам таму онолку колку што имам време. Ако ништо друго, знам каде се, дека имаат гроб … Ќе одам, ќе се исплачам и така е секогаш“, вели Амела.
Прв пат сфатила дека нејзиното растење е различно од она на другите деца на нејзина возраст, кога нејзината мајка Мирсада, која и самата била ранета во Сребреница во јули 1995 година, заминала во Хаг како сведок. Мирсада сведочела четири пати во Хаг.
„Мајка ми беше еден од клучните сведоци на судењето на Ратко Младиќ, Радислав Крстиќ и Здравко Толимир. Нејзиното сведочење беше едно од клучните за да се докаже какви злосторства извршиле, и заради тоа беа осудени“, нагласува Амела.
Како посетителка, таа присуствувала на едно од судењата на Ратко Младиќ пред Трибуналот.
„Бев во средно училиште и веќе бев свесна за сè. Знам дека ги провоцираше сведоците, беше арогантен и од себе правеше жртва“, се сеќава Амела.
„Искрено, не го мразам, ниту него, ниту некој друг како него. Сите ќе одговараат за своите злосторства, а од бога ќе добијат она што им следува. Тие тотално ми го сменија мојот живот, уште пред да се родам“, истакнува таа.
„Секогаш ми недостасува“
„Сите ние како деца имаме сон, имав и јас. Сонував дека еден ден ќе го запознаам татко ми. Татко ми, за кој толку многу сум слушал, но никогаш не сум го видел, ниту сум го слушнал неговиот глас. Се викаше Ибрахим“.
Овие реченици се цитат од книгата „Тешко дека бев дете“ од Амир Шечиќ, посветена на неговиот татко, кој бил убиен во геноцидот во Сребреница.
Амир е роден во октомври 1995 година во Тузла. Три дена по неговото раѓање, неговата мајка го оставила во дом за деца без родителска грижа, каде ги поминал следните 20 години.
Откако ја објавил книгата, почнале да му се јавуваат некои членови на семејството на неговиот татко, за кои претходно не знаел.
Неодамна се запознал со братучед на татко му кој живее во САД, кој му го потврдил неговиот сон, дека неговиот татко навивал на германски фудбалски тим.
„Сонував дека татко ми навива за Борусија од Дортмунд. Честопати ми доаѓа во сон и само врз основа на тоа имам слика за него. Тој роднина од Америка, кого го прашав каков бил мојот Ибрахим, дали сакал фудбал, ми рече пред неколку дена дека татко ми навистина навивал за Борусија“, вели Амир.
Тој не присуствувал на колективниот погреб во Поточари, каде неговиот татко бил погребан во 2013 година, откако неговите посмртни останки биле пронајдени во 2010 година во масовната гробница Зелени Јадар.
„Воспитувачите не сакаа да ме вознемируваат. Тие сакаа да избегнам дополнително страдање“, вели тој.
Како и Амела Малагиќ, и Амир често ја посетува Сребреница.
„Одам таму кога можам, но морам и психички да се подготвам, затоа што секој пат кога одам во Сребреница, повторно се соочувам со она што го носам длабоко во себе“, потенцира тој.
Амир додава дека неговиот татко „секогаш му недостасува“, особено кога му е роденден и за Бајрам.
„Ми недостасуваше за сите успеси на училиште. Не можев никому да ја покажам книшката со петките. Немаше никој да се слика позади мене и со таа книшка“, вели Амир.