Судењето на поранешниот командант на единица на ОВК, Салих Мустафа, започна денеска пред ССК по обвинението кое го товари за убиство, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода, дела извршени во април 1999 година, за време на војната во Косово.
„Денешниот ден е пресвртница за оваа институција и за нашата работа“, рече обвинителот, Џек Смит, во воведниот збор.
Мустафа е обвинет дека злосторствата ги извршил во објект за притвор на ОВК, кој се наоѓал на имот во косовското село Злаш, над затвореници обвинети од припадниците на ОВК дека соработувале со Србите или дека не ја поддржувале каузата на ОВК.
„Ќе видите дека жртвите на господинот Мустафа биле сограѓани, косовски Албанци … Тие не биле непријатели на државата Косово, не биле шпиони, тие биле членови на заедницата“, рече Смит.
„Вистината што ќе му биде претставена на овој суд следната недела е дека лидерите на ОВК … успеале да виктимизираат и да извршат бруталности врз сограѓани, косовски Албанци, кои имале различно мислење од водачите на ОВК“ или биле членови на ривалската албанска политичка сила, Демократскиот сојуз на Косово, истакна Смит.
„За време на овој случај, од жртвите кои две децении чекаа да бидат сослушани, ќе слушнете за злосторствата што биле извршени врз нив и врз членовите на нивните семејства“, вклучително и семејството на жртвата што не преживеала, додаде обвинителот.
Во обвинението на Мустафа се наведува дека тој бил дел од „заеднички злосторнички потфат“, заедно со „извесни војници на ОВК, припадници на полицијата и стражари“, кои имале „заедничка цел да испитуваат и злоставуваат затвореници“.
Обвинетиот пред судот рече дека го разбира обвинението, „но дека нема ништо реално во него“.
„Не сум виновен за ништо за што овој Гестапо ме обвинува“, додаде Мустафа.
Тој се изјасни за невин на рочиштето во октомври 2020 година.
Обвинителот, Цезар Михалчук, на денешното рочиште истакна дека за време на судењето ќе сведочат неколку жртви кои лично биле измачувани од Мустафа или кои тој наредил да бидат измачувани.
„Пискотниците на оние што биле мачени биле толку гласни, што затворениците на катот подолу ги слушале“, нагласи Михалчук.
Тој додаде дека барем една жртва ќе сведочи дека луѓето што го уапсиле „носеле униформи со црвено-црни ознаки со сокол, опкружен со зборот ‘скифтерат’ (сокол на албански јазик), кој, според обвинителството, било ознака на единицата БИА со која Мустафа командувал во војната.
Обвинителството покажа фотографии на кои Мустафа носи црвено-црна беретка и фотографии од имотот во Злаш, каде што, според обвинителството, БИА незаконски држела и малтретирала затвореници.
Михалчук посочи дека „поранешните припадници на ОВК ќе сведочат оти БИА го зазела овој имот“ и дека „неколку сведоци изјавиле оти обвинетиот бил во комплексот во Злаш во времето“ на наводните злосторства.
ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени од поранешните припадници на ОВК за време на војната 1998-1999, која тие ја водеа против репресивниот режим на Слободан Милошевиќ.
Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Хаг во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар. ССК беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е подготвен да се занимава со случаи поврзани со ОВК и да ги заштити сведоците.
Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.