Последниот број на хрватскиот политички неделник „Глобус“ излезе вчера, а издавачот „Ханза медиjа“ како причини за згаснувањето ги наведе пазарните и деловните околности.
„Глобус“, кој беше ценет во 1990-тите и 2000-тите години по својата независна уредувачка политика, се чини дека стана уште една жртва на падот на приходите од реклами и колапсот на продажбата на печатени медиуми што го погодува целиот сектор. Преминот кон онлајн-платформа не успеа да го спаси медиумот.

Препознатливата насловна страница на неделникот
Неделникот беше основан во 1990 година од група новинари, кои претходно работеа во култниот весник „Вјесник“, како информативен неделник моделиран според британскиот левоориентиран неделник „Обсервер“. До летото 1991 година, „Глобус“ достигна тираж од 100.000 примероци, а за божиќното издание во таа воена година во Хрватска беа испечатени дури 200.000 примероци.
Во повеќе од четврт век постоење, „Глобус“ се фокусираше на контроверзни теми и истражувачко новинарство, поради што беше мета на критики и тужби.
„Кон крајот на 1990-тите, последните години од владеењето на [првиот хрватски претседател] Фрањо Туѓман беа особено тешки за релативно независните медиуми поради честите тужби како форма на притисок, закани добивани по пошта и телефон, како и следење од тајните служби“, се потсетува новинарката Славица Лукиќ, која се приклучи на „Глобус“ во март 1998 година.
Таа вели дека во тие години „Глобус“ отворал сериозни теми, како истрагите на Хашкиот трибунал за воени злосторства против српското население во Хрватска, начинот на кој хрватските тајни служби ги криеле осомничените за воени злосторства од Босна и Херцеговина, како и бројни случаи на злоупотреби при приватизацијата за време на транзицијата кон капиталистичка економија.
„Колешката Ѓурдица Кланцир и јас работевме на серија текстови за најголемите приватизациски скандали кога во портирницата на зградата на ‘Вјесник’, каде што ни беа канцелариите, пристигнаа два пакета. Во нејзиниот имаше мртва мачка, а во мојот – пајаци и други застрашувачки работи. Очигледно беше наменето како ‘честитка’ за таа серија написи“, раскажува Лукиќ.
Сепак, таа признава дека „Глобус“ имал и сериозни професионални пропусти и пред нејзиното доаѓање, меѓу кои и озлогласениот текст со наслов „Вештерките од Рио“, во кој беа нападнати хрватски антивоени интелектуалки.
„Ако воопшто може нешто да се каже во негова одбрана, а навистина е тешко да се брани таква професионална срамота, тоа е дека издавачот подоцна исплати значителна отштета на жените кои беа именувани“, вели Лукиќ.
Таа заклучува дека „Глобус“ одамна не е тоа што беше, и дека економската криза, ограничувањата и проблемите со кадровската политика го забрзале остриот пад на некогаш влијателниот медиум.

