Управител на фирмата „Архитектоника“ којашто стои зад идејното решение на новата зграда на општина Гази Баба е Жарко Чаушевски, авторот на неколку решенија во „барокен“ стил во центарот на Скопје. Оваа фирма последниве две години има склучено договори со државни и јавни институции за проекти во вредност од над 684 илјади евра.
Жарко Чаушевски, архитектот кој се јавува како автор на голем број идејни решенија од проектот „Скопје 2014“, стои и зад новата административна зграда што ќе се гради во Гази Баба.
Од општината вчера соопштија дека новиот дом на администрацијата ќе се гради на местото на ресторанот „Галеб“, а изградбата ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Инвеститорот ќе ја гради без надомест, бидејќи локацијата каде што се наоѓа ресторанот била во сопственост на општината. Сè уште не е познато колку пари ќе чини изградбата на новата барокна општинска зграда.
„Автор на идејното решение за новата општинска зграда во неокласичен стил е фирмата ‘Архитектоника’ ДООЕЛ Скопје“, соопштија од општината.
Документите од Централниот регистар покажуваат дека управител на „Архитектоника“ е Жарко Чаушевски, архитектот кој е автор на неколку решенија во ист стил , кој популарно во јавноста се нарекува „барокен“ . Објектите што ги потишува Чаушевски се во центарот на Скопје и му даваат белег на градот.
Сопственик на „Архитектоника“ ДООЕЛ, фирма основана во 2001 година, е Никола Чаушевски, а овластени лица се Никола и Жарко Чаушевски. Според податоците од Централниот регистар, Никола и Жарко Чаушевски се сопственици и на „Архитектоника инжeнеринг“ ДОО, фирма основана во 2004 година.
Жарко Чаушевски заедно со Филип Богатинов веќе го добија идејното решение на „преслекување“ на Градскиот трговски центар во „барокно“ руво. Чаушевски освои две втори награди (прва награда не беше доделена) во износ од 600.000 денари за своите идејни решенија за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, кои исто така ќе добијат „барокен“ изглед. Токму на Чаушевски беше и идејата за новата фасада на Владата.
Доколку се погледнат податоците од Бирото за јавни набавки, може да се види дека фирмата каде што директорува архитектот Чаушевски има склучено голем број договори со Владата и со град Скопје. Вкупната вредност на овие договори, според пресметките што ги направивме, изнесуваат над 42 милиони денари или 684 илјади евра од 2013 година па наваму. За претходниот период на Бирото за јавни набавки не можат да се најдат податоци.
Последниот договор „Архитектоника“ ДООЕЛ го има склучено месецов со акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката за „изработка на проектна документација за централното градско подрачје на Град Скопје – Мал ринг“.
Чаушевски не е автор само на новата фасада на Владата туку, како што се гледа од договорите со Службата за општи и заеднички работи на Владата, неговата фирма е ангажирана и за ентериерното уредување на објектот, за архитектонски услуги и инженерски услуги за уредување на земјиштето.
Покрај ова „Архитектоника“ ДООЕЛ има склучено и повеќе договори со град Скопје за реконструкција на фасади.
Во 2013 година Асоцијацијата на архитекти на Македонија поднесе иницијатива со барање да му се одземе лиценцата за работа како архитект на Жарко Чаушевски. Барањето било прецизирано на Годишното собрание, по предлог на Управниот одбор на асоцијацијата.
Во образложението на претставката било наведено дека на Чаушевски треба да му се одземе лиценцата поради неетичко и непрофесионално однесување кога прифатил да направи идејно решение за ГТЦ во неокласицистички, односно „барокен“ стил.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, како што велат извори од Асоцијацијата за БИРН, досега се нема произјаснето по барањето. Ова произлегува и од фактот што Чаушевски продолжува да се јавува на конкурси и ги добива, како што е тоа случај со последниот за идејното решение за изгледнот на општина Гази Баба.