За ова, како и за другите гранатирања на Тузла, во кои биле убиени повеќе од стотина цивили, до денес никој не е казнет пред домашните судови. И покрај тоа што во јуни 1993 година, Тузла била прогласена за заштитено подрачје на Обединетите нации, овој град бил цел на силите на босанските Срби.
Само едно лице е осудено и тоа само за еден напад – за гранатирањето на тузланската Капија во 1995 година, кога беа убиени повеќе од 70 лица.
Поранешниот генерал на Војската на Република Српска (ВРС), Новак Ѓукиќ, е прогласен за виновен за давање на нарадба за напад, но тој избега и денес се наоѓа во Белград, на слобода.
Бескрајни истраги
Иако не постои единствена база на податоци за сите цивилни жртви убиени во Тузла од 1992 до 1995 година, според информациите од фондацијата „Вистина, правда, помирување“, во Тузла, вклучувајќи ги и жртвите од масакрот кај Капија, биле убиени повеќе од 200 цивили.
Од фондацијата за БИРН велат дека на Обвинителството на БиХ, во повеќе наврати, му свртеле внимание на непроцесирањето на одговорните за овие злосторства.
„Уште во 2007 година, поднесовме кривична пријава против осум офицери, за артилериско делување во Тузла, кое за цел имаше бројни жртви. Никогаш никој од Обвинителството на БиХ не сторил ништо во врска со тоа“, вели претседателот на фондацијата, Синан Алиќ.
„Ние поднесовме обвиненија против осум поранешни офицери на Југословенската народна армија (ЈНА) и дури неодамна добивме известување дека истрагата против Вељко Кадијевиќ, Милутин Кукањац и Новица Шимиќ, се стопира, поради нивна смрт. Ова е целата активност на Државното обвинителство“, додава тој.
Алиќ објаснува дека дел од офицерите, како сведоци во други судски процеси, јавно признале дека се одговорни за гранатирање на Тузла, но оти ова не било доволно за да се започне истрага.
„Ова се случи во Белград, за време на судењето на Илија Јуришиќ, на кого му се судеше за напад на ‘Тузланската колона’ на 15 мај 1993 година“, вели тој.
„Миле Дубајиќ, поранешен офицер на ЈНА и командант на касарната „Хусинска буна“ во Тузла, кога беше прашан од судијата, дали тој наредил гранатирање на Тузла, тој одговори потврдно. Дури и тоа не беше доволно, за некој да се сети и да отвори истрага против него во БиХ“, вели Алиќ.
Дубајиќ бил еден од осумте офицери чие име било наведено во кривичната пријава на фондацијата „Вистина, правда, помирување“.
Дубајиќ, кој моментално живее во Инџија, Србија, е воен пензионер. За БИРН потврдува дека нема истраги против тогашните водечки офицери на ЈНА.
Гранатирањето на Тузла не го негира, но тврди дека се работело за оправдана воена цел.
„Не чувствувам никаква одговорност за тоа. Ниту командна, ниту човечка, затоа што секое мое артилериско делување во Тузла, беше оправдана воена цел. Сè беше направено во согласност со правилата на воената служба“, потенцира Дубајиќ.
„Јас и денес ги чувам координатите за гаѓање на овие воени цели. Никогаш не сум гаѓал болници, училишта и други објекти во кои се наоѓаа цивили“, додава тој.
Единствената врска што ја имал со судот, како што самиот вели, било судењето на Илија Јуришиќ во Белград.
„Тогаш ме повикаа како сведок и јас се одзвав. За други работи, по повод некакви истраги, не ме побарале ниту од Србија, ниту од БиХ“, истакнува Дубајиќ.
Од Обвинителството на БиХ, за БИРН велат дека по завршувањето на случајот „Тузланска капија“, во кој Новак Ѓукиќ, поранешен командант на тактичката група „Озрен“ на ВРС, е осуден за воени злосторства, во тек се и други предмети.
„Покрај овој предмет, се работат и други кои се однесуваат на страдањето на цивилите при гранатирањето на Тузла“, ни изјави Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителство на БиХ. Тој не прецизираше против кого се водат овие предмети.
Судот на БиХ, во јуни 2014, го осуди Ѓукиќ на 20 години затвор, за нападот кај тузланската Капија, но тој не се појави на издржување на казната, образложувајќи дека е на лекување во Србија.
БиХ распиша потерница по Ѓукиќ во октомври 2014, но тој не беше екстрадиран, затоа што БиХ и Србија немаат договор за меѓусебна екстрадиција.
Затоа беше побарано од Србија, да го преземе извршувањето на пресудата, во согласност со договорот за правна соработка потпишан меѓу двете држави.
Вишиот суд во Белград, во повеќе наврати го одложуваше рочиштето на кое требаше да се разгледува преземањето на затворската казна, што предизвика критики на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг и на неговиот главен обвинител, Серж Брамерц. Во меѓувреме, Ѓукиќ и натаму е на слобода.
Наместо пресуди, поставување на спомен-плочи
Фондацијата „Вистина, правда, помирување“, оваа година започна со собирање информации за точниот број на цивили, убиени во Тузла за време на војната.
Во исто време, на местата на убиствата на цивилите, за кои досега се собрани податоци, се поставуваат мали спомен-плочи, како дел од проектот „Никој не треба да биде заборавен“.
Тие ќе го содржат името и презимето на жртвата, датумот кога таа настрадала и името на војската, чии припадници ја испукале гранатата.
Славко Перичевиќ, член на управниот одбор на фондацијата, смета дека овој проект е исклучително важен, затоа што ги изнесува фактите на видело.
„На плочите го наведуваме само она што е докажано со судска практика, односно, она што го кажале пресудите на домашните и на меѓународните судови, а тоа е дека овој чин го спроведоа Војската на Република Српска и нејзините единици, гранатирајќи ја Тузла, која беше заштитена зона“, заклучува Перичевиќ.