Актуелно

Земјотресот низ архивите – „Скопје: Јавете се, дали сте живи?“

Урнатини, трагедии и солидарност

По улицата ‘Ленински комсомол’ трчаше вџашено десетгодишно девојче. Ги прескокнуваше урнатините и викаше:

–  Другари, војници, тука има затрупано семејство! Помагајте.“

Ова е дел од вест објавена во „Нова Македонија“. Целиот весник ден по земјотресот е посветен на информациите за катастрофата што го снајде Скопје пред 60 години кога илјадници ги изгубија своите домови, а над 1 000 и своите животи.

Оваа вест не само што се наоѓа на насловните страни на македонските и југословенските весници, туку веднаш излегува од државните граници на некогашна Југославија, потресувајќи го светот.

„Повеќе од 100.000 луѓе останаа без покрив над главата, бидејќи три четвртини од зградите во градот беа оштетени или уништени“, известуваат странските медиуми ден по земјотресот.

Тој јули 1963, скопската трагедија беше една од најважните вести на бројни големи странски медиуми.

„Илјадници загинати во југословенски земјотрес“, известуваат од „Би-Би-Си“.

„САД бараат да се утврди како може да му помогне на Скопје“, пишува „Њујорк Тајмс“.

Трагедијата беше толку голема што дури и локални американски весници го ставија земјотресот во малата балканска држава на своите насловни страници.

„Билансот на загинатите би можел да биде поголем од илјада“ е насловот на локалниот „Парк Сити Дејли Њуз“ во Јута.

Нова Македонија на четири страници и во мал формат

Овие изданија не само што се физички помали, туку се и пократки, сочинувајќи само четири страници. | Фото: БИРН.

„Нова Македонија“ влегува во печат ден претходно, па насловите со кои излегува на 26 јули се на пример „Усвоени повеќе разни прописи од областа на стопанство“ и „Пробив во студената војна“.

А веќе од наредниот ден – земјотресот е прва и единствена тема на весникот што мораше да се печати во Приштина и за првпат да отстапи од традиционално големиот формат.

БИРН ги разгледа малите изданија на „Нова Македонија“, првиот весник на македонски јазик, во архивите на градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Овие изданија не само што се физички помали, туку се и пократки, сочинувајќи само четири страници.

„Безброј семејни трагедии“, „До 12 часот 300 мртви“ и „Една милијарда како прва помош“ се дел од насловите на изданието од 27 јули. Овие наслови се придружени со фотографии од разрушеното Скопје и жители кои копаат низ урнатините, барајќи ги своите сакани.

На 28 јули, во Скопје веќе дошол и југословенскиот претседател Јосип Броз-Тито – вест која се наоѓа на насловната страна на „Нова Македонија“.

„Тито во постраданото Скопје: Ќе сториме се народот од Скопје да живее среќно“, пишува на првата страна од весникот.

Посетата на Тито ја бележат и странските медиуми. Повикувајќи се на локален новинар велат дека додека Тито бил во Скопје имало афтершокови, ама „стариот војник не ни трепна“, пренесува „Десерет Њуз“ од Салт Лејк Сити во САД.

„Во тек е најголемиот попис на смртта“

Два дена по земјотресот има 123 идентификувани мртви. | Фото: БИРН.

Неизвесноста која ја донела трагедијата траела со недели. По потресот многумина не знаеле дали им се живи роднините и блиските па и во август во југословенскиот весник „Борба“ има рубрика „Скопје: Јавете се, дали сте живи?“

Во белградската редакција на весникот доаѓале граѓани кои не ја знаеле судбината на нивните блиски во Скопје, па „Борба“ ги објавувала имиња,  презимињата и живеалиштата со барање да им им се јават на нивните роднини.

Во „Нова Македонија“ има и списоци на идентификуваните жртви, правејќи го весникот важна алатка во информирањето на луѓето и справувањето со кризата.

Два дена по земјотресот има 123 идентификувани мртви. Како што тече спасувачката акција така се зголемува и трагичниот биланс, па на 31 јули идентификувани се 320.

Починатите и повредените медиумите не ги претставуваат само како статистика, туку пренесувајќи од акцијата на терен ги доловуваат и нивните лични трагедии.

Меѓу војниците Миленко Херцег, Јовица Кремер, Алија Муслија и Асим Смаилагик, во расчистувањето неуморно помагаше едно дваесетгодишно момче. Работеше со солзи во очите. Ја откопуваше за последен пат да ја види својата сестра“.

Со руините на главниот град во позадина, читателите добиваат живописни впечатоци за бруталните последици кои ги трпат обичните луѓе по земјотресот.

Засилените емоции на граѓаните опишани во текстовите не само што го одржуваат вниманието на читателите, туку предизвикуваат и емпатија. Таква е приказната на жена која практично се крши од болка пред урнатините.

Не сакаше да погледа. Со сила [војниците] ѝ ги отргнаа рацете од очите. (…) еден миг и жената врисна…

Не е тоа мажот ми…

„Скопје – Симбол на меѓународната солидарност“

„Ново Скопје ќе биде дело на збратимените југословенски народи“, гласи еден наслов. | Фото: БИРН.

Покрај за трагедиите на скопскиот терен медиумите известуваат и за начинот на кој се пренесувало во странство за земјотресот.

БРИТАНИЈА – Сите лондонски весници на првите страници објавија вести и поединости за елементарната катастрофа, како и за интерните мерки, преземени за спасување на постраданите. Многу британски установи и редакции се обраќаат до нашите дипломатски и други претставништва со прашање која форма на помош би била најпотребна, изразувајќи ја, во исто време, својата готовост да им укажат помош на постраданите.“

Меѓу вестите со кои се бројат жртвите и штетите, се наоѓаат и текстови кои ја нагласуваат надежта.

„Ново Скопје ќе биде дело на збратимените југословенски народи“, гласи еден наслов.

Паралелно со бројот на загинати, медиумите ја бележат и помошта што стигнува од меѓународната заедница. Само ден по катастрофата, шведскиот Црвен крст испратил две пратки со крвна плазма и санитарни материјали. Грција исто така била помеѓу првите држави што испратиле помош преку нивниот Црвен крст, но и преку праќање на воени лекари.

Трагедијата во Скопје ги обединува земјите од Источниот и Западниот блок.

Претседателот Џон Кенеди веднаш им наредил на американските војници стационирани во Западна Германија да тргнат кон Македонија, а советскиот лидер Никита Хрушчов испратил специјална воено-инженериска единица во Скопје.

„Овде во разурнатото Скопје вчера се најдоа на иста работна задача советски и американски воени единици. Тоа е нивно прво среќавање по историската средба на реката Елба кон крајот на Втората светска војна“, јавува Радио Скопје од импровизираното студио по земјотресот.