Регион

„Животи зад полето на смртта“

Првото снимање во Поточари, во близина на Сребреница. Фото: Меморијален центар Сребреница-Поточари.

Меморијалниот центар Сребреница-Поточари и БИРН Босна и Херцеговина, започнуваат проект наречен „Животи зад полето на смртта“, чија цел е да се создаде усна историја, со снимање на 100 разговори со луѓето што го преживеале геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, што во јули 1995 година го извршија силите на босанските Срби.

„Примарната целна група на овој проект се жртвите на геноцидот, нивните семејства и луѓето директно и индиректно погодени од злосторството, како и повратниците во Сребреница и во пошироката област“, ​​изјави директорот на БИРН БиХ, Денис Џидиќ.

„Преку овој проект, БИРН БиХ им го дава на жртвите толку потребниот глас и простор во јавната сфера, за да можат да ги споделат своите приказни, додека Меморијалниот центар ќе ги собира и чува личните предмети на жртвите, пронајдени во масовни гробници и ќе ги користи на изложби за приказните од реалниот живот, прекинат со геноцидот во 1995 година“, додава Џидиќ.

Меморијалниот центар Сребреница-Поточари ги повика преживеаните да ги споделат своите приказни и да донираат предмети што им припаѓале ним или на членовите на нивните семејства кои биле убиени, а кои ќе се користат како дополнување на видео-сведоштвата.

„Во моментов имаме голем број предмети во нашата музејска колекција што ги собравме во изминатите неколку месеци. Колегите ги забележаа основните информации, кои претставуваат врска помеѓу жртвата и предметот. Сега ќе се обидеме да ја комплетираме оваа приказна преку видео-сведочењата на жртвите“, нагласува, Хасан Хасановиќ, кој го води проектот во име на Меморијалниот центар.

„Секоја приказна е важна и секој од нас има обврска да го чува сеќавањето на своите најблиски“, вели Хасановиќ.

Меморијалниот центар и БИРН БиХ, првите пет интервјуа ќе ги снимат оваа седмица во Сребреница, со луѓето што донирале предмети што им припаѓале ним или на членови на нивните семејства.

Од 100-те сведоштва што ќе бидат снимени за овој проект, финансиран од Владата на Кралството Холандија, 20 приказни ќе бидат дел од постојаната изложба во Меморијалниот центар.