Интервјуа

Жбогар: Македонија е пример за регионот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

 „Не може да постои никаков план Б. Може да има само план за успех“ | Фото: Роберт Атанасовски

Последниве години ЕУ се соочува со низа предизвици, почнувајќи од грчката финансиска криза, Брегзит, мигрантската криза, па сѐ до заедничките напори на Унгарија и на Полска кои ги загрозуваат основните демократски вредности.

Подемот на популизмот, ксенофобијата, говорот на омраза, епидемијата од лажни вести, засилените обиди да се замолчат независните медиуми и да се воспостави контрола врз судството и државните институции ги поткопаа темелите на Европа и ја доведуваат во неизвесност иднината на ЕУ.

„Предизвици постојат, но вредностите остануваат исти“, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

„Навистина имавме многу предизвици во минатото, вклучувајќи го подемот на национализам во некои земји членки, некои отклонувања од европските вредности од страна на самите земји членки, па тоа не наведе на заклучокот дека треба да застанеме и да се преиспитаме“ вели Жбогар.

Тој додава дека ЕУ треба да се консолидира за да може и понатаму да биде најуспешното средство за обезбедување мир, безбедност и просперитет во Европа, како што беше изминатите шест децени.

„Минатата година Комисијата излезе со извештај за иднината на Европа кој содржи пет сценарија за тоа како Европската унија би требало да изгледа во иднина: дали треба да остане иста, дали да биде повеќе или помалку интегрирана, дали треба да им дозволи на групата земји кои сакаат да продолжат понатаму, да го сторат тоа. Тоа е фазата во која сега се наоѓаме.“

Во Полска, владините напори да ја суспендира независноста на судството отидоа толку далеку што ЕУ реши да посегне по членот седум кој е попознат како „нуклеарна опција“ поради тоа што може да го суспендира гласачкото право на Варшава во ЕУ и да го прекине дотокот на европски фондови.

„Македонија е позитивен пример во регионот, каде што луѓето се справија со заробената држава“ | Фото: Роберт Атанасовски

Но за ваков радикален чекор, на Унијата ѝ треба гласот на сите земји членки, а Унгарија веќе стави на знаење дека ја поддржува Полска.    

Во исто време, по големата изборна победа во Унгарија која му обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, Виктор Орбан го започнува својот нов мандат со ветување дека ќе донесе сет од таканаречени анти-Сорос закони. Орбан во својата кампања го обвини унгарскиот филантроп Џорџ Сорос за политичко мешање и за финансирање на миграцијата.

Во обид да го прекине ваквото однесување кое е закана за основните вредности на Европската унија, и да им покаже на останатите членки дека тоа нема да остане неказнето, минатата недела Комисијата предложи посебна мерка со која би се блокирале европските фондови за земјите кои имаат проблеми со владеење на правото или проблеми со управување со финансиите. Оваа мерка ќе бара поддршка од квалификувано мнозинство.

ЕУ не е само единствен пазар. Таа е и Унија на одредени вредности кон кои земјите членки се посветени и затоа од новите земји кандидати кои сакаат да се приклучат, бараме и тие да се обврзат на овие вредности. Не се работи за штиклирање на исполнети задачи и носење закони туку за усвојување, споделување и промовирање на европските вредности

„Изминативе години видовме дека некои земји членки имаат тенденција на отстапување од вредностите на кои се обврзале кога преговарале за членство, така што се разбира дека сега ЕУ бара начини како да се осигура дека тоа нема да се случи повторно“, вели Жбогар.

Тој додава дека ЕУ мора да најде начин да го прилагоди своето функционирање за да не биде блокирана од земји кои не сакаат ЕУ да се придвижи напред.

„Така доаѓаме до идејата некои земји да продолжат со подлабока интеграција, дури и ако други земји не се согласуваат, слично како што ЕУ направи со еврото или со Шенген зоната“.

„ЕУ не е само единствен пазар. Таа е и Унија на одредени вредности кон кои земјите членки се посветени и затоа од новите земји кандидати кои сакаат да се приклучат, бараме и тие да се обврзат на овие вредности. Не се работи за штиклирање на исполнети задачи и носење закони туку за усвојување, споделување и промовирање на европските вредности“.

„Но, ЕУ мора прво да стане посилна пред да стане поголема“, вели Жбогар, цитирајќи дел од стратегијата за проширување на Западен Балкан.

„ЕУ мора прво да стане посилна пред да стане поголема“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Проблемите кои ги имаме со некои земји членки што го блокираат дејствувањето во некои области или отстапуваат од либерало демократските вредности, е знак дека доколку се зачленат уште повеќе земји, работата на ЕУ би можела да стане уште поневозможна. Затоа мислам дека ЕУ во 2025, кога ќе се приклучат нови членки, ќе биде различна од она што е денес.“

Во регион кој сѐ повеќе се движи кон авторитарни тенденции, Македонија е редок пример каде што таквиот режим беше симнат од власт, овозможувајќи прекин на назадувањето и на заробувањето на државата.

Жбогар вели дека на Македонија се гледа како на ѕвезда во регионов, порака која претходно ја искажаа и високите европски претставници кои го посетија регионот изминатиов период.

„Македонија е позитивен пример во регионот, каде што луѓето се справија со заробената држава. Од земја која назадуваше и се оддалечуваше од реформите, сега Македонија е земја која е во мејнстрим“, вели тој.

Европските лидери ја поздравија посветеноста кон реформите на новата влада. Во средината на април Европската комисија препорача отпочнување на преговорите за членство.

Жбогар не сака да зборува за план Б, доколку не се најде решение за деценискиот спор околу името со Грција кое е клучен предуслов за зачленување во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

Изминативе неколку месеци, Македонија и Грција имаат интензивни разговори во обид да го решат спорот.

„Во овој момент гледам дека двете влади се навистина посветени да го решат ова прашање, кое не е лесно. Гледаме дека двете страни навистина се трудат да најдат начин и да ги адресираат сите прашања кои постојат на двете страни, а тоа дава простор за оптимизам. Од друга страна, што се однесува до ЕУ, ние исто така сакаме да видиме успешна приказна.“

Тој вели дека стратегијата за проширување на Западен Балкан, како и претстојниот самит во Софија, го покажуваат обновениот европски интерес за регионот.

 „Не може да постои никаков план Б. Може да има само план за успех“, вели Жбогар.

„Постојат работи кои веруваме дека можат да се направат подобро, побрзо и со помалку интервенции од страна на Владата“ | Фото: Роберт Атанасовски

Со оглед на тоа дека во минатото ЕУ знаеше да ги превиди постапките на режимот на Никола Груевски, многумина страхуваат дека ако Македонија остане заглавена во чекалната на ЕУ, ќе се отвори простор за националистички сили и лидери кои би сакале да ги следат стапките на Орбан.

Она што ќе се случува во Македонија, несомнено дека ќе има влијание и на регионот, каде што некои земји, како на пример Србија, без оглед на тоа што веќе ги отпочнаа преговорите за членство, бележат назадување во слободата на медиумите и тенденции кои се многу слични на тоа што се случување порано во Македонија.

Жбогар инсистира дека ЕУ ја научила лекцијата.

„Сите ние извлековме поуки од минатото. Знаеме што се случуваше од 2009 кога беше соопштена првата препорака (за членство), какви последици се случија и што ги предизвика. Сите сме свесни колкав е влогот и колку е важно земјата да продолжи на патот кон ЕУ.“

„Постои голем интерес за ова прашање да се реши“, продолжува амбасадорот зборувајќи за прашањето за името со Грција.

Во овој момент гледам дека двете влади се навистина посветени да го решат ова прашање, кое не е лесно. Гледаме дека двете страни навистина се трудат да најдат начин и да ги адресираат сите прашања кои постојат на двете страни, а тоа дава простор за оптимизам. Од друга страна, што се однесува до ЕУ, ние исто така сакаме да видиме успешна приказна

 

Тој вели дека не може да се наметне решение, и дека единственото трајно решение би било она што е прифатливо за народите во двете земји.

Во меѓувреме, тој ја пофали Владата за реформите, а ја нагласи и улогата на опозицијата за нејзината соработка во парламентот во врска со клучните реформски процеси.

Ја поздрави „големата промена што се случила, полукружното свртување, односно враќањето кон реформите и заложбата за транспарентност.

„Постојат работи кои веруваме дека можат да се направат подобро, побрзо и со помалку интервенции од страна на Владата. Сѐ на сѐ, ние сме охрабрени од посветеноста која ја гледаме од оваа Влада да ја доведе земјава на вистинска патека.“

Жбогар се надева дека до истекот на неговиот мандат во Скопје во 2020, Македонија веќе длабоко ќе биде навлезена во преговори за членство со ЕУ.