Balkan Insight

Жените во Албанија и во Косово не се заштитени од онлајн-насилството

Неефикасните закони и рамнодушни институции го поттикнуваат родовото онлајн-насилство

Ајмане Бајрами имала 15 години кога кликнала на порака на Фејсбук од непознат човек и на екранот пред неа и нејзиниот тогаш 21-годишен брат се појавила фотографија од машки полов орган.

Бајрами, која потекнува од градот Феризај (Урошевац) во јужно Косово, се сеќава дека почувствувала длабок срам.

„Како земјата да ме проголта, иако ништо не сум направила“, изјави таа за БИРН.

Тринаесет години подоцна, Бајрами сè уште прима несакана експлицитна содржина на Фејсбук и сè уште не знае зошто.

„Има случаи кога пишуваат: ‘Сакаш ли и тебе да ти го направам ова?’, и праќаат порнографско видео“, вели таа.

Ваквата злоупотреба постепено ја разнишала нејзината самодоверба и перцепција за себе.

„Почнав да се штитам, да одбирам што да облечам. Развиваш некоја срамежливост и длабоко во себе почнуваш да се прашуваш: ‘Можеби јас сум проблемот’?“

Во Косово, телевизиската новинарка Ардијана Тачи-Мехмети, која го истражуваше токму ваквото онлајн-насилство што го доживеала Бајрами – и самата се најде на удар.

Откако помогна да се разобличи групата на Телеграм „Албкингс, во која повеќе од 100.000 членови споделувале понижувачки видеа, „дип фејк“ фотографии и лични податоци на жени, нејзиниот телефон беше преплавен со навредливи повици и пораки од мажи што го пронашле овој број во групата.

„Колку чиниш за една ноќ?“, ја прашал еден од нив. Во еден особено тежок ден, Тачи-Мехмети примила околу 300 повици.

Бајрами никогаш не отишла во полиција, велејќи дека не верува оти „можат да ме заштитат“.

Тачи-Мехмети пријавила, но останала разочарана од реакцијата на државата, која, како и соседна Албанија, сè уште нема усвоено закон што би се справил со родовото онлајн-насилство.

„Терминот ‘дигитално насилство’ воопшто не постои во нашиот правен систем,“ вели адвокатката Едона Сина од Косово. „Ова непостоење на законска дефиниција го отежнува признавањето и санкционирањето на таквите дела.“

Смртни закани

Онлајн-злоупотребата прераснува и во реални закани | Фото: БИРН

Албанската новинарка и активистка Жаклин Лекатари, основачка на Tabu.al, го опишува своето секојдневие како „токсично коегзистирање“ со онлајн-злоупотребата што ја трпи заради залагањето за женски права, сексуално образование и ЛГБТК+ заедницата.

Лекатари добива смртни закани: „Денот кога ќе умреш треба да биде национален празник,“ ѝ напишал еден од насилниците. Друг додал: „Ќе те фатиме на улица.“

Многупати пријавувала во полиција, со различен исход.

„Некои пријави воопшто не беа прифатени затоа што не беа кривично дело,“ изјави таа на БИРН. Други завршија со „помирување наместо продолжување на кривичната постапка“.

Проблемот, вели таа, е во тоа што поимот дигитално насилство „во Албанија дури и го нема во законот“.

Тоа значи дека онлајн-вознемирувањето, демнењето, „дип фејковите“ и сексистичката клевета најчесто остануваат несанкционирани. Дури и социјалните мрежи, како Тик-ток и Инстаграм, често ги отфрлаат со стандардниот одговор: „Ова не ги прекршува нашите стандарди на заедницата.“

Онлајн-злоупотребата прераснала и во реални закани – од физичко грабнување во супермаркет до инциденти, како демнење и вознемирување на улица.

„Да си истакната жена, носи огромна лична цена,“ додава Лекатари. „Општеството мора да сфати дека не сум објект. Ниту една жена не го заслужува тоа што јас го нарекувам ‘вербално силување’.“

„Се разбира дека се плашат“

„Сите го кажаа истото – Не сакам семејството да дознае“| Фото: Игор Вујиќ, БИРН

Тачи-Мехмети досега поднела десетици кривични пријави во полиција, но вели дека властите реагирале само во случаи на „јасно вознемирување“, како кога некој постојано ѝ испраќал пораки со текстот „Сакам да те ****“.

Сериозноста на заканите на крај ја натерале полицијата да ги стави неа и нејзиното семејство под заштита, но критичарите велат дека властите дејствувале само по долготраен јавен притисок.

Адвокатката Сина вели дека во вакви случаи често погрешно се постапува уште на почетокот: „Според моето искуство, многу случаи предвреме се пресудуваат уште во полиција.“

„Полицајците не се обучени да го препознаат онлајн-насилството како родово базирано,“ изјави Сина за БИРН. „Социјалните норми влијаат врз нивните правни толкувања, а таа пристрасност се пренесува и во обвинителството и во судовите,“ додаде таа, наведувајќи случај на дигитална злоупотреба со слики, кој траел повеќе од шест години без пресуда, принудувајќи ја жртвата повторно и повторно да ја преживува траумата.

Во случајот „Албкингс“, и по објавувањето на обвинението, Тачи-Мехмети продолжила да прима експлицитни фотографии на својот телефон среде ноќ.

„Направив скриншот и го испратив до обвинителството, но обвинителот ми рече: ‘Ни треба целиот разговор што си го имала со него’. Јас се откажав, немав сила повеќе да се справувам со тоа.“

На жените што немаат поддршка од семејството им е уште потешко.

„Дента кога се одржа првото рочиште, пет жени не се појавија,“ рече Тачи-Мехмети, мислејќи на почетокот на судењето за „Албкингс“, на 5 јануари годинава. „Сите го кажаа истото: ‘Не сакам семејството да дознае. Не сакам сопругот да дознае. Дадов се што имав и нема да се вратам во суд.’ Се разбира дека се плашат.“

Жените мора да научат како да се заштитат

Дипфејк содржините во „Албкингс“ беа исклучиво со порнографска содржина | Фото: Скриншот од Телеграм

Експертите велат дека овие искуства се симптом на системски неуспех.

„Постојат специфични закани, кои најмногу ги таргетираат жените, како изнуди, лажно претставување, онлајн-вознемирување, а тие произлегуваат од токсична мешавина на родови стереотипи и институционална рамнодушност,“ вели експертката за сајбер безбедност, Леонора Мехметај-Хајдини.

Поради недостиг од техничка експертиза и волја од страна на властите да истражуваат како што треба, жените се оставени да се бранат сами.

„Дигиталната безбедност не е само технологија, туку и однесување,“ вели Мехметај-Хајдини. „Жените треба да научат како да се заштитат на интернет исто како што учиме одбрана во реалниот живот.“

Во Косово, граѓанските организации бараат итна законска реформа според новата директива на Европската Унија за борба против насилство врз жените, вклучувајќи ја и онлајн-злоупотребата, усвоена во мај минатата година.

Мрежата на жените од Косово предложи вметнување нов член во Кривичниот законик – 249 за родово базирано сајбер-насилство – кој би дефинирал и криминализирал широк спектар онлајн-злоупотреби, вклучувајќи сајбер-прогон, дигитални закани, неовластено споделување интимни фотографии, дип фејк и сексистичка клевета.

Активистите велат дека без овој закон, жртвите на онлајн-злоупотреби често немаат каде да се обратат, а нивните случаи завршуваат со образложение дека не ги исполнуваат условите за кривично дело.

Тачи-Мехмети објаснува дека вознемирувањето што го преживеала било тешко и за нејзиното семејство.

„Мојот најстар син не сакаше да оди на училиште цела недела затоа што другите деца го малтретираа, велејќи ‘Ја видовме твојата мајка во Албкингс’.“

Нема сомнеж дека нападите биле родово мотивирани, рече таа. „Фотографиите со гениталии ми ги праќаа затоа што сум жена.“