Регион

Затворени случаи

Смртта на лицата осомничени за воени злосторства, ја оневозможува правдата

Следниот месец треба да продолжи судењето на група српски борци, обвинети дека за време на војната во БиХ, во 1993 година, киднапирале и убиле луѓе, кои претходно ги симнале од воз. Но, на обвинителната клупа ќе има уште еден обвинет помалку.

Имено, еден од обвинетите, Љубиша Васиљевиќ, почина на почетокот на јули. Тој е последниот од неколкуте десетици обвинети за воени злосторства во поранешна Југославија, кои починаа пред да им биде изречена пресудата, што го отежнува остварувањето на правдата за жртвите на злосторствата, извршени за време на војните во 90 –тите години.

Според обвинението кое беше поднесено во Србија, Васиљевиќ бил еден од групата борци, кои на 27 февруари 1993 година, дошле на малата железничка станица во Штрпци, во близина на границата на БиХ со Србија, и му наредиле на шефот на станицата да го запре возот кој сообраќал од Белград до Бар.

Дел од нив влегле во вагоните, почнале да ги проверуваат идентификациските документи на патниците, а потоа од возот симнале 20 патници. Сите биле од несрпска националност-18 Бошњаци, еден Хрват и едно лице чиј идентитет и денес не е познат.

Симнатите патници со камион биле префрлени во училиштето во блиското село Прелово. Таму биле претепани, им било наредено да се соблечат и им биле одземени парите и скапоценостите.

Облечени само во долна облека, со рацете врзани зад грб, жртвите биле одвезени во изгорена куќа во селото Мусиќи, каде во групи од по двајца или тројца, биле погубени.

Васиљевиќ е вториот обвинет на кого му се судеше за злосторството во Штрпци, кој почина оваа година. Судскиот процес против поранешниот припадник на војската на босанските Срби, Вук Ратковиќ, на кого паралелно му се судеше во Сараево, беше прекинат во април, бидејќи тој почина.

Обвинението во БиХ беше поднесено во 2015 година. Истата година започна и судењето, додека во Србија, обвинението беше поднесено во 2018, а судењето започна во 2019 година.

И двата случаи напредуваа бавно до 2020 година, кога пандемијата на корона вирусот ги забави уште повеќе. Кога Ратковиќ и Васиљевиќ починаа, изрекувањето на нивните пресуди не беше ниту на повидок.

Ратковиќ е 26 -тиот обвинет за воени злосторства, кој почина за време на своето судење во БиХ, во изминатите шест години. Вкупниот број на обвинети за воени злосторства во БиХ, Србија и во Хрватска, кои починаа пред да се спроведе правдата, е над 35.

Повеќе од три децении по почетокот на војните во поранешна Југославија, ови три земји велат дека и натаму се посветени на настојувањето за започнување на нови истраги за воените злосторства и поднесување на нови обвиненија.

Но, како што минуваат годините, сведоците и осомничените стареат, се разболуваат и умираат, а поради бавното темпо на судските процеси, сѐ повеќе се поставува прашањето-дали некогаш, во случаите отворени долги години по извршувањето на злосторствата, конечните пресуди ќе бидат изречени.

Вехид Шехиќ, поранешен судија од БиХ и прв човек на невладината организација, Форум на граѓаните на Тузла, која промовира демократски, мултиетнички вредности, се согласува дека протокот на времето е голем проблем, но посочува дека и правосудните органи и политичките елити во сите поранешни југословенски земјите, носат голем дел од вината за несоодветната поддршка на гонењата на воените злосторства.

„За жал, живееме во земји каде државите штитат луѓе осомничени за извршување на воени злосторства, и кога државата се однесува така, тогаш имате ситуација во која има бавни постапки, постапки што веројатно никогаш нема да бидат завршени“, вели Шехиќ за БИРН.

„Многу луѓе умираат; не само оние што се осомничени, туку и многу сведоци кои би можеле да бидат од корист во овие постапки умираат, така што многу воени злосторства нема да завршат со конечна пресуда“, додава тој.

БиХ: Осомничени лица починаа пред да започне нивното судења

Обвинетиот за воени злосторства, Вук Ратковиќ, кој почина на почетокот на оваа година. Фото: БИРН.

Покрај Ратковиќ, уште пет лица кои беа обвинети за воени злосторства во БиХ, починаа од почетокот на 2020 година.

Еден од нив е Маринко Праштало, поранешен припадник на војската на босанските Срби, кој беше обвинет за учество во заеднички злосторнички потфат против бошњачкото и хрватското население во Приедор, во јули 1992 година.

Според обвинението, Праштало учествувал во заробување на 110 бошњачки цивили во селото Мишка Глава, во близина на градот Приедор, од кои околу 80 биле стрелани. Обвинението беше потврдено во 2017 година, но случајот беше затворен во октомври 2020, поради смртта на Праштало.

Припадникот на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Маринко Шуњиќ, беше обвинет за незаконско затворање на луѓе во логори во Мостар и за прогон и тешко малтретирање на Бошњаци во Мостар, во 1992 и 1993 година. Тој се товареше и оти, заедно со неколку други мажи, силувал затвореничка. Обвинението против Шуњиќ беше потврдено во 2018 година, а случајот против него заврши во мај 2020, бидејќи тој почина.

Уште двајца осомничени починаа пред да започне нивното судење пред Судот на БиХ.

Мехмед Садиковиќ, кој бил одговорен за објектот за притвор воспоставен во просториите на фудбалскиот стадион на ФК Искра во Бугојно, беше обвинет дека дозволил затворање на припадници на ХВО во нехумани услови, нивно водење на принудна работа на линиите на фронтот и во мински полиња, во периодот од јули до септември 1993 година.

Обвинението беше потврдено во 2015, но судењето не започна поради лошата здравствена состојба на Садиковиќ, а случајот во мај 2020 година, откако тој почина, беше отфрлен.

Случајот против Милорад Круниќ, поранешен полицаец-резервист, кој беше обвинет за воени злосторства извршени во Сански Мост во 1992 година, исто така, никогаш не доби судска завршница, бидејќи тој живееше во Србија, каде почина во јануари 2021 година.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ, на почетокот на овој месец соопшти дека во 2020 година, има значителен пад на бројот на завршени случаи на воени злосторства, како и дека опаднал бројот на нови обвиненија.

ОБСЕ наведе дека на крајот на 2020 година, босанското правосудство има заостаток од 571 нерешени случаи на воени злосторства, кои опфаќаат 4.498 осомничени лица.

Истражителите ги попречува и тоа што поминало доста време од извршувањето на злосторствата во 90 -тите, бидејќи ова го отежнува пронаоѓањето на материјални докази, посочува Шехиќ.

Ако таквите докази веќе не се собрани од обвинителите, градењето на успешен случај и добивањето на осудителна пресуда, ќе биде многу потешко, нагласува тој и додава: „Таму каде што немаш речиси ништо, каде имаш само сведоци, многу е тешко да се донесе пресуда што мора да се базира на неоспорно утврдени факти“.

Србија: Малку обвиненија, уште помалку осудителни пресуди

Селото Ловас во Хрватска, каде што за време на војната, од страна на српските сили, беа извршени злосторства. Фото: Викимедија комонс/Панорамио/Словас.

Во ноември 2020 година, Апелацискиот суд во Белград донесе конечна пресуда со која за убиство на хрватски цивили во хрватското село Ловас во октомври 1991 година, околу 29 години по злосторството, беа осудени српски полицајци, војници и паравојници.

Пресудата го означи крајот на постапката која 13 години се одолговлекуваше во Србија.

Во овие 13 години се случија многу промени во овој случај, а меѓу најзначајните беше намалување на бројот на обвинети и, како последица на тоа, намалување на бројот на жртви споменати во обвиненијата. А во жалбена постапка на осудените им беа намалени и затворските казни.

Обвинетите во случајот Ловас се товареа за повеќе злосторства во селото извршени во првата половина на октомври 1991 година, што кулминирало на 18 октомври кога српските сили ги користиле цивилите како жив штит во блиското минско поле. При тоа 19 Хрвати загинале, а 12 биле тешко ранети.

Кога обвинението во овој предмет беше изменето, а откако дел од обвинетите починаа, некои од нивните злосторства беа исфрлени од преработеното обвинение, со што се намали вкупниот број на жртви наведени во овој случај.

Првично, во 2007 година, во случајот Ловас беа обвинети вкупно 14 лица, конечна пресуда беше донесена само за осум од нив, а на крајот само шестмина беа осудени.

„Во (случајот) Ловас, од 14 -те првично обвинети, пет обвинети починаа во текот на постапката, а еден стана неспособен за судење, така што бројот на жртвите во обвинението всушност стана повеќе од преполовен“, истакнува за БИРН, Марина Кљајиќ, адвокатка од Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, кој ги претставуваше жртвите во овој случај.

Вклучувајќи го и Љубиша Васиљевиќ, кој почина минатиот месец, петмина обвинети за воени злосторства починаа за време на судските постапки во Србија во последните пет години, велат податоците на ФХП. Кљајиќ додава дека уште седуммина обвинети станале неспособни да им се суди.

Покрај тоа што ѝ беше забележано поради бавното темпо на процесирањата, Србија честопати беше критикувана и затоа што пред лицето на правдата не изведе високи воени и полициски функционери, кои беа вклучени во извршувањето на злосторствата во војните во Хрватска, БиХ и Косово.

Хрватска: Осомничените недостапни и преку граница

Куќа во Шпановица на која е напишано – „врисок“. Фотографија на Јадран Бобан

И во Хрватска се јавуваат истите проблеми како во Босна и Херцеговина и Србија, кога станува збор за изведување пред лицето на правдата на осомничените за злосторства сторени во војната 1991-1995, што се водеше во оваа земја. Дополнителен проблем е што некои од осомничените одамна ја имаат напуштено земјата и немаат намера да се вратат.

Во август оваа година, Перо Винцетиќ, поранешен припадник на ХВО-силите на босанските Хрвати, почина набргу откако беше обвинет за воени злосторства.

Винчетиќ, кој имаше и хрватско и босанско државјанство, беше уапсен во јули во источна Хрватска, а полицијата соопшти дека тој е осомничен за злоставување на двајца цивили во североисточниот босански град Орашје, на почетокот на војната во БиХ, 1992-1995.

Тој претходно во БиХ беше обвинет за силување, сексуална злоупотреба и други воени злосторства извршени врз Србите во регионот на Орашје во 1992 и 1993 година.

Судењата за воени злосторства понекогаш се одложуваат, а во некои случаи нивното одржување е дури и невозможно, бидејќи осомничениот е во друга земја и не може да биде екстрадиран.

Во 2010 година, Окружното бвинителство на Осиек, го обвини Енес Тасо, командант на моторизираната бригада на Југословенската народна армија, дека не спречил мачење, убивање и незаконско затворање на цивили во селото Даљ, за време на војната.

Тасо живееше во Србија и иако доказите му беа доставени на Обвинителството за воени злосторства во Белград, тоа одби да покрене кривична постапка. Во меѓувреме Тасо почина без да му се суди, а случајот беше затворен во 2019 година, соопшти хрватското обвинителство.

Уште еден осомничен, Драган Ковачиќ, припадник на вооружените сили на самопрогласената бунтовничка држава во Хрватска, Република Српска Краина, кој беше обвинет за гранатирање на цивилни згради во Карловац во 1993 година, исто така, го избегна судењето. Имено, тој почина во 2016 година.

Не се знае точниот број на осомничени и обвинети за воени злосторства во Хрватска, кои починале пред да им биде изречена конечната пресуда.

Според годишните извештаи на Државното обвинителство на Хрватска, во 2019 и 2020 година, биле отфрлени обвиненијата против 16 лица „поради смрт на осомничениот, или поради немање на разумно сомневање“.

Прашањето за стареење на обвинетите претставува вистински проблем за обвинителите на Балканот, се согласуваат експертите, иако според меѓународното право, геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства, не застаруваат. Во светот, седум децении по Втората светска војна, сѐ уште има случаи на судења на постари лица, осомничени дека сториле злосторства.

Кљајиќ нагласува дека иако поминало доста време од војните во 90 –тите во поранешна Југославија, сѐ уште може да се истражат нови случаи и истите да се изведат пред суд.

„Се разбира, можно е и во иднина да се спроведат истраги, бидејќи и покрај фактот дека сведоците умираат или стануваат неспособни да сведочат, исказите што честопати претходно тие им ги давале на релевантните органи, може да се искористат, постојат и докази кои веќе се собрани, а има и сведоци кои можат да сведочат на суд“, објаснува таа.

„Потешко е отколку што би било пред 20 или 25 години, но во секој случај, постапките може да се спроведат успешно“, заклучува Кљајиќ.