Во близина на Рекорд, во центарот на Скопје, кафуле што гледа кон главната улица користи една од градските чешмички за вода како маса на која муштериите пијат кафе. Чешмата не функционира уште од пред отворањето на кафулето, кое работи речиси три години.
„Сакавме да ја пуштиме чешмата и се јавувавме по институции. Испадна дека чешмата е исклучена бидејќи некој изградил цел систем за да краде вода од неа“, ни раскажа еден од сопствениците на кафулето.
Оваа чешма не е изолиран случај. Иако во главниот град има околу 250 јавни чешми и фонтани, од многу од нив не тече вода.
Но, дефектите и злоупотребите не се единствената причина поради која граѓаните остануваат жедни при вода. Многу се исклучени и затоа што јавното претпријатие „Водовод и канализација“ инсистира скопските општини да го преземат управувањето со чешмите и да ја плаќаат водата што тие ја трошат, а општините не го прифаќаат тоа. Резултатот од тоа е – „Водовод“ исклучил неколку десетици исправни чешми.
Без вода секоја четврта чешма
Шансите дека некоја од чешмите низ градот ќе биде нефункционална се еден спрема четири, според податоците што неодамна ги собра здружението „Еквалис“. Тие, преку проект што го работеле, заедно со уметничкиот колектив „Партизанска штампа“, избројале дека од 120 чешми во општините Кисела Вода, Центар и Аеродром, 31 не работи.
Нашата обиколка на центарот на Скопје покажа дека во некои делови, соодносот меѓу функционалните чешми и оние што не работат е уште полош.
На крстосницата меѓу булеварот Партизански одреди и улицата Ленинова, каде што секојдневно поминуваат многу луѓе, има чешма што подолго време е исклучена.
„Откога почнав да работам тука пред две години, чешмата не работи. Често луѓето се наведнуваат за да се напијат вода и се разочаруваат“, ни рече една од вработените во околните фирми.
Следната чешма ја најдовме спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“, која, исто така, не беше во функција. Всушност, одејќи од Универзална сала, преку плоштадот Македонија до Железничката станица, забележавме дека од шест чешми по патот, работат само две. Едната беше опкружена со ѓубре и од неа прскаше вода, па тешко беше да се користи. Една повозрасна скопјанка се обиде да се напие вода, но не успеа.
„Во турско време, ова бил градот на чешмите. Жално е што веќе не е така“, рече таа.
Ова е проблем со кој се соочуваат скопјани среде топлотните бранови во лето. Тој особено ги погаѓа оние што поради обврските не можат да го избегнат излегувањето надвор, без оглед на високите температури.
Кога немаат друг избор, граѓаните купуваат амбалажирана вода, па освен што се изложуваат на дополнителен трошок, создаваат и повеќе пластичен отпад.
Неприфатените чешми се исклучуваат од 2018 година
Откако волонтерите на „Еквалис“ поминале два месеца, од февруари до април годинава, правејќи обиколка на јавните чешми, дошле до податокот дека секоја четврта во централните општини не работи. Следниот чекор на здружението било да се обиде да добие одговори за проблемот од надлежните институции.
Првото искуство им било префрлање од едно на друго место. Од Секторот за комунални работи во Град Скопје им одговориле дека немаат надлежност за овој проблем и ги препратиле во јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
До „Водовод“ испратиле писмо со локациите и со фотографии од секоја 31 затворена чешма што ја нашле, а претпријатието им одговорило поради кои причини состојбата е таква. За вкупно 23 чешми од посочените, одговорот е идентичен.
„Не функционира бидејќи не е прифатена од општината или од Град Скопје, нема поставено водомери и на истата не се фактурира“, стои во писмото од претпријатието до „Еквалис“.
Во остатокот од одговорот се вели дека уште од 2018 година, политика на претпријатието било да ги исклучува чешмите за кои никој не ја плаќа водата. Тогаш управниот одбор донел одлука да се монтираат водомери и на градските фонтани и чешми и на системите за наводнување на зеленилото. Водомерите ги обезбедува „Водовод“ од своите резерви, но сметките треба да ги плаќаат општините или градот, зависи кој ја поставил и кој ќе прифати да се грижи за секоја чешма.
„Како претпријатие што врши снабдување со вода за пиење имаме обврска за намалување на загубите на вода. Од извршените анализи во загубите на вода, со голем дел учествуваат немереното количество што се користи за наводнување на зеленилото во градот, немереното количество вода што се користи за градските фонтани и чешми“, се додава во одговорот до „Еквалис“.
Општините негираат дека одговорноста е нивна
БИРН се обиде да добие потврда од „Водовод“ дека поради овие причини, десетици функционални чешми се надвор од употреба. Сепак, иако поставивме повеќе прашања, добивме краток одговор дека тие се одговорни само за чешмите на градскиот плоштад и во градскиот парк, бидејќи тоа биле површини во надлежност на Град Скопје.
„Останатите фонтани и јавните чешми, кои се на општинско земјиште, на јавна или парковска површина, ги градат општините и трошоците за вода и за одржување се нивни“, велат од „Водовод“.
Поделбата на надлежностите во Скопје меѓу градската управа и општините подразбира дека тие се одговорни за различни јавни површини. „Водовод“ е претпријатие основано од градот и одговара пред градоначалникот и пред Советот на град Скопје, па според тоа се грижи за чешмите на градските површини, но не и за тие на општинските.
За граѓаните, тоа не значи многу, бидејќи тие кога се движат низ градот не може секогаш да знаат дали местото на кое чекорат е во надлежност на градот или на некоја општина. Само може да видат дали чешмата до нив работи или не. Дури и не може да знаат дали оние што не функционираат се, всушност, исправни, но исклучени.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС) вели дека овој проблем бил забележан и во неговата општина, но и на други места во Скопје, како што го информирале колегите-градоначалници. Според него, Град Скопје и јавното претпријатие се одговорни дека ги оставаат граѓаните без вода на јавните површини.
„Недопустливо е Градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ да ги пломбират чешмите со изговор дека тие се надлежност на општините, а притоа и правно и фактички, тие да ја имаат надлежноста и наплатата“, објасни Ѓорѓиевски за БИРН.
Сепак, во одговорот до БИРН, од „Водовод“ инсистираат дека надлежноста за јавните чешми и фонтани е јасна и прецизна.