Интервјуа

Зошто е опасен „смешниот“ Хитлер

Интервју со извршниот директор на Фондот на холокаустот, Горан Садикаријо

„Така ви требаше, малку ви направија“… порака со ваков контекст била запишана во книгата со впечатоци во Меморијалниот центар на холокаустот во Македонија.

Сега веќе ја нема. Кога ќе видат ваков тип пораки, вработените во Фондот на холокаустот ги менуваат книгите што стојат во музејот и во кои посетителите ги внесуваат своите впечатоци. Тоа го прават за да не се шири антисемитизмот понатаму и на идните посетители.

Таа куса порака полна со омраза е на еден човек. Но, пандемијата, неограничениот пристап до интернет, незнаењето, непосветувањето внимание на младите дома, како и лошиот образовен систем придонесуваат и други да го мислат и да го споделуваат истиот сентимент.

Меѓу факторите секако се и јавните личности, како што е раперот Кање Вест, кој даде серија антисемитски коментари, а го фалеше и Хитлер. Вест сега е забранет на социјалните мрежи, но неговото интервју со американскиот теоретичар на заговори, Алекс Џонс, сѐ уште го има на Јутјуб.

Тоа е едната крајност, оправдувањето и величањето на некој што е директно одговорен за смртта на повеќе од шест милиони Евреи во Втората светска војна. Но, еднакво долгорочно опасна е и нормализацијата на фашизмот, преку реферирањето на Хитлер испразнето од историски контекст.

Сатиричниот пристап кон Хитлер и фашизмот воопшто и не е нов. Уште во 1940 година, кога тој бил во поход, а Втората светска војна во ек, Чарли Чаплин го снимаше „Големиот диктатор“, политичко-сатиричен филм преку кој се осудуваат Хитлер, антисемитизмот и нацизмот.

Такви примери има и сега. Филмот од 2019 година, „Зајакот Џоџо“ го прави токму тоа, го исмева Хитлер и неговата идеологија, истовремено посочувајќи на историската катастрофа што ја предизвикало тоа движење.

Но, критиката на нацизмот ја нема на пример во „мемето“ што лани на Твитер го сподели технолошкиот магнат Елон Маск. Тој, сакајќи да го критикува канадскиот премиер Џастин Трудо за неговиот однос кон протестите на камионџиите против ковид-вакцинацијата, преку меме го спореди со Хитлер. По лавината реакции дека на тој начин се омаловажува геноцидот за да се покаже несогласување со политиките на актуелен државник, кој не е ниту блиску до диктатор, Маск го избриша твитот.

Споменик пред Меморијалниот центар на Холокаустот | Фото: Васко Маглешов, БИРН

Денес, Хитлер во интернет-комуникацијата е смешен лик, поздравот зиг хајл, гест на кој соучениците ќе ви отпоздрават на ист начин, а специфичните мустаци на фирерот, кои лесно се цртаат, се брза маска за првоаприлски шеги.

Во секојдневниот живот на младите, неговиот лик често е испразнет од содржина. На интернет, особено пандемиските генерации што следеа настава онлајн, се од трето одделение, а за Втората светска војна, според наставната програма учат во деветто одделение.

Во тој временски период, од трето до деветто одделение, до нив допираат дезинформации, лажни вести, искривување на историјата… И многу често тие ги примаат без каква и да е контрола.

„Прво, ние, како родители, треба да се погледнеме во огледало и да се прашаме дали во трката по обезбедување пари за живот, децата ги оставивме само на образовниот систем, кој, пак, веќе ја нема воспитната улога“, вели за БИРН, Горан Садикаријо, извршен директор на Фондот на холокаустот во Македонија.

Преземени обврски, па заборавени

Во Меморијалниот центар повеќето од посетителите се странски туристи | Фото: Васко Маглешов, БИРН

Образовниот систем сега е различен од оној во времето на Југославија. Во наставните програми на поранешниот систем, како што вели Садикаријо, „фокусот беше многу повеќе на Втората светска војна и ослободителното движење“.

„Холокаустот не беше доволно опфатен, ниту тогаш, ниту сега, бидејќи во тогашниот систем, Евреите беа третирани како дел од југословенската трагедија без да се потенцира дека холокаустот е уникатен геноцид во историјата на човештвото“, вели Садикаријо.

Сега има лекции во кои се изучува холокаустот, но тоа е, како што вели, „минорно“.

Македонија во 2021 година, пред Меѓународниот форум за сеќавање на холокаустот и борбата против антисемитизмот се обврзала дека ќе ги смени своите наставни програми. 

На владина седница е усвоено дека во следните две години, во наставните содржини за осмо и деветто одделение ќе се вклучи „содржина што ќе го обработува антисемитизмот и негирањето на холокаустот“.

Другата преземена обврска, според записникот од владината седница, е дека во рамките на календарот за екскурзии на учениците на основните и средните училишта ќе вклучи „задолжителна посета со вклучена едукативна содржина на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје“.

Ова досега не е реализирано.

Па, така, во Меморијалниот центар во Скопје, најбројни посетители се странските туристи, а тоа дали некои македонски ученици ќе дојдат или не, останува да зависи од волјата на наставникот.

Хитлер живее на маскенбали

Од фондот постојано реагираат на антисемитските појави | Фото: Васко Маглешов, БИРН

Со Садикаријо разговаравме во неговата мала канцеларија сместена во зградата на Фондот на холокаустот. И во неа од секаде се гледаат еврејските симболи – на ѕидовите се закачени слики на кои ја има Давидовата ѕвезда, а на масата, покрај многуте печатени материјали за холокаустот, може да се види и традиционалната капа што ја носат Евреите.

Тој со емоции зборува за трагедијата што ги снашла македонските Евреи. 7.144, кои тогашната бугарска власт, соработник со нацистите, ги собрала од своите домови во Македонија, ги качила на возовите што тргнувале од скопскиот Монопол и ги пратила во логорот на смртта во Треблинка. Таму  биле убиени 98 проценти од вкупното еврејско население во Македонија, што е меѓу најголемите проценти во светот.

Тоа што тој го зборува, многу повеќе може да се доживее ако се прошета низ меморијалниот центар низ кој кога шетавме сретнавме една посетителка и неколкумина вработени, кои вежбаа за следната нивна активност. Беше мошне тивко, како што е и очекувано да биде во центар, кој на посетителите треба да им ги пренесе морничавите случувања пред осумдесет години.

Можеби декадите поминати по Втората светска војна и немањето живи сведоци, кои на потомците ќе им ги пренесат трагичните приказни од војната, е и една од причините зошто младите ги подзабораваат опасностите што доведоа до геноцидот врз Евреите.

Па, така и оваа година, на Денот на шегата, во едно основно училиште во Скопје, ученик од повисоките одделенија одбра да се маскира во Хитлер, се прошета низ училишниот двор, доби по некоја насмевка од соучениците, а наставниците не презедоа ништо конкретно.

Зборувајќи со Садикаријо за ваквите настани, тој нагласува дека „не е проблемот само со децата, туку и со возрасните“.

Фондот на холокаустот и Еврејската заедница во Македонија жестоко реагираа на еден друг маскенбал. Струмичкиот, кој годинава се одржа на крајот од февруари. По него на социјалните мрежи беше објавена фотографија, на која е градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, облечен како Јосип Броз Тито, а меѓу другите до него е и човек маскиран во Хитлер, а во нивна близина се вее нацистичкото знаме.

„Само неколку дена по одржувањето на карневалот на 1.3.2023 година, на оградата на Еврејската заедница осамна графит со нацистички симбол – свастика. Дали јавната промоција на маската на Хитлер го поттикна пишувањето на овој графит?“, прашаа тогаш од Еврејската заедница.

Музејската поставка го опфаќа животот на Евреите од антиката | Фото: Васко Маглешов, БИРН

Садикаријо и сега е зачуден како „една јавна личност не може да препознае каков проблем направил со тоа што се сликал до човек маскиран како Хитлер и да се оправдува со слобода на говор, хумор и политичка сатира“.

Сите овие работи, нацистичките симболи низ училиштата и градовите, јавните антисемитски напади, несоодветните маски итн., во фондот ги бележат. Дел се за во нивната архива, а некои ги пријавуваат и во полиција и во обвинителство.

Садикаријо споменува два случаи кои ширеле антисемитски материјал и сега се забранети. Еден е Фејсбук групата Нинурта, а другата веб страницата Крв и чест Македонија. Сега тие не може да се најдат, но нема информации дали нешто се презело за основачите и за администраторите.

„Секогаш реагираме и алармираме на таквите девијантни појави затоа што ќе се појават графити, тие може да прераснат и во пароли што ќе се извикуваат и на крајот може да дојде до физичка повреда или до уништување имоти“.

Пред тринаесет години беше осквернавен порталот на Еврејските гробишта во Битола, кој датира од 1497 година, со испишување графити со нацистички симболи, а од тој град често стигнуваат вести дека некаде се нацртани кукасти крстови. Садикаријо вели дека во случајот со Битола се работело за водачите на навивачката група „чкембари“ и дека со нив имале состанок на кој се извиниле и ги избришале сите нацистички симболи.

Тој со гордост зборува за Евреите во Македонија, најголем дел од нив доселени од Пиринејскиот Полуостров од каде што биле прогонети во 15 век. Османлиската империја, пак, имала потреба од образовани луѓе, какви што биле Евреите. Тие зборувале на јудео-шпанскиот јазик познат и како ладино.

Можеби затоа Садикаријо употреби една ладино поговорка, кога го прашавме зошто е важно осумдесет години подоцна да се зборува за холокаустот. 

„Без сеќавање, нема иднина“, ни рече.