Раскрсницата на која се вкрстуваат Његошевата улица и улицата Алекса Ненадовиќ, во белградската општина Врачар, оваа недела беше место на судир помеѓу националистите и активистите за граѓански права, околу глорификацијата на осудениот воен злосторник, Ратко Младиќ.
Имено, на ѕидот од зградата лоцирана на оваа раскрсница, во јули беше насликан мурал на Младиќ, а неговото неотстранување укажува на неподготвеноста или неспособноста на властите, да им се спротивстават на десничарите, кои Младиќ го гледаат како херој.
Општинската инспекциска служба, во септември им наложи на станарите од зградата да го отстранат муралот – но ниту една компанија не сакала да го направи тоа.
Александра Благојевиќ, управител на станбените објекти во општина Врачар, објаснува дека се обиделе да ангажираат околу пет фирми, кои ќе го пребојат или исчистат ѕидот.
„Едноставно, не успеавме во практика да го организираме тоа; односно ниту една компанија не се согласи да го отстрани муралот“, вели Благојевиќ за БИРН.
„Потоа дојдовме до идеја да контактираме со некоја невладина организација – поточно, еден станар дојде на таа идеја – па се обидовме тоа да го организираме на таков начин, но знаете што се случи потоа“, додава таа.
А она што се случи е дека Младинската иницијатива за човекови права, невладина организација со седиште во Белград, ги повика граѓаните да се соберат пред зградата на 9 ноември, Меѓународниот ден против фашизмот и антисемитизмот, и да го отстранат муралот од ѕидот.
Но, Министерството за внатрешни работи на Србија, ги забрани сите собири на таа локација, наведувајќи дека може да дојде до конфликт.
Муралот, неделава, беше нападнат двапати – првиот пат со јајца, кога полицијата уапси две активистки, а вториот пат со бела боја. И првиот и вториот пат, десничарите го исчистија муралот.
Млади момци „од соседството“ чуваат стража
Во јуни оваа година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, му ја потврди на Младиќ казната доживотен затвор, за геноцид врз Бошњаците од Сребреница и други воени злосторства.
По пресудата, српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека Хашкиот трибунал „не е формиран за да бара правда и помирување, туку за да им се суди на Србите“, а доживотната казна на Младиќ ја опиша како „одмазда, а не пресуда“. Српските власти не прифаќаат дека масакрите над Бошњаците од Сребреница, претставуваат геноцид.
Муралот на Младиќ се појави во Белград еден месец по пресудата, но дури оваа недела се најде на насловните страници, иако и претходно имаше обиди тој да се отстрани.
Веб-страницата, KontraPress, во средата објави дека имало најмалку девет такви обиди и дека секој пат, по чистењето, муралот повторно бил насликан.
Во средината на септември, на оваа локација излезе општински инспектор и наложи муралот да се отстрани.
Сепак, Благојевиќ вели дека со оглед на тоа што муралот секогаш бил пребојуван кога ќе се отстранел, жителите претпоставуваат дека „некој проверува, чува или којзнае што друго“.
Од друга страна, фирмите од кои било побарано да ја пребојат фасадата на зградата „сфатиле дека може да имаат проблем, па можеби не сакаат да се вклучат во такво нешто, да речеме“, додава таа.
Во средата, политичарот, Ѓорѓо Жујовиќ, фрли канта со бела боја на муралот, а неколку часа подоцна група млади момчиња со качулки и маски, кои не сакаа да разговараат со новинарите или да кажат дали се членови на некоја организација, повторно го исчистија.
Истата вечер, пред муралот се собра поголема група млади лица. Порталот, nova.rs, објави дека сите момчињата кажале дека се „од соседството“ и дека го почитуваат „ликот и делото“ на воениот генерал на босанските Срби.
Тие пееја песни за Косово и за Младиќ, пуштаа музика и истакнаа транспарент на кој воениот злосторник беше наречен „херој“.
Тогаш помалку полиција имаше пред муралот, отколку во вторникот, кога полицајци во униформа и во цивилна облека ги уапсија двете активистки, кои фрлаа јајца на муралот, додека полицајци со штитови беа распоредени вечерта и тие направија кордон за да ги спречат демонстрантите да стигнат до него.
На ова место и денеска беа присутни десничари, во обид да го спречат повторното уништување на муралот.
Графитите и муралите посветени на Ратко Младиќ, не се невообичаени во Србија, но обично се отстрануваат од загрижени поединци или антивоени активисти, а не од властите.
Како професионален управител, Благојевиќ се грижи за десетици станбени згради во Белград и често се среќава со проблемот со исцртување на графити.
„Најчесто се отстрануваат по барање на станарите, кога се работи на фасадата“, објаснува таа.
Благојевиќ посочува дека станарите од зградата на Врачар, се надеваат оти општината сега ќе преземе мерки за решавање на проблемот со муралот.
Во меѓувреме, активисти на невладини организации свикаа за во сабота уште еден протест во близина на зградата, а ова прашање привлекува и сѐ поголемо негативно внимание на меѓународно ниво.
„Муралот во Белград не е изолиран инцидент. Плакати, графити, други материјали и изјави, во кои се величат воените злосторници, може да се најдат и во други делови на Србија, како и во различни градови во Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и на други места во регионот“, нагласи портпаролката на Високиот комесаријат на ООН за човекови права, Лиз Тросел.
„Симболите кои ги величаат осудените воени злосторници, не треба да имаат место во јавниот простор. Ваквите симболи се уште позагрижувачки, со оглед на неодамнешниот пораст на говорот на омраза и негирањето на геноцидот и другите злосторства во Западен Балкан – настани кои го истакнуваат нерешавањето на прашањата од минатото“, додаде Тросел.