Анализи

Зошто Вучиќ молчи за пресудата на Шешељ?

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на војните, беше најважниот штитеник на ултранационалистот, Воислав Шешељ, па затоа не изненадува што тој не кажа ништо за пресудата, со која неговиот поранешен водач беше осуден за злосторства против човештвото.

Милош Ќириќ, Белград

Неодамнешната пресуда на Хашкиот суд, со која Воислав Шешељ е прогласен за виновен за злосторства против човештвото, е добредојдена, но таа е чисто симболична.

Иако ниту едно докажано или недокажано злосторство на Шешељ, не е ниту мало, ниту безначајно – тој беше прогласен за виновен само на она што неспособното обвинителство можеше да го докаже – за говор на омраза, кој предизвика злосторства во Србија.

Пресудата е уште еден шлаканица на жртвите на војната во Босна и Херцеговина и во Хрватска, бидејќи Шешељ беше ослободен од обвиненијата за злосторства извршени во овие две држави. Сепак, важно е дека Воислав Шешељ, од сега, па засекогаш, е осуден воен злосторник.

И покрај ова, тој и натаму е политички активен: пратеник е во Собранието на Србија, лидер е на Српската радикална партија, тој е чест гостин во ТВ емисии и е активен на социјалните мрежи.

Тој сѐ уште редовно одржува и јавни собири – еден таков беше одржан за време на претседателската кампања во САД во 2016 година, кога Шешељ, во Белград, заедно со неговите приврзаници, ја поддржа кандидатурата на Доналд Трамп за претседател на САД.

Во текот на овој собир, Шешељ го исполни својот вообичаен репертоар, полн со говор на омраза кон Американците, Хрватите, Бошњаците и Албанците, а тогаш изјави и дека синот на американскиот потпретседател, Џо Бајден, починал од „предозирање со дрога што му ја дале Шиптарите“.

Неговите ултранационалистички идеи за „Голема Србија“ – според кои сите Срби треба да живеат во една држава, исчистена од малцинствата и „сите други“ – а кои помогнаа во разгорување на војните во поранешна Југославија, меѓу Србите, и по војните, се популарни.

Денес, реториката на Шешељ владее во српскиот јавен простор, а тој и понатаму ги навредува, исмева и им се заканува на перципираните внатрешни и надворешни непријатели на „Голема Србија“, која и натаму отворено ја заговара, и е против сите што се спротивставуваат на оваа идеологија.

Шешељ, што е типично за него, беше искрен во својата реакција на пресудата со која беше прогласен за виновен за воени злосторства – за БИРН изјави дека е „горд на сите воени злосторства и злосторства против човештвото“ што му се припишуваат и дека „е подготвен да ги повтори во блиска иднина“.

Неговата Српска радикална партија (СРП) денес има 22 пратеници во Собранието, но со текот на годините бројот на неговите следбеници се намалуваше, преоѓајќи во таборот на Александар Вучиќ и Томислав Николиќ, поранешни ученици на Шешељ.

Воислав Шешељ (лево) во Белград во 1999 година. Фото: ЕПА/Саша Станковиќ

Прво Николиќ беше избран за претседател на Србија, а потоа и Вучиќ. Но, додека беа функционери на СРП, тие на собирите стоеја рамо до рамо со Шешељ и ги распламтуваа српските националистички страсти во БиХ и во Хрватска.

Николиќ и Вучиќ беа главни портпароли на Шешељ во српскиот парламент до 2008 година, кога се одвоија од СРП и ја формираа сега владејачката Српска напредна партија (СНП). Сепак, нивната улога како лева и десна рака на Шешељ е неоспорна.

Доволно е да се погледнат страшните снимки на младиот Вучиќ, кој заедно со Шешељ стои на ридовите над Сараево и го надгледува градот под опсада, кој го гранатираат силите на босанските Срби.

И покрај ова, Вучиќ во моментов добро котира во меѓународната заедница, но и натаму сѐ му должи на својот поранешен шеф.

Ако не беше така, ние ќе слушневме барем еден збор од него за пресудата со која Шешељ беше прогласен за виновен за воени злосторства во Србија. Зарем не се очекува претседател на една држава да каже нешто за пресудата со која едно лице е прогласено за виновно за злосторства во истата таа држава?

Во случајот на Вучиќ – не. Очигледно е зошто Вучиќ решил да молчи: минатото на Вучиќ, исполнето со дела и зборови кои се исти како оние на Шешељ, го спречува да каже или да направи нешто убедливо, во врска со она што го правеше во текот на војните во 90-тите години.

Да не заборавиме дека Вучиќ во 2007 година, по наредба на Шешељ, му го понуди Собранието на Србија, како безбедна куќа, на воениот командант на босанските Срби – во тоа време бегалец – Ратко Младиќ.

Дополнително, Вучиќ го повика „генералот“ да се сокрие во неговата куќа, која на Младиќ му ја понуди како сигурно засолниште.

Затоа, не изненадува што Вучиќ немаше што да каже за пресудата на Шешељ, бидејќи тој никогаш не се откажа од него, ниту пак се извини за неговиот придонес кон воената реторика, поради која Шешељ денес е осуден воен злосторник.

Напротив, и други членови на неговата партија, кои беа дел од бандата на Шешељ, денес се државни функционери под управа на Вучиќ.

Последен таков пример е Мирко Крлиќ, претседател на собранискиот Одбор за култура и информации и член на партијата на Вучиќ, кој во војните беше задолжен за регрутирање на доброволци од Војводина, кои потоа ги носеше на бојните полиња во БиХ и во Хрватска.

Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, на протест на СРП, пред амбасадата на САД во Белград, во 2006 година. Фото: ЕПА/Саша Станковиќ

Затоа Вучиќ молчи кога станува збор за Шешељ. Тој успеа со манипулација да одглуми вечна жртва, успеа и денес, како и тогаш, да се понуди себеси на олтарот на националниот интерес. Затоа Вучиќ, не само што преживеа политички, туку тој политички дури и напредуваше.

Сето ова на сите им е познато – но состојбата во српското општество е таква, што на Вучиќ, од сите луѓе, се гледа како на наша најдобра шанса. Ова исто го мислат и на Запад, па Вучиќ го нарекуваат „фактор на стабилноста“ на Балканот.

Во ова извитоперено време, во кое вистината не вреди ништо, и додека игра уште една двојна улога – штитеник на Ангела Меркел и на Владимир Путин на Балканот – Вучиќ тивко врши прегрупирање на своите сили и ја зајакнува националистичката реторика, која ја започна српската агресија во регионот, во почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Правејќи го она што го најдобро го знае – а тоа е задоволување на потребите на своите сегашни ментори – додека арогантно се самопрогласува за спасител на нацијата, Вучиќ успеа себеси да се наметне како единствена иднина што ни остана.

Зад неодамнешните изјави за „тешката ситуација“, со која Србија се соочува во врска со Косово, а поради што „не може ниту да јаде, ниту да спие“, стои неговото автократско владеење, кое и натаму е недопрено, неговите неспособни противници и натаму се збунети, а неговата популарност и натаму расте.

Вучиќ е, всушност, најталентираниот политичар од својата генерација – успеа неприметно да ја задржи радикалната аура на Шешељ и да биде предмет на восхит на тврдокорните националисти, со што идеите на Воислав Шешељ и на Слободан Милошевиќ ги одржува во живот.

Најдобриот пример за ова, е неговата поддршка на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, да ја растури БиХ, но и антагонизмот што како претседател на Србија го шири, кога станува збор за односите меѓу Србите и Косоварите.

Можеби Шешељ сé уште е најгласниот во промовирањето на омразата, што со децении се шири во регионот, но најважниот тивок поддржувач на неговата политика е неговиот најдобар апостол, најмоќниот човек во денешна Србија – Александар Вучиќ.

Шешељ е виновен, но победи – неговото злосторство е совршено. Неговото отровно делување создаде доволно луѓе, кои и во наредните децении ќе ја поддржуваат неговата политика.

Затоа Вучиќ е најуспешниот ученик на Шешељ, овие денови тивок, но на лицето му сјае победничка насмевка – неговото злосторство е, исто така, совршено.

Милош Ќириќ е политички научник, едукатор, писател и активист за човекови права. Дипломирал меѓународни односи на Универзитетот во Белград, магистрирал културна политика на Универзитетот за уметности во Белград и на Универзитетот Лумиер во Лион, Франција, и е магистер по медиумски студии на Универзитетот „New School“ од Њујорк.

Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.