Намалувајќи се од година во година, засолништа за жените-жртви на семејно насилство се сведоа само на четири, од кои целосно функционално е само тоа во главниот град Скопје. Далеку од европските стандарди и наспроти зголемените потреби, во овие засолништа има место за едвај 25 луѓе
Намалувајќи се од година во година, засолништа за жените-жртви на семејно насилство се сведоа само на четири, од кои целосно функционално е само тоа во главниот град Скопје. Далеку од европските стандарди и наспроти зголемените потреби, во овие засолништа има место за едвај 25 луѓе
Кратка средба со Ангела, девојчето чија мајка е жртва на насилство/ Фото: Б.Алаѓозовска / Фото: Б.Алаѓозовска
Државните институции и невладиниот сектор имаат различни мислења за потребите, од една страна, и за капацитетите на центрите за заштита на жртвите од семејно насилство, од друга. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во земјава има четири регионални центри за жртви на семејно насилство каде што можат да се сместат 25 луѓе. Спротивно, од Националниот совет за родова рамноправност при СОЖМ велат дека во моментов функционира само едно засолниште со околу 10 легла.
Шелтерот во Битола не е посебен објект, туку тоа е, всушност, стан кој се изнајмува по потреба и каде што најчесто се сместува само едно семејство (мајка со деца). Шелтерот во Свети Николе има проблеми со прокиснување и влага, па затоа не се користи често. Шелтерот во Кочани има проблем со загревање – односно се грее на дрва, па е тешко функционален во текот на зимските месеци. Оттука произлегува дека само шелтерот во главниот град Скопје е функционален.
Според процедурата, во шелтер центрите за привремено прифаќање и згрижување на жените-жртви може да се престојува три месеци со можност за продолжување за уште три месеци, односно само во исклучителни случаи најмногу до една година.
…
Во Македонија центрите за лица – жртви на семејно насилство се наменети за сместување и згрижување исклучиво на жени и нивните деца и тоа при постоење на строго утврдени услови: отворена опасност и закана за нивниот живот и здравје, поради примена на физичка сила, закана или заплашување од друг член на семејството; отсуство на ресурси во семејната средина за прифаќање на жртвата на семејно насилство.
Покрај центрите кои се под државна капа постојат и неколку невладини организации кои во улога на кризни центри овозможуваат ургентно сместување на жртвите во период од 24-28 часа. Една од нив, Кризниот центар „Надеж“ ги отвори вратите и дозволи одблиску да видиме како функционира центарот, секако, со препорака за целосна дискреција во однос на локацијата. Овој центар има капацитет од пет до седум легла, каде на ден или два би можеле да бидат сместени жени со нивните деца. За време на посетата во центарот не беше сместена ниту една жена. Нѐ пречека координаторката, Фросина Ивановска, со која поразговаравме за деталите.
„Би било подобро во Скопје да има уште еден кризен центар, освен нашиот. Еве, минатата година го реновиравме и во тој период немаше каде да се сместат и згрижат жени во текот на ноќта. Не е доволен еден центар“, вели координаторот на Кризниот центар „Надеж“, Фросина Ивановска.
Министерството за труд го одби нашето барање да посетиме некој од регионалните државни центри, бидејќи евентуалната посета ќе го ставела во ризик животот на жртвите.
Граѓанскиот сектор не може многу да помогне, бидејќи, како што велат оттаму, „откако државата ги презеде обврските за превенција и спречување од семејно насилство, многу тешко се доаѓа до финансии од донатори за оваа намена“.
Невладините организации немаат ниту еден центар за долгорочно сместување, бидејќи за тоа се потребни пари за одржување, за храна и за кадар. „Ние сме овде волонтерски. Потребни се сериозни и однапред планирани финансиски средства “, потенцира Ивановска.
Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) истакнуваат дека мерките за заштита на жените од семејно насилство не се достапни за жртвите. „Бројот на државни засолништа кои згрижуваат на долг рок е намален наспроти постоењето на потребата од згрижување на жртвите. Бројот на засолништа од седум во 2009 година се намали на четири во 2011 година, а се намали и капацитетот на засолништето во Скопје,“ вели Марија Гелевска од ЕСЕ. Таа додава дека состојбата на ова поле е идентична со заклучоците од анализата на ЕСЕ во 2010 година.
„Засолнувањето на жртвите, како една од мерките за заштита, се обезбедува на неунифициран начин и сместувачките капацитети не се достапни за поголем број на жртви поради несоодветната покриеност на целата територија на државата. Оваа состојба остана непроменета и покрај податоците добиени од наведената анализа за неискористеноста на капацитетите на повеќето државни засолништа, наспроти потребата од засолнување на жртвите. Ваквата состојба не се супституира со сервисите кои традиционално ги обезбедуваат граѓанските организации“, објаснува Гелевска од ЕСЕ.
Од СОЖМ велат дека главна причина за намалување на бројот на засолништата е недостатокот на финансии, односно недоволната волја кај властите да одвојуваат повеќе пари за овие услуги. Токму поради тоа што нема стабилни финансии за одржување на шелтер центрите, некои од претходно постојните веќе се затворени.
„Донаторите знаат дека државата има преземено обврска за превенција и спречување од семејно насилство и многу е тешко за тоа да се добијат пари од нив. Дури и да се добијат, тоа се најчесто проекти кои имаат определено времетраење и не се одржлив извор на финансирање. Затоа е и неопходно државата да обезбеди средства за отворање и одржување на шелтер центрите“, објаснува Елена Димушевска, извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жената и семејно насилство, која обединува над 20 организации.
И од ЕСЕ потенцираат дека државата не обезбедува финансиска поддршка за граѓанските организации кои наместо неа вршат заштита и поддршка на жртвите. „Вкупниот износ на ваквата државна поддршка до 2013 година изнесувала приближно 1.200 долари годишно. Доволно зборуваат податоците дека единственото здружение на граѓани кое обезбедуваше засолнување на жртвите на семејно насилство во Скопје од 2001 година, веќе престана да функционира поради немање пари. Најстарата СОС линија за жени-жртви на семејно насилство при Организација на жени на град Скопје, која од 2004 година е Националната СОС линија, не добива никаква финансиска поддршка од државата“, истакнува Гелевска од ЕСЕ.
За разлика од невладините, надлежното министерство одрекува дека постои потреба од зголемување на бројот на регионалните центри. Оттаму сметаат дека според нивната анализа на состојбата, постојните капацитети ги задоволуваат потребите.
Од друга страна, пак, статистиката на Министерството за внатрешни работи бележи голем број на жени-жртви на семејно насилство. Од вкупниот број на извршени кривични дела при семејно насилство во текот на минатата 2014 година, во 83% од случаите жена е субјект на напад. „Извршени се 747 кривични дела над жената во својство на 443 сопруги, 87 мајки, 60 вонбрачни сопруги, 40 поранешни сопруги, 36 ќерки и останатите се подалечни членови на семејството“. Проблем е што и покрај санкционирањето на откриено или на пријавено семејно насилство, проблемот и понатаму е присутен и го обзема целото семејство. Состојбата стана уште поалармантна по трикратните убиства што се случија во ноември минатата година, во Кавадарци и во Злетово, а кои беа извршени од лица пријавувани за семејно насилство.
Жените-жртви оставени сами на себе
Во периодот кога жртвата го напушта домот, насилството расте и ризикот е поголем. Според невладините организации кои работат со жртви, институциите треба да ја заштитат жртвата во процесот на одредување на старателство врз децата и одредувањето на временските интервали за средби со децата. Оттука, помош е најпотребна кога жените решиле да ја напушат насилната средина.
„Тие во тој период се најизложени на континуирано насилство и никој не ги заштитува. Дури и се соочени со ’насилство’ во форма на осуда и стигматизација од институциите. Проблемот е што Центрите за социјални работи го сфаќаат како семејно насилство само физичкото насилство. Дури во последно време почнаа да го третираат и психичкото и економското насилство“, објаснува Фросина Ивановска од „Надеж“.
„Најосновен е пристапот. Мора да се промени пристапот кон жртвите, односно преку едно нивно обраќање да се алармираат сите институции. НВО гледаат на семејното насилство како дел од насилството врз жената, како родова дискриминација и имаат сосема поразличен пристап од оној во Центарот за социјални работи, затоа што тие тоа го третираат како нарушени семејни односи. Ние не бараме да докаже и да покаже дека е жртва, ние веруваме дека е жртва.“
Поради ограничените капацитети, невладините организации не можат да им помогнат на жртвите доколку Центарот за социјални грижи не донесе одлука за нивно долгорочно згрижување.
„Кога згрижуваме жена имаме обврска да го информираме Центарот за социјални работи, а жената ја придружуваме до Центарот доколку е донесена проценка за долгорочно згрижување. Ние го продолжуваме контактот со неа, во смисла на средување на документација, бесплатна правна помош за развод и слично, но згрижувањето е во нивни раце. Бидејќи нема НВО каде што можеме да ја упатиме, доколку Центарот направи проценка дека нема потреба од долгорочно згрижување, ние не можеме да ѝ најдеме опција“, вели Ивановска.
„Жените, откако ќе си заминат од центарот, немаат поддршка вистински да застанат на свои нозе. Останува на индивидуални напори и на нејзиниот круг на семејство, пријатели и роднини. Со заработувачка од 200 евра и со две малолетни деца, без поддршка од родителите, најчесто е невозможно да се егзистира – да може жената да работи и да ги издржува децата. Насилниците тешко плаќаат алиментација, затоа откако ќе се разделат, жените исто така поминуваат низ тежок период“, објаснува Ивановска.
Токму поради отсуство на соодветна стратегија на државата за интегрирање на жртвите во општеството, по излегувањето од засолништето тие повторно се во безизлез. „Како резултат на ова, очекувано, многу жртви по истекување на периодот за засолнување се наоѓаат во уште понеповолна состојба од онаа пред засолнувањето и може многу лесно единствениот излез да го најдат во повторно враќање во насилната средина“, вели Гелевска од ЕСЕ.
Годишната статистика на Кризниот центар „Надеж“ бележи илјада јавувања на СОС линиите и згрижувања на околу 40 жени на возраст од 29-40 години. Според Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ, сличен е бројот и на жени-жртви кои се сместуваат во регионалните засолништа, односно околу 50.
Повикувајќи се на минималните европски стандарди, невладините организации алармираат на потребата од итно oтворање на специјализирани шелтер центри за жени-жртви на насилство достапни во секој регион, со капацитет од едно место на секои 10.000 жители. Во случај, пак, шелтер центрите да се дел од општествена стратегија, за интервенција треба да постои место за едно семејство на 10.000 жени.
Имајќи ги предвид информациите од МТСП дека во земјата има четири регионални центри за лица – жртви на семејно насилство со капацитетот од 25 легла, тогаш државата е далеку зад ваквите европски стандарди.
Европската практика за помош за жртвите од семејно насилство вели дека во земја како Македонија со 2 милиони жители треба да има 200 шелтер центри. Во моментот државата располага со 12 пати помалку легла од потребните, според пропишаниот минимум европски стандард.
Децата немаат друг избор, освен да станат жртви или насилници
„Пред 30 години, сум трпела сè за децата да ми бидат самостојни. Со ќотек, трчање по социјални грижи, пријавување во полиција. Стотина пати го пријавував, по што ќе го притвореа, па пак ќе го вратеа”, сведочи една засолната жртва во истражувањето спроведено од ЕСЕ.
На засолнатите жртви им се нуди главно правна помош, односно информации за постапките за развод и доделување на децата, како и можноста за предлагање привремени мерки за заштита. Оваа помош била обезбедена од страна на вработените правници во центрите за социјална работа, од ангажираните адвокати во засолништата и од граѓанските организации кои обезбедуваат ваков вид помош. Од изјавите на жртвите при истражувањето на ЕСЕ може да се заклучи дека застапувањето, односно иницирањето на одредени судски постапки кои би значеле чекор кон надминување на состојбите биле малку искористени од засолнатите жртви.
„Кога ги освестивме жените, сега треба да бидеме спремни и да им помогнеме. Сервисите се најважни, можеме да работиме на превенција, но потребно е и со децата да се работи, затоа што за нив остануваат две опции: да пораснат во насилници или во жртви, затоа министерството треба да обезбеди финансии за да се отворат шелтер центри“, истакнува извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жената и семејно насилство, Димушевска.
По сместувањето во засолниште, децата одат на училиште во близина на центарот. Но, менувањето на средината и не е толку голем проблем, колку што е недостатокот на кадар за помош. „Сега се оди кон стандардизација на услугите кај невладините организации, да постојат критериуми за услугите кои ги даваме. Но, тоа не верувам дека ќе биде во некоја блиска иднина“, вели Фросина Ивановска од „Надеж“.
Додека траеше нашата посетата на Кризниот центар „Надеж“ дојде Ангела, девојчето чија мајка е жртва на насилство на нејзиниот љубоморен татко и која често бара помош од центарот. Таа ни раскажа за нејзиниот живот поминат во страв и постојан стрес. „Ќе седиме на улица, ќе чекаме тој да заспие и ќе се вратиме или ќе одиме кај комшиите да спиеме“, вели Ангела. (фото 8)
Излез: Промена во државната стратегија
Од НСРР – СОЖМ сметаат дека треба да се започне од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, во која се опфатени сите аспекти на заштита на жените од родово засновано насилство, вклучително и бројот и стандардите за шелтер центрите.
Според оваа Конвенција, потребно е минимум една бесплатна национална СОС линија која ќе ги покрива сите видови насилство врз жената, оперативна 24 часа 7 дена во неделата и која обезбедува кризна поддршка на сите јазици кои се употребуваат во заедницата, стандардизација на програмите за СОС операторите. Отворање кризни центри за помош на жртви на силување, минимум еден на 20.000 жени. Отворање центри за жртви на сексуално насилство, минимум еден на 40.000 жени. Отворање минимум еден советодавен центар на 50.000 жени (кој ќе обезбедува советување од секаков тип: кризна интервенција, психолошко советување, бесплатна правна помош и др.).
Од ЕСЕ сметаат дека државата, односно Министерството за труд и социјална политика е должно да обезбеди доволно финансиски средства за нормално и непречено функционирање на државните засолништа. „Доколку државата не може да го обезбеди овој вид заштита на жртвите на семејното насилство, велат од ЕСЕ, може финасиски да поддржи одредени граѓански организации да ја вршат таа заштита за неа. Овој концепт не е непознат во светот и кај нас.“
Граѓанскиот сектор со загриженост алармира дека државата не може да очекува оти донаторите кои во отсуство на државни засолништа ги поддржуваа граѓанските организации кои нудеа засолнување, ќе продолжат да ги поддржуваат во ист обем и на тој начин ја ослободат од одговорноста за лоцирање средства соодветно на потребите. Затоа државата треба соодветно финансиски да ги поддржи постојните кризни центри кои ургентно згрижуваат жртви на семејно насилство во Скопје, како и да поддржи отворање нови регионални кризни центри низ државата.