Истражувањa

Субвенции во земјоделството – реална помош или промашена политика?

Иако годишните суми за субвенции во земјоделството во последните седум години се зголемени за повеќе од 3 пати, се зголемил и увозот на храна

Светска банка предупредува дека ако субвенциите не успеваат да ја зголемат конкурентноста и да генерираат раст на производството, ќе имaе последици врз вкупната економија / Фото: Кампања за помош на земјоделците/принтскрин/YouTube

Светска банка предупредува дека ако субвенциите не успеваат да ја зголемат конкурентноста и да генерираат раст на производството, ќе имaе последици врз вкупната економија / Фото: Кампања за помош на земјоделците/принтскрин/YouTube

Субвенциите за земјоделството и руралниот развој од 2008 година наваму се зголемија за повеќе од три пати. Ако пред седум години за оваа намена имало по 45 милиони евра годишно, за годинава се планирани 150 милиони евра, по колку што е планирано да се издвојува за субвенции секоја година до 2020.

Предвидени субвенции во земјоделството (во милиони евра)

Извор: Нацрт-национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот од 2014-2020 година

Иако се очекуваше субвенциите да го намалат увозот на храна, сепак се случува спротивното. Увозот на земјоделско-прехранбени производи пораснал за 120,5 милиони евра од 2008 до 2013 година, а голем пораст има и вкупниот увоз на храна кој во 2006 година изнесувал 3 милијарди евра, а во 2013-та година речиси 5 милијарди евра.

Увоз на храна и живи животни (во милијарди евра)


Извор: Државен завод за статистика

Зошто субвенциите не го намалуваат увозот на земјоделско-прехранбени производи ?

Дел од земјоделците и агро-експертите сметаат дека субвенциите не ги дале очекуваните резултати поради нивна погрешна распределба, недоволна едукација на земјоделците и слаба реализација на планираните суми, но и партиска распределба на субвенциите.

„Поради карактерот на земјоделското производство, треба да помине одреден период од вложувањето до почетокот на повратот на инвестициите. Можеби тој период не е поминат. Можно е средствата наменети за субвенции да не се реинвестирани во земјоделството, туку во нешто друго што е поатрактивно. Крајно, постои голема веројатност дека има разлика помеѓу декларираните дадени субвенции и реализираните средства. Сигурно дека една третина од наведените суми по години не се доделуваат. Бидејќи намерата за зголемено производство не се реализира, најверојатно има големи промашувања во распределбата на средствата внатре по гранки и категории. Нема анализа за ефектот од даденото и добиеното. Постои и слаба едуцираност на земјоделците“, оценува д-р Јован Аждерски, професор на Катедрата за агроекономика при Факултетот за земјоделски науки и храна.

Експертите укажуваат и дека е особено важно дали земјоделецот ќе ги искористи парите од субвенциите за инвестиции или поради лошата финансиска моќ ќе ги потроши за домашни потреби.

„Кај долгогодишните насади би требало да поминат три до четири години за да почнат да даваат род, а кај сточарството тој период е пократок, од две до три години. Треба да се потенцира дека со оваа директна помош, сепак, располага земјоделецот и тој одлучува како ќе ги искористи парите, а за тоа досега никој не направил истражување и субвенциите често пати се сведуваат на купување социјален мир. Врската меѓу финансиската поддршка на земјоделството и обемот на земјоделското производство и извоз не се истражувани, меѓутоа не може да нема влијание врз зголемувањето на вкупното производство и на извозот. Сигурно е дека генералната рурална политика која се наметна со релативно високи финансиски средства за поддршка е исправна и добра, иако е тоа само еден сегмент од аграрната политика. До некаде може да се тврди за погрешни политики во распределбата на средствата за поддршка. Од една страна – структурата на средствата по години (кои се неконзистентни) а, од друга – производните резултати како што се обемот на производство и вредноста на земјоделските производи“, вели агроекономистот Борис Анакиев.

Податоците од Нацрт-стратегијата за земјоделство 2014-2020 година покажуваат дека иако расте извозот на земјоделско-прехранбени производи, паралелно, со позабрзано темпо расте и увозот. Поради тоа расте и дефицитот, односно разликата помеѓу поголемиот увоз и помалиот извоз на храна, кој од 2006 до 2013 година се зголемил двојно и сега изнесува повеќе од 150 милини евра годишно.

Увоз и извоз на земјоделско-прехранбени производи (во милиони евра)


Извор: Нацрт Национална стратегија за земјоделството и рурален развој 2014-2020 год.

Земјоделците сметаат дека субвенциите се добродојдени за развојот на земјоделството, но причината за лошите ефекти ја лоцираат во пласманот и во откупните цени.

„Според нашите анализи направени врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, некои од секторите како градинарството, производството на пченка, пченица, луцерка, ориз, мед и овоштарството (посебно јаболкопроизводството) имаат позитивен тренд. Позначајно е зголемувањето на производството на тутун за кое Владата одделува дури 20% од вкупните субвенции. Но, има и земјоделски потсекторски гранки каде што нема подобрување или има негативен тренд како што е кај сточниот фонд“, велат од Федерацијата на фармери на Македонија.

Зголемувањето на увозот, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објаснуваат со зголемените потреби на граѓаните, недоволното производство на дел од прехранбените производи, но и климатските услови во земјава кои не се погодни за производство на одредени производи.

„Значителен дел од земјоделските и прехранбените производи кои се увезуваат, не се произведуваат во земјава или не се произведуваат во доволни количини, претежно поради тоа што нивното производство не е доволно конкурентно. Зголемувањето на увозот на производите кои не се произведуваат во државата е резултат на зголемувањето на афинитетите и потребите на потрошувачите во државата за поголем број и поразлични производи кои имаат повисока цена на чинење. Дел од причините за увозот се и такви што на нив не е можно да се влијае, како што е, на пример, недостиг на преработувачки капацитети за шеќер кои се заинтересирани за откуп на шеќерна репка, што влијаеше врз пад на домашното производство и зголемување на увозот и покрај обезбедената субвенција која претходно ја немаше.

Климатско-почвените услови во Македонија во најголем дел не се најповолни за развој на житни и индустриски култури и нивното производство е за неколку пати помало во однос на земјите со конкурентно производство“, велат од ресорното министерство.

Дел од експертите, спротивно на ставот на министерството, велат дека и покрај повисоките суми за субвенции се намалува бројот на земјоделци кои се пријавуваат за финансиска поддршка.

„Ставот дека увозот се зголемува поради зголемените потреби на граѓаните потврдува дека министерот е само ,визитор‘ во земјоделството. Истото се однесува и за ставот дека се покажало оти климатските услови во земјата се непогодни за производство на одредени производи, кога поради климатските промени досега ниту сме изоставиле некој производ, ниту сме вовеле нов. Од друга страна, ако во 2011 година 96.000 земјоделци аплицирале за субвенции, во 2014 аплицирале 73.000, или 10% од вкупните планирани средства во буџетот не се исплаќаат поради намален број на апликации“, вели Трајан Димковски од невладината организација Рурална коалиција.

Колку од планираните субвенции се исплаќаат?

Доколку, пак, се анализираат завршните сметки на Буџетите на РМ во последниве четири години, ќе се види дека парите што се планирани за директна поддршка само во земјоделството без руралниот развој, не можат во целост да се искористат. Односно, не можат да се искористат повеќе од 70% од планираните средства со Буџетот.

Планирани и исплатени средства за земјоделство (во милиони евра)


Извор: Завршни сметки на буџетите на РМ, Службен весник на РМ бр.114, 137,157 и 107

Еве што покажуваат податоците од Нацрт-националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020 година, во однос на исплатените средства за земјоделството.

Планирани и исплатени средства за земјоделство (во милиони евра)


Извор: Нацрт-национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020 година

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството велат дека исплатата на финансиската поддршка се извршува во согласност со утврдените критериуми. Посочуваат дека субвенциите се исплаќаат во тековната година кога е поднесено барањето и во следната година, односно субвенциите се исплаќаат во две буџетски години, а дека завршната сметка на буџетот е за една календарска година. Еве како се движеле исплатите на субвенции, според податоците на Агенцијата.

Исплатени средства за земјоделство (во милиони евра) по години

Извор: Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

За експертите е нелогично ваквото објаснување на Агенцијата за реализацијата на исплатата.

„Ако средствата што останале неисплатени во една година се исплатиле во наредната и ако за четири години последователно има сѐ помалку исплатени средства, се очекува тие пари да се акумулирале за 4 години и оттука треба да се направи посолидна стратегија за поддршка на земјоделството. Точно дека се исплаќаат за две години, ама тоа покажува дека се исплатувала помала сума од планираната во таа година“, вели агроекономистот Анакиев.

Дали субвенциите завршуваат кај вистинските земјоделци?

Предност се дава на подобните или партиски активните земјоделци, вели Трајан Димковски од Руралната коалиција / Фото: С. Јанковска

Предност се дава на подобните или партиски активните земјоделци, вели Трајан Димковски од Руралната коалиција / Фото: С. Јанковска

Дел од земјоделците укажуваат дека досега субвенциите не се делат плански, а дополнителен проблем е партиската распределба.

„Тешко можеме да докажеме, но и во земјоделството побрзо ќе земеш субвенции, ако си близок до власта. Сумите за субвенции се големи, но тие повеќе се за купување на социјален мир, отколку за развивање на земјоделството. Пред секои избори Владата забрзано ги исплаќа субвенциите. Не велам дека не е добро да ги земаме навреме субвенциите, ама тоа нека се случува и кога нема избори. Многу е мал бројот на вистинските земјоделци кои ги користат субвенциите со нивна правилна намена “, вели Ристо Велков, претседател на регионалниот Сојуз на земјоделци.

„Дека постои партиска распределба на субвенциите се гледа од начинот на нивната исплата. Предност се дава на подобните или партиски активните земјоделци, а тоа може да се увиди кога при исплата на една иста подмерка, во еден ист ден, не им се исплаќа на сите земјоделци кои аплицирале, туку се прави поделба – на едни да им се исплатат порано, а на други многу подоцна или пак, да им се најде некаква грешка или проблем, па воопшто да не ги добијат субвенциите“, вели Трајан Димковски од Руралната коалиција.

На партиска распределба се жали и земјоделецот Саша Арсиќ. Тој од 2007 година води судски спор со државата, бидејќи имал договор за користење на земјоделско земјиште, но со промената на власта, договорот од, како што вели, необјасниви причини изгубил важност и новиот министер не му го признавал договорот кој, пак, е важен за добивање субвенции. Откако договорот не му го признале и покрај валидните документи, за земјиштето не зел субвенции. Сега чува крави, но сѐ уште има проблеми со исплатата на субвенциите и со добивање друго земјиште.

„И повторно некои чудни објаснувања. Од подрачната единица на министерството во Куманово заборавиле да го пратат во Скопје решението за моите субвенции кое потоа го најдоа во фиока. Кога беа последните локални избори, ми рекоа дека на апликацијата за субвенции немам печат од фирмата, а кога испратија копија од документите, на двете страни стоеше печат од мојата фирма. Реагирав до министерот и ја поправија работата. За 2014 година, добивме по 2.400 денари за грло добиток, наместо по 2.800 денари како што стои во програмата. Не сум член во ниту една партија, но од она што го гледам на терен, доделувањето и исплаќањето одат по партиска линија“, вели земјоделецот Арсиќ.

Како субвенциите да ги дадат очекуваните ефекти?

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат намалено производство и приноси кај некои земјоделски производи, и покрај субвенциите. Кај дел од тие земјоделски производи е зголемен увозот, а кај дел тој е во стагнација или минимално се намалил. Во 2013-та година според статистичките податоци, Македонија потрошила над 73 милиони евра за увоз на жита и преработки од жита, близу 45 милиони евра за увоз на млеко, млечни производи и јајца, речиси 123 милиони евра за увоз на месо и преработки од месо и над 63 милиони евра за увоз на зеленчук и овошје.

Агроекономистите сметаат дека субвенциите ќе дадат резултат ако се распределуваат наменски, паралелно со развојот на преработувачката индустрија.

„Субвенциите ќе дадат ефект ако има строга контрола дали одат кај вистински земјоделски производители, ако паралелно со примарното земјоделство се развива и преработувачката индустрија, ако се поттикнува употребата на современа механизација, ако се произведува она што го бара пазарот, ако постојат способни стручни советодавни услуги и служби, ако платата на луѓето во тие советодавни служби зависи од тоа колку придонесле за земјоделството и многу други фактори“, вели универзитетскиот професор Аждерски.

Во еден од последните извештаи на Светска банка посветен на македонското земјоделство, позитивно е оценета динамиката на зголемување на субвенциите, но се нотира дека постои несигурност во однос на времето на исплата на директните плаќања, што влијае врз намалување на ефектите што треба да произлезат од нив. Светска банка наведува дека проблем е што најголем дел од субвенциите одат во секторите со низок потенцијал за извоз, потенцирајќи дека иако извозот на зеленчук и овошје, на пример, во 2011 година во вкупниот извоз учествувале со 30 отсто, од колачот за субвенции овој сектор добил само 11 отсто.

Дополнително банката посочува дека придонесот на Програмите за поддршка на земјоделството за постигнување на владините стратешки цели, е слаб. Аналитичарите од Светска банка укажуваат дека доколку програмите за поддршка на земјоделството во Македонија не успеваат да ја зголемат конкурентноста и да генерираат раст на производството, последиците нема да се одразат само врз земјоделството, туку и врз вкупната економија.